Свет
Асанж го обвини дипломатскиот персонал на Еквадор во Лондон за шпионирање
Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, поднесе кривична пријава во Еквадор обвинувајќи го дипломатскиот персонал во лондонската амбасада дека го шпионирале пред да ги му ги пренесат незаконски добиените податоци на трето лице за изнуда, пренесува РТ.
Владата на Ленин Морено ја нарушила приватноста на Асанж со тајно снимање на неговите дневни активности почнувајќи од март 2018 година, се вели во тужбата поднесена во понеделникот во Еквадор во име на Асанж.
Во документот се наведува дека шпионажата била спроведена со помош на „Промсекјурити“, приватна фирма која управува со електронскиот надзор во Амбасадата на Еквадор во Лондон.
Именувајќи тројца претставници на дипломатската мисија, вклучувајќи го и амбасадорот Хаиме Маршан, како и четворица членови на „Промсекјурити“, во тужбата се тврди дека владата повредила најмалку четири точки од еквадорскиот закон со незаконско следење на активностите на Асанж.
Оние што се вклучени во шпионирањето се обиделе да изнудат 3 милиони евра од „Викиликс“, заканувајќи се дека ќе објавуваат аудио, видео и лични документи на Асанж. Еквадорскиот закон предвидува казни до пет години затвор за секое прекршување споменато во тужбата.
„Прашањето е многу чувствително и комплицирано”, изјави еквадорскиот адвокат Карлос Поведа откако ја поднесе тужбата во Кито, барајќи од судството да го испита случајот. Адвокатот не откри кому биле пренесени личните информации за Асанж, но посочи дека шпанските власти веќе ја испитуваат шемата за изнуда.
Наводите во тужбата се контрадикторни со верзијата на настаните презентирани од страна на претседателот Морено, кој го обвини Асанж дека се обидувал да формира центар за шпионирање во амбасадата пред да му биде суспендиран азилот на 11 април.
„Викиликс“ ги негираше овие тврдења, велејќи дека Морено сакал лична одмазда за неодамнешните обвинувања за корупција против него.
„Еквадорската влада го обвини Асанж за шпионажа на амбасадата, а излегува дека шпионажата се случувала од вработените во амбасадата”, рече Поведа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков: Арктикот е наш регион, ние сме арктичка држава
Русија е арктичка земја, за разлика од повеќето земји на Европската Унија, и е отворена за соработка на Арктикот, изјави портпаролот на претседателот на Руската Федерација, Дмитриј Песков.
„Ова е наш регион. Ние сме арктичка држава, за разлика од огромното мнозинство земји од Европската Унија. Ние сме отворени за соработка и заедничко дејствување“, изјави Песков пред новинарите.
Ако политиката на Европската Унија е фокусирана на соработка на Арктикот, Русија ќе ја поздрави.
„Ако претставниците на Европската Унија имаат на ум нова политика насочена кон меѓународна соработка, тоа може да се поздрави. Ако, од друга страна, мислат на конфронтација, што во моментов е многу модерно во Брисел, тогаш, секако, тешко дека можеме да го поздравиме тоа и тешко дека ќе има некаков позитивен ефект“, рече Песков.
Според него, Русија има големи интереси на Арктикот и ќе ги брани, користејќи го целиот арсенал на меѓународното право.
Порано, Каја Калас, шефица на европската дипломатија, на конференција во Норвешка изјави дека на Европската Унија ѝ е потребна нова безбедносна политика на Арктикот.
Свет
Нигериец кој се претставувал како принц од Дубаи измамил бизнисменка за 2,5 милиони долари
Дирекцијата за истрага на организиран криминал и тероризам во Романија (DIICOT) отвори кривична постапка во случај во кој романска бизнисменка била измамена за 2,5 милиони долари од Нигериец кој се претставувал како „престолонаследник на Дубаи“, објавија „Агерпрес“ и „БТА“.
Од Дирекцијата денеска издадоа официјално соопштение за случајот, поради зголемениот интерес на медиумите. Во тек е истрага за кривичните дела „организирање криминална група“ и „измама со особено сериозни последици“.
Според медиумските извештаи, романската бизнисменка изгубила над 2,5 милиони долари откако била убедена да инвестира заедно со „престолонаследникот на Дубаи“ во хуманитарна фондација.
Всушност, станува збор за нигериски измамник по име Хенри Еке, кој користел сложена шема за да ги измами своите жртви, вклучувајќи лажни идентитети, фиктивни банки, наводни „финансиски советници“, како и романтични ветувања и предлози за брак.
Жената во Романија била убедена дека разговара со принц од Дубаи и префрлила над 2,5 милиони долари на лажна сметка на „фондација“. Парите доаѓале од различни банкарски кредити, за кои го хипотекирала својот дом, како и од финансиските ресурси на нејзината компанија.
Таа открила дека станува збор за измама откако ја контактирале двајца соучесници на Нигериецот, кои биле незадоволни што не го добиле својот дел од парите. Тие ѝ признале дека целата операција била измама.
Свет
Путин и Џјинпинг во телефонски разговор: Односите меѓу Русија и Кина постојано се развиваат
Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега Шји Џјинпинг разговараа за соработката меѓу нивните земји.
Повикот доаѓа неколку дена откако високи дипломати од двете земји го изразија својот став дека билатералните односи би можеле да „достигнат нови височини“ оваа година, бидејќи Пекинг и Москва се стремат да ја зајакнат економската соработка.
Нивното стратешко партнерство дополнително се зајакна по руската инвазија на Украина на почетокот на 2022 година, анализираат медиумите.
Двајцата лидери, кои се во редовен контакт, разменија новогодишни честитки на 31 декември, при што Шји изрази „подготвеност да продолжи да одржува блиски контакти“ со Путин, според кинеското министерство за надворешни работи.
Шји и Путин последен пат се сретнаа лично во септември, кога рускиот лидер присуствуваше на голема воена парада во Пекинг.
За време на посетата, Путин му рече на Џјинпинг дека односите меѓу нивните земји се на „невидено ниво“.

