Македонија
Ѓорчев: Новата влада на Мицкоски ќе го укине покачувањето на акцизата за горивата
Новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски во првите 100 дена ќе ја укине дополнителната акциза на горивата воведена од владата на Заев и Тевдовски, изјави на прес-конференција Владимир Ѓорчев.
„Јасно е дека цените на горивата отидоа горе и тоа како ги засега граѓаните, стопанството, транспортните претпријатија. Од тие причини треба да се намали цената на горивата, треба да се анулира зголемувањето на акцизата од 3 ипол денари по литар воведено од Заев и Тевдовски и на тој начин да имаме намалување на цената на горивата и скратување на трошоците за семејствата и компаниите“, рече Ѓорчев.
Тој рече дека во моментот кога Зоран Заев ја презел владата во јуни 2017 година едно семејство за да наполни два пати месечно резервоар со гориво требало да потроши 4.500 денари. Сега истото семејство за да го наполни истиот резервоар треба да потроши 6.500 илјади денари месечно.
„Ако тоа го пресметаме на годишно ниво гледаме дека откако Зоран Заев е премиер на Република Македонија едно семејство само за гориво троши 24. 000 денари повеќе само за гориво во текот на годината тоа е една ипол плата на ниво на година“, изјави Ѓорчев.
Тој рече и дека е зголемена цената на повратните билети низ Македонија.
„Неколку примери, во времето кога Заев стана премиер повратен билет на релација Скопје – Богданци беше 580 денари, сега истиот билет е 720 денари. Порано месечна карта на релацијата Скопје- Куманово пред две години беше 2.500 денари, сега истата е 3000 денари. Тоа е значително зголемување. Повратен билет на релација Скопје- Делчево беше 500 денари, сега е 730 денари. Повратен билет од Скопје до Струга беше 650 денари, сега е 750 денари“, истакна Ѓорчев.
Тој вети дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде повторно на власт во првите сто дена ќе ја укине дополнителната акциза на горивата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фирма фатена на дело – нелегално вршела поштенски услуги и криумчарела пратки, Царинската управа поднесе кривична пријава против две лица
Царински инспектори од Одделението за истраги, во координирана акција со МВР, УЈП, Агенцијата за пошти и Државниот пазарен инспекторат, извршија претрес на фирма која нелегално вршела меѓународни поштенски услуги и криумчарела стока. Во моментот на претресот беа пронајдени вкупно 166 поштенски пратки со разновидна стока, со вкупна вредност од речиси 240 илјади денари. Пронајдената криумчарена стока е запленета, а од страна на инспекторите е поднесена кривична пријава против едно правно и едно физичко лице за сторено кривично дело прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, извести Царинската управа.
Конкретно, фирмата вршела меѓународни поштенски услуги без соодветна лиценца, при што поштенските пратки ги внесувала со возила преку граничен премин, без да ги пријави кај царинските органи. Пратките потоа нелегално ги складирала во магацин во нејзина сопственост, со намера оттаму да ги транспортира до нарачателите, за што би наплатувала паричен надомест.
Царинската управа и понатаму ќе продолжи со засилени контроли и координирани активности со цел откривање и спречување на сите облици на криумчарење и незаконско работење, заштита на државните финансиски интереси и обезбедување услови за фер конкуренција, се наведува во соопштението на Царинската управа.
Македонија
Левица: Предизборна политичка манипулација – Владата на ДПМНЕ ги скрати парите откако истера кампања
„Во екот на локалните избори, владата на Христијан Мицкоски одобри средства на општините, а дел од нив беа и од унгарскиот кредит, за капитални проекти од областа на културата. Со овие проекти градоначалниците на ДПМНЕ си воеда предизбопрна кампања помпезно најавувајќи „обезбедени пари“ и „загарантирани“ проекти, само уште народот да им даде глас. Само неколку месеци подоцна, на еден ден пред Нова година, истата таа Влада со потпис на премиерот ги скрати речиси сите средства. Со ова власта на ДПМНЕ ја разоткри својата вистинска намера која не е реализација на проекти во културата туку предизборна политичка манипулација“, велат од партијата Левица.
„Со кратењето, од првично планираните 135,5 милиони денари за 13 проекти низ општините, Владата остави само 14,8 милиони денари за три селективно избрани проекти, додека останатите меѓу кои мултикултурниот центар во Аеродром, заштита на скопска чаршија, Исарот во Штип, конзервација и реставрација на фрескоживопис на црквата во Мокрино и низа други останаа со нула денари и со предизборните фалби и фотографии на градоначалниците на ДПМНЕ. Ова е јасен доказ дека културата била злоупотребена како предизборен маркетинг наместо да биде третирана како јавен интерес.
Дека Владата на Мицкоски воопшто нема намера да инвестира во општините, за проекти од културата, дополнително говори и фактот што наместо да се обезбедат средства за 2026 и 2027 година, Владата со одлука ги пролонгира во 2028 година, што практично значи ставање на проектите во фиока и нивно тивко умирање.
Левица укажува дека ова е само уште еден пример за класична изборна измама. Прво се ветуваат и одобруваат средства за политички поени, а по изборите парите се кратат, а граѓаните повторно остануваат излажани. Бараме од Владата да одговори зошто ги укинува средствата за најавените проекти и кој ќе понесе политичка одговорност за ова грубо манипулирање со очекувањата на граѓаните?“, се вели во соопштението на партијата Левица.
Македонија
„Со Мицкоски Македонија е во ранг со Сомалија, САД ја запре обработката на визи“, велат од СДСМ
„Македонија е опфатена во одлуката на САД за суспендирање на обработката на визи заедно со уште 75 земји, меѓу кои Сомалија, Сирија, Гана, Руанда, Бутан, Нигерија, Иран, Русија…“, велат од СДСМ.
„Минатата година САД ги зголеми царините кон Македонија, сега од 21 јануари САД ќе биде суспендира и обработка на визи за македонските државјани.
Толку е периметарот на Мицкоски, ја доведе Македонија во ранг со Сомалија“, соопшти СДСМ.

