Македонија
Претпладне сончево, попладне врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне облачноста од запад ќе се зголемува, а кон крајот на денот во западните делови ќе има врнежи од дожд, информира УХМР.
Во текот на ноќта врнежите ќе се прошират насекаде и на места ќе бидат поинтензивни. Од пладне ќе дува умерен, а по должината на Повардарјето повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 17 до 23 степени.
Утре претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а преку денот ќе дува засилен ветер од југоисточен правец. В среда ќе настапи преодно стабилизирање на времето. Од четврток до недела ќе биде значително потопло, но во попладневните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално со поинтензивни процеси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Аеродром со нова алатка за директна оцена на нејзината работа од граѓаните
Општина Аеродром воведува нов, транспарентен и целосно анонимен начин преку кој граѓаните ќе можат да дадат оцена и мислење за квалитетот на работењето на Општината, како и за работата на секој вработен поединечно.
„Целта на оваа иницијатива е директно вклучување на граѓаните во процесот на унапредување на локалната самоуправа, преку идентификување на позитивните практики, како и на областите во кои постои простор за подобрување. На тој начин, Општина Аеродром се стреми кон поефикасно, поодговорно и поотворено институционално работење.
Анкетата е кратка, трае помалку од една минута, целосно е анонимна и при нејзиното пополнување не се прибираат лични податоци. Граѓаните можат да учествуваат со скенирање на QR-кодот поставен на официјалните информативни банери, по што се отвора кратка анкета што се пополнува со неколку клика“, велат од општина Аеродром.
„Секоја оцена, мислење и искуство од граѓаните ќе послужи како значајна основа за унапредување на услугите и за подобрување на вкупниот квалитет на работењето на општина Аеродром.
Општина Аеродром изразува благодарност до граѓаните за укажаната доверба и за активното учество во процесите што придонесуваат кон развој на поодговорна и сервисно ориентирана локална самоуправа“, се додава во соопштението на општина Аеродром.
Македонија
Прекинат прагот на алармирање, престануваат да важат мерките и препораките за загадувањето
Прекинат прагот на алармирање, престануваат да важат мерките и препораките за загадувањето, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Согласно податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на ден 22.12.2025, среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 mg/m3 и епизодата со надминување на прагот на алармирање за РМ10 честички е прекината во Скопје и Струмица“, се наведува во соопштението.
Од Министерството велат дека мерките и препораките за надминат праг на алармирање се прекинуваат.
Македонија
Хуманитарен настан за одбележување на 15 години од формирањето на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство
Денеска во Кино Фросина – МКЦ ќе се одржи хуманитарен настан по повод одбележување на јубилеј – 15 години од формирањето на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Настанот ќе започне во 18:30 часот и е од хуманитарен карактер, а прибраните донации од истиот се предвидени за Интервентниот женски фонд наменет за помош на жени кои се жртви на насилство и кои сакаат да ја напуштат насилната средина.
Националната мрежа која во себе брои 25 организации членки, го одбележува јубилејот 15 години од своето основање и активна работа на препознавање и заштита на жените од родово базирано насилство вклучително и семејно насилство, фемицид како и застапување на интересите на жртвите.
Донација кон Интервентниот женски фонд може да остварите преку купување на билет ТУКА.

