Македонија
Младите доктори активно се вклучуваат во сите актуелни и идни процеси во здравствениот систем
Министерот за здравство, Венко Филипче, се сретна со членови на повеќе здруженија на млади лекари и специјализанти. Во рамки на средбата беше презентиран извештај за актуелната состојба со морбили од професор Александра Грозданова, претседател на Комитет за имунизација, како и Милена Стевановиќ, директор на Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.
На средбата беше заклучено дека вакцинација е единствена и најдобра превентивна мерка. И за таа цел повторно беше потенцирана потребата секој здравствен работник да го провери својот вакцинален статус и доколку нема комплена вакцинација тоа може да го направи во центрите за јавно здравје.
Министерот Филипче потенцираше дека младите лекари се фокусот на Министерството за здравство и во тек се повеќе активности за подобрување на нивниот статус, квалитетот на едукацијата и условите во коишто работат.
Со измената на Законот за здравствена заштита, од оваа година првпат во нашата земја, секој млад лекар добива шанса да се ангажира во системот на јавното здравство. Тоа значи дека секој лекар кој ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа ќе биде вклучен во системот на здравствените домови, ќе биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот за патронажна нега. Со оваа реформа, младите лекари добиваат можност да стекнат искуство, да бидат платени за својата работа и да добијат можност за вработување веднаш по завршувањето на стажот.
Исто така, Министерството за здравство уште минатата година обезбеди средства за вложениот труд на приватните специјализанти, со што тие земаат плата за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар. Во текот на септември годинава ќе биде објавен и нов конкурс за приватни специјализанти. Договорено е ваков вид средби да се реализираат еднаш во месецот и на тој начин, преку конструктивен дијалог младите доктори ќе имаат можност активно да се вклучат во сите актуелни и идни процеси во здравствениот систем.
Грижата за специјализантите продолжува и во иднина. Министерството за здравство секогаш е отворено за соработка и комуникација со сите засегнати страни и чинители во здравствениот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај, Гази Баба и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 д 15.00 часот, дел од корисниците од село Љубин (општина Сарај), како и објектите на компаниите Мајами, Ана Компани, Мак лифт и Прилепска Пивара. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од улиците Никола Мартиновски и Азем Хајдари, Албанскиот Тетар и објектите лоцирани околу него (општина Чаир), како и дел од корисниците од село Бојане. (општина Сарај)
Македонија
Продолжува периодот на променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Наутро по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде променливо облачно, претпладне и кон крајот на денот со повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 15 до 19 степени.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува умерен југоисточен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност ќе продолжи периодот на променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Во петок и во деновите од викендот повторно се очекуваат пообилни врнежи од дожд (над 30 l/m² за 24 часа), локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на грмежи. Од недела утринските и дневните температури значително ќе опаднат, а на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од слаб снег
Македонија
Муцунски се сретна со еврокомесарката за проширување, Марта Кос
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево, во рамки на работната посета во Брисел, оствари средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
„На средбата беше потврдена силната посветеност на државата на евроинтегративниот пат, континуитетот во реформските процеси, како и носењето на законите што се составен дел од овој процес. Разговорот беше насочен и кон заедничките безбедносни предизвици и продлабочувањето на соработката во областа на безбедноста и одбраната“, соопшти МНР за средбата.
Еврокомесарката Кос ја изразила поддршката за европскиот пат на Република Северна Македонија и го поздравила континуитетот во реформите и фокусот на Владата по локалните избори.

