Свет
Белгијка вдомила повеќе од 100 илегални мигранти во својата градина

Една жена во белгиското село Спи предизвика контроверзии меѓу преостанатите жители давајќи им прибежиште на 100-ина мигранти во својата градина додека се обидуваат нелегално да стигнат до Велика Британија, пренесува РТЛ.
Жената, идентификувана само како Амелин, вдомила голем број мигранти на својот имот во поголемиот дел од годината, но нивниот број толку се зголемил што сега има речиси стотина, претежно африкански мигранти, кои кампуваат во шатори во областа. Амелин и нејзиното семејство ги хранат, сместуваат и ги чистат за мигрантите.
„Даваме сè од себе, тие се чисти… ние сме секогаш зад нив, но и нам не ни е лесно, почнуваме да стануваме исцрпени“, вели Амелин.
Иако најмалку еден сосед ѝ помага на Амелин, неколку други бараат од полицијата да дејствува и да ги премести илегалните мигранти од селото, а еден жител тврдел дека кампот мириса страшно во текот на летото.
Амелин се обидела да ги смири соседите со преместување дел од шаторите за мигранти на блискиот автопат, каде што мигрантите честопати се обидуваат да се качат на некој од камионите што се упатени кон Велика Британија.
И други области во Белгија се справуваат со мигрантските кампови, некои во јавни паркови, како што се паркот „Максимилиен“ во Брисел, каде што организираните банди минатата година создале интимни простори за мигрантите да имаат секс со локалните проститутки.
Паркот исто така стана центар на криминалот и насилството, а еден полицаец службеник бил прободен кога се обидел да разбуди пар мигранти.
Повеќето од мигрантите активно се обидуваат да стигнат до Велика Британија наместо да останат во Белгија. Ова го навело шефот на полицијата во Круибеке, Вим Питераренс, да се праша зошто неговите службеници треба да ги задржат и да не им дозволат да преминат во Велика Британија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.