Македонија
Папата Франциско: Вашата земја е мост помеѓу Истокот и Западот, место каде што се слеваат многу културни струи
Неговата Светост, папата Франциско, кој имаше свечен пречек во претседателската резиденција, Вилата „Водно“, се заблагодари за можноста што му се укажа да ја посети нашата земја и која доаѓа како прва посета на еден наследник на апостолот Петар на 25-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Северна Македонија и Светиот престол.
Високиот гостин и неговата придружба од избрани кардинали, меѓу кои и државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролин, беа пречекани со највисоки државни почести.
По интонирањето на државните химни на Ватикан и на Република Северна Македонија, смотрата на почесната воена гарда и поздравот на државното знаме на Република Северна Македонија, папата Франциско имаше одделни средби со претседателот Иванов и премиерот Заев, на кои присуствуваа и членовите на нивните семејства.
Светиот отец, папата Франциско, потоа се обрати пред присутните гости од државните институции на нашата земја, пред претставници на дипломатскиот кор и пред претставниците на граѓанското општество и медиумите.
„Вашата земја е мост помеѓу Истокот и Западот и место каде што се слеваат многу културни струи, каде што се обединуваат многуте карактеристики на овој регион. Со историските сведоштва од нејзиното византиско и отоманско минато, со монументалните тврдини низ планините и прекрасните иконостаси во старите цркви, кои ја докажуваат христијанската присутност од времето на апостолите, се изразува нејзината богата илјадулетна култура што ја наследила. Но, дозволете ми да кажам дека ова културно богатство е само огледало на вашето најценето и најважно наследство: мултиетничкиот и мултирелигискиот состав на ликот на вашиот народ, плод на богатата историја и комплексните односи во текот на минатите години“, истакна папата Франциско во своето прво обраќање пред македонската јавноста во рамките на својата апостолска посета на нашата земја.
Во своето обраќање папата Франциско ги истакна солидарноста и хуманоста со бегалската трагедија што ја покажаа граѓаните и надлежните хуманитарни организации во Република Северна Македонија и се задржа на мисијата на светата Мајка Тереза, која како наша сограѓанка ја прошири својата мисија за помош на запоставените, на отфрлените и на најсиромашните токму од Скопје.
„Ве охрабрувам да го следите верно почнатиот пат и да ја направите вашата земја светилник на мирот, гостопримството и интеграцијата, која ќе роди плодови помеѓу културите, религиите и народите. Тргнувајќи од соодветните идентитети и динамиката на нивниот културен и цивилен живот, тие ќе може да изградат заедничка иднина учејќи се од богатствата што секој од нив ги носи со себе. Бог да внимава на вас и да ја благослови Северна Македонија, да ја зачува хармонијата и да даде просперитет и радост!“, порача светиот отец, папата Франциско, во своето обраќање од претседателската резиденција Вила ‘Водно’ по средбите со претседателот Иванов и премиерот Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје утрово пак е покриено со магла, денес променливо облачно време со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 2, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и тивко со појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
До вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.

