Спорт
Понуда за Алонсо од „Аноета“: Остави го Реал, дојди кај нас во Сосиедад!
Кога во 2018 ја заврши величествената играчка кариера, ексшпанскиот фудбалски репрезентативец Чаби Алонсо заедно со некогашните колеги Раул, Чави и Виктор Валдес се запиша на елитниот курс на УЕФА за тренери.
Додека ја завршуваше кариерата во Баерн Минхен се појавија шпекулации дека Алонсо би можел да стане дел од раководните структури на минхенскиот клуб, но сепак тој се врати во татковината.
На почетокот на сезонава ги презема кадетите на Реал Мадрид. Сепак сега стигна нова понуда, од Сан Себастијан.
Како што јавуваат медиумите од Пиринеите, ексфудбалерот добил понуда да биде тренер на младите категории во баскискиот Реал Сосиедад. Претседателот на клубот бил многу упорен и му оставил порака на Алонсо „Врати се и еден ден те чека клубот од Аноета“.
Алонсо, кој фудбалската слава ја доживеа во Ливерпул, Реал Мадрид и Баерн Минхен, во Сосиедад помина 5 сезони.
Дека има тренерски потенцијал говори сознанието дека неодамна повторно доби повик од Баерн да ги води младите категории во баварскиот клуб.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Гвардиола потроши 152 милиона евра и не планира да застане
И покрај тоа што во актуелниот преоден рок потроши 152 милиони евра на засилувања, тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, сака да доведе уште тројца фудбалери од италијанската Серија А, објавија во петокот британските медиуми.
Манчестер Сити за 75 милиони евра потпиша со египетскиот напаѓач Омар Мармуш (25). Од Ленс за 40 милиони евра приситгна 20-годишниот узбекистански централен бек Абду Кусанов, а за 19-годишниот бразилски централен бек Витор Реис, кој пристигна од Палмеирас, клубот издвои 37 милиони евра.
Според англиските медиуми преодниот рок за Манчестер Сити се уште не е завршен. Гвардиола сака да донесе тројца играчи од СеријаА.
Прв на листата на желби на Гвардиола е играчот од средниот ред на Јувентус, Андреа Камбијасо (24), кого „старата дама“ не сака да го пушти среде сезоната доколку не дојде „понуда што не можеш да ја одбие“. Ова, според британските медиуми, би можело да значи дека Јуве би попуштил доколку им бидат понудени сто милиони евра.
Камбијасо може да игра како коректор на средниот ред или како лев офанзивен дефанзивец. Во март минатата година тој дебитираше за италијанската репрезентација на пријателскиот натпревар против Венецуела и досега има 13 настапи и постигнато два гола. Тој во Јувентус пристигна во јули 2022 година од Џенова за 13 милиони евра, а во мај минатата година го продолжи договорот со Јуве до јуни 2029 година.
Гвардиола сака да го подмлади и средниот ред на Сити во кој моментално се Илкај Гундоган (34), Кевин Де Брујне( 33) и Бернардо Силва (30).
Стратегот на англискиот шампион сака да доведе двајца Бразилци, Даглас Луиз (26) од Јувентус и Едерсон (25) од Аталанта.
Даглас Луиз помина две години во Сити, кој го продаде на Астон Вила за 17 милиони евра во летото 2019 година.
Во јули минатата година Луиз се пресели во Јувентус во трансфер вреден 51 милион евра.
Едерсон го носи дресот на Аталанта од јули 2022 година, кога пристигна од Салернитана за 23 милиони евра. Неговиот договор со клубот од Бергамо е со важност до јуни 2027 година.
Спорт
Синер лесно се справи со Шелтон
Јаник Синер ќе ја брани титулата на Австралија опен. Првиот носител во полуфиналето го победи Бен Шелтон со 7:6, 6:2, 6.2. Мечот траеше два часа и 36 минути. Противник во финалето ќе му биде Александар Зверев.
Синер имаше големи проблеми во првиот сет, Шелтон сервираше за предност од 1:0, но не успеа да го освои сетот. Синер потоа издоминира во тај-брејкот откако беше јасно дека Американецот со мислите се уште е во претходниот гем, во кој не искористи две сет топки.
Вториот и третиот сет беа рутина за Синер. Направи по два брејка и го реши мечот.
Шелтон, 20. на АТП листата, немаше константност за да му се спротивстави на светскиот број 1.
Финалето на Австралија опен ќе се одигра в недела со почеток во 9 часот по средно-европско време.
Спорт
Нагелсман доби нов договор
Селекторот на германската фудбалска репрезентација Јулијан Нагелсман го продолжи договорот со Фудбалскиот сојуз до крајот на Европското првенство во 2028 година.
Нагелсман имаше договор до крајот на Светското првенство кое следната година ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
„Сите ние, навивачите, тимот и стручниот штаб, создадовме нешто што сега сакам заедно успешно да го развиваме. Сакаме заедно да освојуваме титули“, рече Нагелсман.
Поранешниот тренер на Хофенхајм и Баерн Минхен ја презеде германската репрезентација во септември 2023 година и тогаш се наведуваше дека ќе го води тимот само на Европското првенство во Германија минатото лето, но набрзо соработката беше продолжена.
Со Германија стигна до четвртфиналето на Европското првенство, во кое селекцијата загуби со 1:2 по продолженијата од Шпанија, која подоцна ја освои титулата.