Регион
Во Косово вратени со авион десетици жени и деца на џихадисти од Сирија

Дестици жени и деца, членови на семејствата на косовски џихадисти кои војувале во Сирија, со авион биле вратени во Косово, а целата операција била спроведена под големи безбедносни мерки.
„Планираната операција за враќање на некои наши граѓани од Сирија успешно е завршена“, изјави косовскиот министер за правда, Абелрад Тахири од аеродромот, пренесе „Индекс.хр“.
Тој најави дека деталите ќе бидат познати кон крајот на денот.
По неколку часа поминати на аеродромот, два автобуси со жени и деца биле насочени кон воената база во близина на Приштина под големи безбедносни мерки.
Повеќе од 300 косовски граѓани, мажи, жени и деца, заминале за Сирија во 2012 година. Околу 70 мажи кои војувале на страната на исламистичките екстремисти биле убиени за време на немирите. Полицијата нагласи дека околу 150 жени и деца, вклучувајќи и 60 деца кои се родени на боиштата, биле заробени откако џихадистичката група „Исламска држава“ ги губела своите подрачја.
Останува нејасно дали до денеска се вратени сите државјани на Косово од боиштата на Блискиот исток. Ниту министерот, ниту пак полицијата не дадоа одговор за тоа дали во Косово се вратиле борците.
Меѓународната и локална безбедносна агенција претходно предупреди на ризикот кој го претставуваат повратниците. Во 2015 година, Косово изгласа закон со кој учеството во странските војни се казнува со казна до 15 години затвор.
Во косово немало напади на исламисти, но стотици мажи се уапсени или обвинети поради војувања во Сирија и Ирак, а дел од нив се осудени бидејќи планирале напади во Косово.
Владата напомена дека одреден облик на радикален исламизам бил увезен во Косово по пат на невладини организации од Блискиот исток кои делувале во земјата, по војната во 1998 година и прогласувањето на независноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Грчкиот парламент денес гласа дали ќе го воведе најдолгиот работен ден во Европа

Грчките пратеници денес треба да гласаат за контроверзна реформа што би ѝ овозможила на централно-десничарската влада да воведе 13-часовен работен ден до 37 дена во годината под одредени услови.
Грција беше делумно парализирана двапати, на 1 октомври и вчера, од општ штрајк против законот, кој синдикатите го нарекоа „достоен за средниот век“.
Опозицијата и синдикатите протестираа против мерката, која ја застапува министерката за труд и социјална сигурност Ники Керамеус, а која би им овозможила на вработените да работат до 13 часа на ден за истиот работодавач за дополнителни 40 проценти од нивната плата.
Во земјата, која се опорави од финансиската криза, но чија економија останува ранлива, таква можност веќе постои, но само ако вработениот работи за два или повеќе работодавачи, објавува агенцијата Франс Прес.
Сегашното законско работно време во Грција моментално е осум часа, со можност за три часа прекувремена работа.
Се очекува само партијата Нова демократија (НД) на премиерот Киријакос Мицотакис, која е на власт од 2019 година, да гласа за новиот закон, но тоа ќе биде доволно за да се усвои реформата, бидејќи централно-десничарската политичка група има 156 од 300 места во грчкиот парламент.
Мерката би се применувала само „до 37 дена во годината“ и би била доброволна, нагласи министерката за труд, нарекувајќи го дискурсот на опозицијата за 13-часовен работен ден „неточен и погрешен“. Керамеус верува дека тоа сугерира дека „сите ќе работиме 13 часа на ден во текот на целата година“, изјави таа за телевизијата Скај.
„Дали е тоа вистина? Не е. Ова ќе овозможи до 37 дена работа годишно, или просечно три дена месечно“, додаде таа. Вработените во јавниот и приватниот сектор двапати излегоа на улиците за да го осудат она што Синдикатот на грчките работници (ГСЕЕ) го нарече „понатамошно влошување на веќе длабоко проблематичната ситуација“.
Во него се предупредува дека е наивно да се верува дека вработените ќе можат да одбијат да работат 13 часа „со оглед на неурамнотежениот однос меѓу работодавачот и вработениот“ и влошувањето на „несигурноста што преовладува на пазарот на трудот“. Синдикатите, исто така, предупредуваат дека ова ќе го наруши правото на 11-часовен дневен одмор, особено ако се вклучи времето за патување до работа.
Според Евростат, неделното работно време во Грција (39,8 часа) е поголемо од вкупниот просек на Европската Унија (35,8 часа). Грција веќе ја воведе опцијата за шестдневна работна недела, особено во случаи на голема побарувачка во сектори како што е туризмот.
фото: принтскрин
Регион
Речиси 13.000 работници од Филипините пристигнаа во Хрватска оваа година

Министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, денес ја претстави Неделата на хрватско-филипинско пријателство во Манила со цел зајакнување на работничките права и обезбедување работни места, објави Министерството за надворешни работи.
Тој информира дека од вкупно 136.194 издадени дозволи за престој и работа од почетокот на годината до 30 септември, 12.809 работници, или 9,4 проценти, потекнуваат од Филипини. Ова ги става на четврто место, зад граѓаните на Босна и Херцеговина, Непал и Србија, според податоците од Министерството за внатрешни работи.
„Со оглед на растечкиот број филипински работници во Хрватска, луѓето претставуваат можеби највредниот аспект на сè поблиските односи меѓу двете земји“, изјави хрватскиот министер.
Регион
Претседателството на БиХ едногласно го номинира Трамп за Нобелова награда за мир

Претседателството на Босна и Херцеговина денес едногласно одлучи да го номинира американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир истакнувајќи ја неговата „посветеност на воспоставување траен мир во Појасот Газа“, пишува „Кликс.ба“.
Оваа одлука, која претставува прва официјална номинација за претстојниот циклус на доделување на престижната награда, е донесена со консензус на сите тројца членови на Претседателството – Денис Беќировиќ, Жељко Комшиќ и Жељка Цвијановиќ.
Во образложението се наведува дека американскиот претседател одиграл клучна улога во посредувањето меѓу израелската и палестинската страна, а неговите дипломатски напори резултирале со прекин на конфликтот и отворање на патот за нов мировен процес на Блискиот Исток.
Денешната одлука дојде речиси два месеца откако Жељка Цвијановиќ првпат презентира предлог за номинација. Нејзиниот предлог беше одбиен во август бидејќи не ги исполнуваше потребните формални критериуми.
Да потсетиме дека предлогот на Жељка Цвијановиќ дури и не беше вклучен на дневен ред на седницата на Претседателството во август оваа година. Членовите Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ потоа сметаа дека предлогот не е формално комплетен, односно дека му недостигаат објаснување и процедурални елементи потребни за официјална номинација.
Кабинетот на Беќировиќ потоа изјави дека „никој не го оспорува правото да се дискутира за предлогот, но дека документите мора да бидат подготвени на сериозен начин“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, неодамна одигра клучна улога во мировните преговори, што резултираа со прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, ослободување на заложниците и отворање хуманитарни коридори. Неговата администрација го посредуваше договорот со поддршка на Египет и Турција, а многу меѓународни медиуми го опишаа како „историски дипломатски пробив“.
По денешната одлука, се очекува Претседателството на БиХ набргу и официјално да ја достави номинацијата до Нобеловиот комитет во Осло.
Фото: ЕПА