Македонија
Невакцинираните деца не смее да одат во градинка – усвоени препораките за епидемијата на морбили
Владата на денешната редовна седница ја разгледа и усвои информацијата на Министерството за здравство, според која по предлог на Комисијата за заразни болести при Министерството е донесена одлука за прогласување епидемија на мали сипаници на целата територија на Република Северна Македонија.
Како што соопшти владината прес-служба, во согласност со постапката за вакви ситуации донесени се и соодветни препораки што предвидуваат строго почитување на мерката за забрана на посета на градинки на невакцинирани деца со МРП на територија на целата држава, како и почитување на протоколот за движење на пациентите со симптоми на мали сипаници со цел да се намали оптоварувањето на клиниките за инфективни болести и педијатрија и да се намали стапката на интрахоспитално ширење на инфекцијата.
Препораките предвидуваат сите невакцинирани здравствени работници, кои се во директен контакт со пациенти (особено педијатри, инфектолози и гинеколози), задолжително да бидат вакцинирани со две дози МРП.
Како посебно важна препорака се нагласува потребата од интензивирање на мерките за вакцинирање на невакцинирани деца преку спроведување кампањи за вакцинација и теренски активности за промоција на вакцинацијата спроведени од центрите за јавно здравје и надлежните служби од здравствените домови и да се понуди дополнителна вакцинација со МРП за сите невакцинирани, некомплетно вакцинирани и лица без доказ за вакцинација, кои се постари од 14, а помлади од 45 години.
Во информацијата за епидемијата на мали сипаници се наведува дека овие активности особено треба да се засилат во градовите надвор од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.
Македонија
Жичницата на Водно не работи поради силен ветер
Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје преку својата фејсбук страница информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер.
Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно., велат од ЈСП.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од претпријатието.

