Македонија
Масовна акција за расчистување на дивите депонии во Скопје
Неколку илјади граѓани, вработени во градската администрација, општините и јавните претпријатија, студенти од сите скопски универзитети, претставници од невладиниот сектор и од дипломатските претставништва, како и ученици во средните и од основните училишта, се вклучија во масовната акција за расчистување диви депонии на територијата на Скопје, која се одвива денеска во 10-те скопски општини. Во акцијата за чистење на локацијата пред хотелот „Вип“ се вклучија градоначалникот Петре Шилегов и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

„Со масовноста на оваа акција сакаме да го привлечеме вниманието на граѓаните и да укажеме на штетноста од несовесното постапување со отпадот и опасноста од создавањето диви депонии. Депониите не само што ја загрозуваат животната средина туку претставуваат и директна закана за здравјето на граѓаните. Државниот завод за статистика неодамна објави податок дека eден жител во земјата во текот на минатата година создал 412 килограми отпад, што е 8,6 натсто повеќе од 2017 година. Токму поради тоа, Град Скопје годинава почна процедура за набавка на 540 статични контејнери за одлагање комунален отпад со капацитет од 3.200 литри“, рече Шилегов.
Тој додаде дека овој тип контејнери првпат се набавува во Град Скопје, а нивната најголема предност, покрај многубројните унапредени функции, е тоа што собираат трипати повеќе отпад од класичните контејнери што во моментот се користат во градот.
„Ќе ја искористам оваа можност да упатам апел до моите сограѓани одговорно да постапуваме со отпадот и да го оставаме исклучиво на местата што се предвидени за тоа. Чистотата на нашиот град зависи, пред сè, од одговорноста на секој од нас поединечно. Скопје може и мора да биде чист град, а тоа се постигнува само со одговорно однесување со ѓубрето што го создаваме. Само заедно можеме да си ја обезбедиме чистата иднина, заради нашето здравје, заради здравјето на нашите деца“, нагласи Шилегов.
Акцијата со мото „Биди дел од чиста иднина“ е во организација на ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје. На активностите за чистење се придружија и вицепремиерот Бујар Османи, заменик-амбасадорката на САД, Микаела Швајцер Блум, и амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние.
Акцијата денеска се одвива истовремено на следниве локации:
Општина Гази Баба: улица 808, од ресторанот „Дојрана“ кон „Фершпед“;
Општина Аеродром: Транспортен центар кон ФПИОМ и кејот;
Општина Кисела Вода: сала „Расадник“;
Општина Центар: пред хотелот „Вип“ наспроти МТВ и потегот кон МКЦ и кон МАНУ;
Општина Карпош: семафорите пред Момин Поток, потегот кон Амбасадата на САД;
Општина Ѓорче Петров: игралиштата кај насипот, лево по семафорите кај „Тинекс“;
Општина Сарај: паркот во близина на Општината;
Општина Чаир: Топаана, раскрсницата меѓу улицата Џон Кенеди и булеварот Македонско-косовска бригада;
Општина Бутел: Серава, потегот кон Домот „25 Мај“
Општина Шуто Оризари: Последна станица на автобусот со број 19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.
Македонија
Левица ќе поднесе интерпелација за антикорупционерката Цвета Ристовска
Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, најави интерпелација за членката на Антикорупциската комисија (ДКСК), Цвета Ристовска. Интерпелацијата, како што велат од Левица, доаѓа по скандалите коишто деновиве ги изнесе на виделина партијата, но и низата скандали коишто ја пратат Ристовска веќе месеци наназад.
„Не знаеме кој по ред скандал е ова со членката на ДКСК, Цвета Ристовска“, рече Крмов и образложи дека во анкетниот лист што Ристовска го поднела во 2024 година при стапување на функција, не биле пријавени две фирми на нејзините деца, Буcт ДООЕЛ и Буcт Медиа ДООЕЛ. Според Крмов токму овие фирми за време на претседателската изборна кампања добиле околу 2,2 милиони денари од ВМРО-ДПМНЕ.
„Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, ја бранеше Ристовска дека наводно законот не ја обврзува бидејќи не живеела со децата“, рече Крмов и посочи дека ваквото објаснување е контрадикторно, бидејќи во анкетниот лист бил пријавен друг имот на нејзините синови, но не и фирмите што создава сомнеж дека токму тие биле свесно изоставени.
„Значи, или Ристовска не го познава законот или, децата фактички со неа. Таа е обврзана, но свесно ја испуштила таа фирма затоа што имаме директно конфликт на интереси, каде најголемата политичка партија, којашто е моментално на власт, фактички добила тендер за изборите“, кажа пратеникот.
Крмов потсети дека има и редица други примери во кои не се реагира или се заташкуваат на случаи на функционери на ВМРО – ДПМНЕ. Меѓу нив посочи на случајот со директорот на СОЗР, Ивица Томовски, поврзан со фирмата „Сити Аутсорсинг“, а претходно „Сити Логистик“, основана од таткото на Томовски, која добила државни тендери во вредност од околу 5,3 милиони евра, а случајот, како што рече, е заташкан. Исто така, потсети и на случајот со директорот на АНБ, Бојан Христовски и сомнежите за неговата фалсификувана диплома и непоседување на невалиден ТОЕФЛ сертификат.
„Убаво го паметиме случајот за директорот на АНБ, Бојан Христовски, каде што излезе дека Ристовска била предавач на истиот факултет, на истиот приватен универзитет каде што тој наводно заврши, бидејќи имаше анонимна пријава дека му е фалсификувана. Прво беше дека не била предавач, па после била предавач, па после од истиот универзитет нејзината слика беше отстранувана, па потоа сликата беше враќана, па предметот за Христовски падна кај неа. Некако интересно е како предметите на високи функционери, блиски до ВМРО – ДПМНЕ, секогаш завршуваат баш кај Цвета Ристовска“, истакна Крмов.
Од Левица најавуваат дека интерпелација е веќе подготвена и ќе биде поднесена во наредните денови, со цел да се отвори институционална одговорност за работата на членката на Антикорупциската комисија и да се спречи натамошна партизација и селективна правда.
Македонија
Василевска и Вајц во Скопје: Дијалог за реформите и европската перспектива на земјата
Копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет РСМ и ЕУ, Иванка Василевска се сретна со известителот на Европскиот парламент за нашата држава, Томас Вајц, кој престојува во работна посета на Скопје.
На средбата беа разменети мислења за актуелните политички состојби и динамиката на спроведување на реформската агенда, во контекст на европската интеграција. Во текот на разговорите беше даден осврт на клучните реформски приоритети, како и можностите за дополнително унапредување на реформските процеси во наредниот период.
Известителот на Европскиот парламент информираше за тековните и претстојните активности во рамки на подготовката на извештајот за земјата, вклучително и фазите на собирање информации, како и постапката за разгледување и усвојување на извештајот во надлежните тела на Европскиот парламент.
На средбата беше истакната важноста од одржување на континуиран дијалог и соработка со европските институции имајќи ја предвид европската перспектива на земјата.

