Свет
СЗО: Бројот на заболени од мали сипаници е зголемен за четири пати, над 90 проценти не се вакцинирани
Светската здравствена организација соопшти дека бројот на заболени од мали сипаници ширум светот во првите три месеци од 2019 година е зголемен во однос на истиот период минатата година.
СЗО наведе дека епидемија има во сите делови од светот, а најдраматична е ситуацијата во Африка, над 700 проценти, пренесе Би-би-си.
„Вистинските бројки можат да бидат уште повисоки бидејќи глобално се пријавува само еден од 10 случаи на заболени“, наведе СЗО, од каде истакнуваат дека малите сипаници можат некогаш да доведат до сериозни здравствени компликации, вклучувајќи заболување на белите дробови и мозокот.
Украина, Мадагаскар и Индија се земји во кои се забележани десетици илјади случаи на милион жители.
Само на Мадагаскар од септември минатата година починале најмалку 800 лица.
Епидемијата ги погоди и Бразил, Пакистан и Јемен, предизвикувајќи бројни смртни случаи, главно деца, а дојде до зголемување на бројот на случаи во земји во кои бројот на вакцинирани лица е висок, вклучувајќи ги САД и Тајланд.
Во 170 земји забележани се 112.163 случаи на мали сипаници, додека во истиот период минатата година во 163 земји имало 28.124 случаи.
Поголемиот број заболени, 94 отсто, се невакцинирани, не се целосно вакцинирани или не е познат нивниот вакционален статус.
Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, и шефицата на УНИЦЕФ, Хенриера Форе, истакнуваат дека светот е среде криза на мали сипаници и за тоа е виновно ширењето конфузни и контрадикторни информации за вакцините.
Гебрејесус и Форе наведоа дека е разбирливо во таков амбиент родителите да бидат изгубени, но на крајот на краиштата нема расправа за суштинската корист од вакцините.
„Повеќе од 20 милиони животи се спасени благодарение на вакцините против малите сипаници, само од 2.000 година“, наведоа шефот на СЗО и шефицата на УНИЦЕФ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.
Свет
Американците понудиле безбедносни гаранции за Украина, Зеленски не е задоволен
САД му понудија на Киев 15-годишни безбедносни гаранции, но Украина сака повеќе и смета на период од најмалку 30 години, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Според него, Украина работи со сите партнери за безбедносни гаранции.
„Општо земено, ние сме блиску до тој проект. Имавме средба со американски сенатори. Рековме дека навистина сакаме да ги продолжиме безбедносните гаранции, за да бидат поефикасни за инвеститорите на кои им се потребни гаранции повеќе од пет до десет години“, рече Зеленски, пренесоа украински медиуми.
Тој додаде дека американската страна синоќапредложила гаранции од 15 години, додека Украина сака да додаде 20 години на тоа, за периодот да биде помеѓу 30 и 50 години.
„Зависи од тоа што ќе одлучат администрацијата и Конгресот, ќе видиме“, рече Зеленски.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.

