Спорт
Сега и официјално – Самсоненко крева раце од Вардар!
Тоа за што подолго време се шпекулира, денеска е и официјално потврдено – рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко по седум години на чело на РК Вардар, си заминува од клубот.
Во објава на официјалната веб-страница на РК Вардар, Самсоненко со соопштение вели дека по големите средства што ги вложил во клубот и ветената помош, не може да продолжи со финансирањето на клубот.
Под водство на Самсоненко, РК Вардар стигна до титулата европски шампион во 2017 година, освои 4 титули од регионалната СЕХА-лига, а ЖРК Вардар трипати беше бронзен, а двапати сребрен во големите европски финалиња.
Известувањето на Самсоненко во целост:
Почитувани граѓани, пријатели! Почитувана јавност!
Изминува веќе 7. година од моето раководење и финансирање на ракометот во државата почнувајќи од ЖРК Вардар во 2012 година и веќе во 2013 година приклучувајќи го и РК Вардар.
Од седумте години поминати во ракометот, за жал, изминува веќе третата година како јас лично се борам од ден на ден за издржување на клубот, со постојано задолжување и земање кредити. Покрај оваа борба што ја водам секој ден, зад мене има повеќе од 5.000 вработени во моите компании, кои ги издржувам со нивните семејства и кои не сакам да ги загрозувам, а веќе тоа се одразува со моето постојано задолжување за спортот.
Приходот што ракометниот клуб го има од страна на Европската ракометна федерација и од спонзори изминативе години не е ни 10 отсто од буџетот што јас го давам годишно.
Добив премногу ветувања дека за кратко ќе добијам помош за ракометот, но еве веќе, како што напоменав, измина и седмата година и таа помош ја нема.
Ова е причината поради која јас од следната сезона не сум во можност да продолжам со финансирањето на ракометниот клуб Вардар.
Во изминатите години РК Вардар како симбол на државата доминира во спортот. Вардар е и ќе биде национална гордост за секој граѓанин. Вардар стана европски првак во машка конкуренција во ЛШ во 2017 година и на нашата земја ѝ го донесе европското злато.
„Црвено-црните“, како што нè нарекуваат, ја освоија европската круна во Келн и никогаш нема да заборавам, ниту јас ниту сите граѓани, како во Скопје нè пречекаа илјадници луѓе и се поклонија за успехот на ракометарите.
Да не заборавиме дека 6 сезони во ЖРК Вардар донесоа: 6 првенствени титули, 5 купа на РМ, 5 учества во Лигата на шампионите, од кои трипати европска бронза и двапати го освоивме второто место.
Шест сезони во РК Вардар донесоа: 4 првенствени титули, 5 купа на РМ, 2 супер купа на РМ, 4 регионални СЕХА-титули, едно изгубено полуфинале во Лигата на шампионите и титулата со непроценливо значење – освојувачи на ЛШ во 2017 година.
Поради сето ова погоре, со ова мое искрено писмо отворено ги повикувам сите македонски бизнисмени да дојдат и да се приклучат кон финансирањето на ракометниот клуб.
Вардар е едната радост на нашата земја! Се надевам дека ова ќе допре до вашите срца и заедно ќе ја сочуваме нашата гордост!
Со почит,
Сергеј Самсоненко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Барселона го одбрани трофејот во Суперкупот на Шпанија
Фудбалерите на Барселона го одбранија трофејот во Суперкупот на Шпанија. Во финалето, во Џеда, го победија најголемиот ривал Реал со 3:2.
Вечните ривали, одиграа добар меч и покрај тоа што во првите 30 минути, двата тима ги одработуваа тактичките замисли на своите тренери. Во тој период две солидни шанси имаше Реал, преку Винисиус и Гонзало Гарсија. Двајцата лошо шутираа, па на голманот на Барселона, Џоан Гарсија не му беше тешко да ги одбрани нивните удари.
Барселона првата шанса ја имаше во 35-та минута, Рафиња излезе сам пред Курота,но реализицијата на Бразилецот беше ужасна. Една минута подоцна, од многу потешка позиција Рафиња успеа да погоди.
Потоа лудница во петте минути од судиското надополнување на времето. Магичен потег на Винисиус за 1:1, брилијантна асистенција на Педри за Левандовски, чии прием и реализиција беа уште подобри и за крај гол на Гонзало Гарсија за 2.2.
Вториот дел не донесе возбудувања, имаше и еден лош период, кога играчите на двата тима со прекршоци ја сечее играта на противникот.
Моментот на одлука се случи во 730та минута, кога Рафиња со многу среќа втор пат го совлада Куртоа.
И потоа повотрно лудница во судиското надополнување на времето. Де Јонг поради груб старт врз Мбапе доби црвен картон. Рашфорд во 95-та минута имаше шанса да го реши мечот, биеше крај голот.
Во 96-та Карерас од 10 метри, не успеа да изедначи, ударот беше слаб и одеше директно во голманот на Барселона, а во 97-та минута, Раул Асенсио се обиде со глава, но и неговиот удар лесно го скроти Џоан Гарсија.
Foto/ EPA
Спорт
Крај на сезоната за Конор Бредли
Фудбалерот на Ливерпул, Конор Бредли, ја завеши сезоната, по повредата со која се здоби во четвртотокот, против Арсенал (0:0). Дефанзивецот ќе мора да го оперира повреденото колено на левата нога, објави денес шампионот на Англија.
„Бредли заработи повреда на коленото во последните минути од натпреварот од Премиер лигата на гостински терен против Арсенал во четвртокот навечер. Бредли ќе биде опериран во наредните денови, а потоа ќе започне период на рехабилитација. Во оваа фаза од процесот, не е одреден временски рок за негово враќање во игра“, се вели во соопштението на Ливерпул.
Англиските медиуми објавија дека сезоната е завршена за 22-годишниот десен бек.
Потврдата за сериозноста на повредата на Бредли дојде по инцидентот во судиското продолжение. Напаѓачот на Арсенал, Габриел Мартинели, го турна дефанзивецот додека тој лежеше повреден на теренот, непосредно пред да биде изнесен на носилки.
На Мартинели му беше покажан жолт картон од судијата Ентони Тејлор, а потегот на бразилскиот крилен напаѓач беше жестоко критикуван од јавноста и предизвика гнев кај играчите на Ливерпул.
Подоцна кога дозна за сериозноста на повредата на ривалот, Мартинели јавно се извини за непримерниот гест.
Спорт
(Видео) Баерн против Волфсбург броеше до осум
Како што се очекуваше, фудбалерите на Баерн го победија тимот на Волфсбург во последниот натпревар од 16-то коло на Бундеслигата. Баварците го декласираа ривалот со 8:1.
Баварците воспоставија контрола од првата минута, имаа многу поголем посед на топката, но гостите од Долна Саксонија беа подеднакво опасни во првото полувреме пред голот на Мануел Нојер.
Баерн поведе многу рано со автогол на Килијан Фишер, но Волците брзо возвратија преку Џенан Пејчиновиќ, талентиран 20-годишен германски фудбалер по потекло од Црна Гора.
По половина час игра, Луис Дијаз, на асистенција на Олисе, повторно го доведе домашниот тим во водство, а во второто полувреме, баварската машина едноставно ги здроби гостите, Мајкл Олисе (двапати), уште еден автогол (Мориц Јенц), Рафаел Гереро, Хари Кејн и Леон Горецка донесоа повеќе од убедлив триумф.
Со оваа победа, Баерн ја зголеми својата предност на табелата, откако второпласираната Борусија Дортмунд освои само бод во Франкфурт против Ајнтрахт во петокот (3:3), додека Баер Леверкузен беше неочекувано убедливо поразен пред своите навивачи против Штутгарт (1:4).
Баварците сега имаат 44 бода, 11 повеќе од тимот од Дортмунд на второто место на табелата.
Foto/ EPA

