Регион
Турција по две години отвори поглавје од преговорите со ЕУ

Турција по повеќе од две години пауза во понеделникот навечер отвори едно преговарачко поглавје во пристапните преговори за членство во Европската унија.
На меѓувладината конференција за пристапувањето на министерско ниво, Турција ги отвори преговорите во поглавјата Економска и монетарна политика.Поглавјето 17 – Економска и монетарна политика, бара од земјите потенцијални членки а осигурат независност на централните банки и забранува јавниот сектор да има повластен пристап до финансиските институции. Земјите коишто преговараат за членство во ЕУ, мора да ја преземат обврската дека ќе го воведат еврото како своја валута, Со во понеделникот отвореното поглавје, Турција досега има отворено само 13, поглавја, а привремено е затворено само едно. Анкара којашто ги започна пристапните преговори во октомври 2005 година, последното поглавје го отвори во ноември 2013 година.Турција, инаку има најдолг стаж на земја кандидат, барањето го поднесе уште во1987 година, а кандидатскиот статус го стекна во 1999 година.Иако преговорите за членство течат, поголем дел од земјите членки на ЕУ, меѓу нив и најголемата – Германија, се противат на членството на Турција и наместо членство нудат ткн привилегирано партнерство. Еден од најголемите проблеми во односите меѓу Анкара и Брисел е Кипар, чиј северен дел е под контрола на кипарските Турци и нивната самопрогласена држава ја признава само Турција, додека остатокот од островот на кој доминира грчкото население е дел од ЕУ. Во последниот период Турција стана многу важна за Европската унија, поради незапаметената бегалска криза, бидејќи смета дека доколку таа не ја затвори својата граница, нема да може да го сопре приливот имигранти, особено од Сирија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) На детско игралиште во Белград убиен маж

Едно лице беше убиено синоќа во пукотница на булеварот „Вудро Вилсон“ во Белград на вода, објави РТС.
Докторката Виолета Николиќ од Одделот за итни случаи потврди за РТС дека 35-годишен маж бил застрелан синоќа во 23:13 часот.
„Нашиот тим можеше само да заклучи дека 35-годишниот маж е мртов“, рече д-р Николиќ.
На социјалните мрежи се објавени снимки на кои се гледа телото на убиениот маж на детско игралиште и апсењето на друго лице.
фото: принтскрин
Регион
Пицула ја критикува ЕУ за пофалбите што ги дава на Србија: „Наместо тоа, барајте вистински реформи“

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, изјави дека претставниците на ЕУ треба да се воздржат од прекумерно фалење на реформите во Србија, која е потресена од месеци антивладини протести предизвикани од железничката несреќа во Нови Сад пред една година.
Тој се осврна на честите пофалби од Европската комисија, како онаа минатата година кога претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, му се обрати на српскиот претседател Александар Вучиќ со „драг Александар, покажа дека делата ги следат твоите зборови“.
За време на посетата на Белград во средата, наративот малку се смени, при што Фон дер Лајен му се обрати на Вучиќ со „господине претседателе“.
„Апелираме до Комисијата, наместо тоа, јасно да ја артикулира потребата од вистински и сеопфатни реформи, вклучително и враќање на демократските институции, зајакнување на владеењето на правото и борба против корупцијата и организираниот криминал“, рече Пицула.
Потпретседателката на пратеничката група на СиД, белгиската европратеничка Кетлин ван Бремпт, која е задолжена за проширување на ЕУ во нејзината група, истакна дека секоја неоправдана пофалба од страна на Комисијата за властите во Србија води до тоа студентите и граѓаните што протестираат на улиците да се чувствуваат предадено.
Европскиот парламент следната недела во Стразбур ќе дебатира за резолуција за растечката репресија во Србија, една година по уривањето на настрешникот на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица. Трагедијата предизвика месеци протести што Вучиќ ги нарекува обоена револуција.
Во изјава за новинарите во Брисел, Пицула рече дека од февруари до септември оваа година имало повеќе од 10.700 протести во цела Србија, кои биле обележани со репресија врз демонстрантите, произволни апсења и политички мотивирани притворања.
фото: принтскрин
Регион
Грција го усвои контроверзниот закон – отворен патот за 13-часовно работно време

Грчкиот парламент денес го усвои новиот закон за труд, кој предизвика бурни реакции и протести во целата земја. Со 158 гласа „за“ и 109 „против“ владиниот предлог беше изгласан, а левичарската опозициска партија СИРИЗА одби да учествува во гласањето.
Законот, кој според владата има цел да го направи пазарот на труд поприспособлив и поефикасен, им овозможува на работодавците во приватниот сектор да бараат од своите вработени да работат до 13 часа дневно наместо досегашните осум. Продолженото работно време може да се применува најмногу 37 дена годишно, а работниците се заштитени од отказ доколку одбијат да работат прекувремено.
Владата тврди дека со новите правила се зголемуваат флексибилноста и заштитата на работниците, особено оние со семејства, и дека законот дозволува четиридневна работна недела доколку има претходен договор меѓу работодавецот и вработениот.
Меѓутоа, синдикатите и опозицијата остро реагираа предупредувајќи дека реформата ја укинува суштината на осумчасовниот работен ден и ја легализира прекумерната експлоатација. Синдикатот на државните службеници ADEDY порача дека „флексибилното работно време во пракса значи уништување на семејниот и на општествениот живот и укинување на работничките права“.
Синдикатите потсетуваат и дека просечните плати во Грција се значително пониски од европскиот просек, а нерегистрираниот труд и натаму е голем проблем. Опозициските партии оценија дека законот е застарен и спротивен на европските тенденции за скратување на работното време и воведување пократка, но поквалитетна работна недела.
Новите одредби предвидуваат и поголема флексибилност при вработувања на определено време, со цел, како што наведува Министерството за труд, да се стимулираат продуктивноста и модернизацијата на пазарот на труд.
И покрај уверувањата на владата дека законот ќе ги заштити работниците и ќе овозможи подобра рамнотежа меѓу работа и приватен живот, јавноста останува поделена.