Македонија
Сиљановска: Мислам дека доволно ги инспирирав граѓаните за да гласаат во вториот круг
Мислам дека доволно ги инспирирав граѓаните во првиот изборен круг за да излезат и во вториот изборен круг, изјави кандидатката за претседател, Гордана Сиљановска-Давкова.
„Мислам дека во вториот изборен круг ќе бидат похрабри оние врз кои се вршеше притисок исто така мислам дека во вториот изборен круг оние што имаа дилеми, ги разрешија дилемите. Јас веќе настапив во „Јавна соба“ разговарав отворено и спремна сум со сите да се соочам. Оние кои мислеа дека не вреди да се излезе на овие избори, охрабрувачки е, ги гледате дебатите и не би сакала да ги коментирам. Јасен е резултатот, мислам дека сме на прав пат и дека на 5-ти мај ќе има основ да се слави, и не зошто за прв пат жена победила во Македонија на претседателски избори, туку затоа што јас верувам дека треба да се вреднува знаењето, умот, одговорноста, блискоста до граѓаните, скромноста ако сакате и дека тоа е демократската добитна комбинација“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека граѓаните го имаат нејзиниот збор и од првиот ден ќе биде со нив и нема да заборави дека не би постигнала ништо без поддршката на гласачите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ: Кога веќе следите, зошто не објавите фотографии од Дубаи
„Дали граѓаните забележаа дека ВМРО и нивните соработници, коалициони партнери, петтоколонаши од ЗНАМ и останати не демантираат ниту едно соопштение на СДСМ?
Освен примената на препишувачката, ресавската, ќаци-школа во рамки на СНС кампањата „copy-paste“, диригирана од нивната централа, со сензационалистички таблоидни наслови како „Шокантно разоткривање“, тие не даваат одговори на поставените прашања.
Овие наслови што ВМРО ги користи за своите соопштенија, а Геро (новиот министер во сенка за пропаганда) за своите текстови, најдобро ја опишуваат нивната „таблоид акција““, велат од СДСМ.
Дали сега, како што додаваат во соопштениетот, на сите им е јасно дека никој од нив не обрнува внимание на доказите што досега ги презентираше АКТ.
„Дали сега на сите им е јасна ДЕФОКУС кампањата што ја водат преку своите текстови?
Нивната тема повторно е виза за Дубаи и измислени згради!
Зошто нема одговори за наместените тендери?
Каде се одговорите на прашањето „мигранти за пари“?
Ги нема, затоа што би морале да признаат сè што објавивме. Наскоро ќе дојде ден кога на овие прашања ќе мора да дадат одговори – но тогаш во Обвинителството.
Она што секој граѓанин може сам да го провери онлајн е дека нема таков лет за Дубаи.
Сега, кога веќе сите граѓани знаат дека ги користат безбедносните служби за следење на претседателот на СДСМ, се поставува едно прашање:
Зошто не објават фотографии од Дубаи?
Ги нема. Да објават, на пример, фотографии од авион за Дубаи? Ги нема.
И порачуваат на владејачката партија дека повеќе не можат да ги лажат граѓаните.
„Разоткриени сте!
Вистината и правдата ќе победат!
Борбата започна и трае!
Сите ќе одговарате за криминал и корупција“, порачуваат од СДСМ.
Македонија
(Видео) Апасиев: Не може лекар да одговара за лекарска грешка, а судија да не одговара за непримена на право
Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, на собраниска седница го критикуваше предложениот закон за судството оценувајќи дека станува збор за козметички, а не за суштински промени, кои нема да ја искоренат корупцијата во правосудството.
„Како што велеше често на предавањата почитуваната професорка, која што го спомна патем и овој закон во годинешното обраќање, правен илузионизам е да сметаме дека ние со промена на законот ќе ја промениме и перцепцијата за судството и корупцијата во судството“, порача Апасиев, потсетувајќи на римската мисла „Corruptissima respublica, plurima leges“ – колку повеќе закони толку повеќе корупција.
Тој посочи дека во Македонија има околу 800 важечки закони кои создаваат „каша-попара“ во правниот систем, до степен што, како што рече, „и самите судии не знаат кои одредби важат, а кои се укинати“.
Според него клучниот проблем е што законот не го воведува изборот на најдобриот кандидат за судија како задолжителен критериум. „Ако сакаме објективни критериуми, има да воведеме првиот од ранг листата да мора да биде избран, да не зависи од волjата на овие во Советот“.
Апасиев предложи радикални резови како ограничување на мандадтот на судиите на девет години без можност за реизбор, воведување на објективни критериуми за автоматско разрешување како и укинување на фактичката неодговорност на судиите. „Не може лекар да одговара за лекарска грешка, а судијата да не одговара за незаконска примена на правото“.
Во своето излагање се задржа и на слободното судско уверување кое го нарече „системска корупција“.
„Сум бил сведок, како тогашен асистент, кога го фатија еден судија со две искуцани пресуди. Едната одбивателна, другата усвојувачка. И сега кој ќе даде повеќе пари, таа ќе ја пушти. Па зошто ќе ја пушти? Па ќе ја пушти оти има слободно судиско верување“, кажа пратеникот.
Апасиев предупреди и на непостоење на антинепотистички механизми во правосудството и истакна дека цели апелациони подрачја се окупирани, од како што рече, фамилијарни кланови.
„Не може мајката да е судијка, синот адвокат, ќерката е во обвинителството, мажот е нотар, зетот е извршител. До кога така? Барем на ниво на апелационно подрачје имаме правна можност како држава да го решиме, а да не биде дискриминација, нели? Детето на судија нема да биде адвокат во истото апелационо подрачје на неговата мајка. Многу елегантно можеме тоа да го решиме, но не сакаме, немаме политичка волја тоа да го направиме“, посочи тој.
Како дополнителни системски слабости ги наведе заедничката обука на судии и обвинители, недостатокот на централна база на судиски одлуки, непостоење на јавни биографии на судиите, слабата дигитализација и ниските плати на судските службеници.
„Се правиме при очи слепи. Со вакви закони не се чисти византиска корупција“, заклучи Апасиев.
Македонија
Собранието го донесе предлог-законот за Судскиот совет
Собранието го донесе Предлог Законот за Судски совет со 73 гласови ,, за” и 1 ,, воздржан“, информираат од Министерството за правда.
Овој закон, како што појаснуваат, ја поставува основата за силен, независен и транспарентен Судски совет, со цел да ја зајакнеме довербата на граѓаните во судството.
„Клучни новини: Јавност во постапката за разрешување на претседател на Советот.
Прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“.
Јавна расправа при избор на кандидати за не-судски членови за поголема транспарентност.
Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови од редот на судиите.
Јасни правила за дисциплинска одговорност на судиите и членовите на Советот.
Обврска за образложени одлуки при избор и утврдување одговорност на судиите.
Рокови за преземање дејствија и прецизирање на постапката за жалба против одлуки на Советот.
Бројни други решенија во согласност со препораките на ЕУ“.
Со реформите што ги преземаме, Судскиот совет, додаваат од ресорното министерство, ќе биде силен гарант за владеење на правото и доверба во судството.

