Македонија
(Видео) Таткото на Саздовски: Родителите да кажат каде е третиот осомничен, кој е во бегство

Ни една мајка не треба да го закопа својот син, казната е толкава колку што е предвидено во законот. Не можам да кажам дека не сум задоволен. Од ова видовме дека колку-толку правдата може да биде задоволена. Се надевам дека друг повисок суд нема да ја преиначи казната, рече таткото на Никола Саздовски, Тони Саздовски.
„На родителите би им порачал да го кажат и третиот осомничен, кој е во бегство, сигурен сум дека знаат. Да не останат нивните деца сами во затворот. За Никола повеќе нема враќање, сите што го знаеа, знаат дека не беше насилник, сакаше да другарува со сите“, рече Саздовски.
Тој исто така рече дека материјалната штета, доколку биде исплатена, ќе биде донирана во хуманитарни цели.
„Другарите на Никола организираат турнир во мал фудбал, се надеваме дека ќе биде традиционален. Парите ќе одат во оваа насока и за други хуманитарни акции. Треба да остане сеќавање за вакви работи повеќе да не се случуваат“, рече Саздовски.
Кривичниот суд во Скопје им одреди по 19 години затвор на Бесим Беља и Скендер Демири, кои на 29 јуни минатата година безмилосно го претепаа 20-годишниот Никола Саздовски, член на навивачката група „Комити“, на автобуската станица во Автокоманда.
Во текот на постапката обвинетите се изјаснија дека не се виновни за смртта на Саздовски. Нивните бранители тврдеа дека смртта не настанала од ударите, туку од падот на Саздовски врз металната кутија што се наоѓала непосредно до местото на немилиот настан. Беља, Демири и Јетон Љужа, кој е во бегство, на 29 јуни 2018 година, околу 17.45 часот, на булеварот Александар Македонски, во населбата Автокоманда, на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“, му пристапиле на Саздовски и му побарале лична карта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мисајловски и генералот Лафчиски со вработените во Министерството и припадниците на Генералштабот по повод 18. Август – Денот на Армијата

Денеска (15 август) пред платото на Министерството за одбрана и Генералштабот, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски по повод Денот на Армијата се обратија пред вработените при што ја истакнаа нивната професионалност и посветеност на службата.
Министерот Мисајловски изрази почит и благодарност до сите жени и мажи во Министерството за одбрана и Армијата кои, како што рече, посветено работат за државата, нејзината безбедност и сигурност.
„Пожртвуваноста на припадниците на Армијата при справувањето со секојдневните предизвици за заштита на македонските граѓани е јасна и препознаена од македонските граѓани. Тие имаат силна доверба во вас и ви оддаваат почит и признание – за вашата храброст и посветеност. Вредностите кои секој припадник на Армијата ги покажува секојдневно, се вредности кои ги негувате и вие – офицерите и подофицерите во Генералштабот и вработените во Министерството за одбрана кои со посветеноста, професионалноста и интегритетот кој го имате го градите имиџот и на Министерството и на Армијата“, рече тој.
Министерот истакна дека „изминатиов период се започнати многу проекти, голем број проекти завршивме, како инфраструктурни, така и проекти за опремување и модернизација на македонската Армија“ и додаде дека следниот период особено внимание ќе се посвети на подобрување на условите на работа за секој вработен, затоа што „одбраната на државата зависи од секој еден од вас.“
Генералот Лафчиски порача дека „18. Август е денот кој ги обединува сите денови на командите и единиците кои ги славиме во Армијата, тоа е празникот кој го празнуваат сите сегашни и сите поранешни припадници кои што во изминатите 33 години придонесоа во изградбата на модерната Македонска Армија.“
За време на свеченоста, делегација од Министерството и Генералштабот предводена од министерот Мисајловски и делегација од семејствата на загинатите бранители, положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето на загинатите бранители пред зградата на Министерството, оддавајќи им почит и благодарност за нивната пожртвуваност и храброст.
Претходно, делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот, како и претставници од кабинетот на Претседателката, Собранието, Владата и Организацијата на резервни воени старешини положија венци со свежо цвеќе на Партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, на гробот на поранешниот претседател Киро Глигоров и на гробот на генерал Михаило Апостолски.
На свечениот собир на вработените Министерството за одбрана и Генералштабот присуствуваа и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова, директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, вработени во Министерството и Генералштабот и останати гости.
Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се реализира на 18 август во касарната „Јане Сандански“ во Штип.
Македонија
МВР: Не се води никаква постапка против Билјана Ивановска

Во врска со случајот со Билјана Ивановска поранешна претседателка на Антикорупциската комисија, Министерството за внатрешни работи известува дека против неа МВР не води никаква постапка.
„За сите пријави и постапки кои што ги води Обвинителството, тоа е единствено надлежно за одговори во врска со истите“, велат од МВР.
„11 часа по објавувањето на мојата кандидатура за градоначалничка на општина Центар, полицајци затропаа на мојата врата“, објави поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и актуелна независна кандидатка за градоначалник на општина Центар.
Во врска со пријавата против Ивановска, Обвинителството соопшти:
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.2.2025 година и презема дејства за да ги провери наводите. Како едно од дејствата е испитување на наведеното лице, кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од Обвинителството е испратена на 25.7.2025 година и на ниеден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“.
Македонија
Поради пожар целосно прекинат сообраќајот кон ГП Јажинце и преминот на границата во двата правци

Министерството за внатрешни работи известува дека поради пожар во близина на Јажинце, прекинат е сообраќајот на патниот правец Тетово – ГП Јажинце кај село Рогачево, во двата правци, а затворен е и граничниот премин Јажинце.
Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции презема мерки за гасење на пожарот.
„Апелираме до граѓаните да не тргнуваат кон ГП Јажинце до гасењето на пожарот и нормализирање на сообраќајот, за што соодветно ќе ја информираме јавноста“, велат од МВР.