Култура
На португалската актерка Марија До Сеу Гера во Ресен ќе ѝ биде врачена наградата „Актер на Европа 2019“

Добитник на престижното признание „Актер на Европа 2019“ е легендарната португалска театарска и филмска актерка Марија До Сеу Гера и основач на култниот театар „Барака“ од Лисабон, соопштија градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, и Јордан Плевнеш, претседател на Уметничкиот совет на интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ во чест на 9 Мај – Денот на Европа.
Португалската актерка ќе пристигне во Македонија на 5 јули годинава во придружба на поголоем број културни работници од Португалија и екипа на Португалската радио-телевизија РТВ.
Вечерта, на 6 јули во Сарајот во Ресен, на свечената церемонија по повод отворањето на фесетивалот „Актерот на Европа“, со ексклузивна проекција на специјалниот документарен филм од сите нејзини театарски и филмски креации ќе ѝ биде доделена оваа меѓународна награда.
„Во писмото до Гошаревски и Плевнеш актерката истакнува дека е пресреќна што ќе го открие меѓуграничниот европски парк на Преспанското Езеро и Македонија и воедно е почестена што нејзиното име ќе биде запишано во европската културна меморија заедно со такви актерски величини, како што се досегашните добитници: Љуба Тадиќ од Србија, Брус Мејерс од Велика Британија, Марсел Бозоне од Франција, Милена Зупанчич од Словенија, Ана Патерсон од Шведска, Раде Шербеџија“, соопштија организаторите на фестивалот.
Годинава, на 17. издание на интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ (6-11 јули), на повеќе локации во Преспа, ќе настапат реномирани театри од Балканот и Европа, а посебен куриозитет е тоа што, како што објаснуваат организаторите, наспроти апелот на градоначалникот Гошаревски и на многу истакнати имиња на европскиот театар, Министерство за култура одлучило да не го поддржи единствениот меѓународен културен фестивал во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Букстар“ 2025: „За писателцките работи“ – кога се љуби и негува зборот

Моќни мисли и зборови на реномирани македонски и европски писатели можеа да се чујат на единаесетотто издание на фестивалот на европска литература „Букстар“, кој се одржуваше од 29 септември до 2 октомври.
Годинашниот фестивалски слоган гласeше „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).
„За писателцките работи“ како мотив се провлекуваше низ целиот фестивал како мотив, концизно смислен со фокус на проблемите со кои се соочуваат писателите, кои говореа низ своја призма, како во интимистички, така и во општествен контекст.
Годинава гости беа голем број македонски имиња, па публиката имаше можност да чуе бројни разговори со Калина Малеска, Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова, Иван Шопов, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Иван Антоновски…
И годинава од фестивалот дел беа светски имиња од светот на книжевноста, па македонската публика имаше можност да ги види Петра Клабоухова (Чешка), Серај Шахинер (Турција), Шоле Резазаде (Холандија/Иран), Онджеј Штиндл (Чешка), Мајнхард Раухенштајнер (Австрија) и Ахмет Умит (Турција).
Првиот фестивалски ден, во полната сала на Културно-информативниот центар во Скопје, беше доделена наградата „Букстар“ за најактуелна книга меѓу двете изданија на фестивалот. За првпат оваа награда е доделена на македонски автор – Блаже Миневски за збирката раскази „Опаш во устата“ („Антолог“, 2025).
– Годинава, под слоганот „За писателцките работи“, поставивме една симболика што има длабоки корени во нашата културна историја и меморија. Слоганот е инспириран од делото на Крсте Мисирков, чиј јубилеј – сто години од неговата смрт – ќе го одбележиме следната година. Со ова сакавме да укажеме дека книжевноста не е само уметнички вид, туку и чин на одговорност, на визија, на заедништво и на храброст. Сакаме да проговориме за интимната и често невидлива битка зад секое дело, за силата на зборот кој може да го обликува, не само животот на авторот, туку и целото општество – истакна на отворањето основачот на фестивалот „Букстар“, Жарко Кујунџиски.
Последниот фестивалски ден публиката имаше можност да присуствува на еден ексклузивен настан „На кафе со Ахмет Умит“, кој се одржа во „Рамстор мол“, а вљубениците во крими-романите имаат можност да добијат автограм, да се фотографираат и да разговараат со овој автор со светска слава.
На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ беше доделена и наградата за најдобар книжевен превод на македонски јазик „Драги“ за 2025 година, која ја доби Лидија Танушевска, за превод од полски јазик на делото „Емпусион“ од авторката Олга Токарчук во издание на „Антолог“.
Комисијата за доделување на наградата во состав проф. д-р Анастасија Ѓурчинова, претставник од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, д-р Јана Михајловска, член од семејството на Драги Михајловски и Иван Шопов, претставник одбран од издавачката куќа „Антолог“, имаше пет финалисти за оваа награда.
Покрај Лидија Танушевска, меѓу финалистите беа и Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на „Три“, 2024 година; Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на „Артконект“, 2024 година; Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на „Или-или“, 2024 година и Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на „Светла комора“, 2024 година.
Фестивалот заврши со книжевниот настан „Правда за кратката проза!“, кој се одржи во кафе-книжарницата „Буква“, а на кој беа учесници Мајнхард Раухенштајнер (Австрија), Владимир Мартиновски, Сања Михајловиќ-Костадиновска и Иван Шопов.
Култура
Затворен 13. „Џифони Македонија“ – избрани најдобрите филмови на фестивалот

Шведскиот филм „Престолонаследникот и враќањето на Тиранинот“ од Торд Даниелсон е најдобар кај јуниорите (шесто до деветто одделение), а рускиот „Од почеток“ од Полина Кондратева е најдобар за кадетите и сениорите (прва до четврта година средно) на 13. „Џифони Македонија“, што заврши синоќа.
Вообичаено, по изгледаните филмови во повеќе категории, жирито на фестивалот кое се состои од сите негови учесници, гласаат за наградите на фестивалот.
Кај јуниорите, најдобар краток ученички филм е прогласен „Безвредна борба“ (Combat de merda) од Нико Ферари и Таина Арагонес (Шпанија). Најдобар краток филм е „Метеора“ на Микеле Бучи од Италија.
Во категоријата на кадети и сениори најдобар ученички филм е „„Доста е!“ од Јоханес Брандвајнер и Ана Хилтгартнер (Австрија). Најмногу гласови за категоријата краток филм освои „Андромеда“ од Ана Меликјан (Русија). Најдобар анимиран краток филм е прогласен „17 часот“ од Флака Коколи (С. Македонија / Косово).
Неда Стојановиќ, Јана Петрушевска и Бисера Чоневска се првите учеснички на „Џифони Македонија“, избрани за наредното издание на „Џифони експериенс“ во 2026 година.
На последната вечер што се одржа во киното „Фросина“, видовме што креирале учесниците на фестивалот во изминатите денови, на нивните работилници. Мјузикл, фотоизложба, кратки филмови… го видовме раскошниот талент на нашите џифонци, предводени од нивните ментори. Фестивалот се одржа под мотото „Да се стане човек“.
Давиде Русо, директорот за институционална соработка на „Џифони експериенс“ му се заблагодари на тимот на „Џифони Македонија“ за добрата работа.
– Ги поздравувам италијанските учесници и поздрав до Дарко Башески, едниот дел е дрвено пиперче што се верува дека носи среќа, а другиот дел е симбол на градот Џифони. Благодарение на финансиската поддршка од Италијанското Министерство за култура, а од оваа година и италијанската агенција за млади, го организираме фестивалот и подобро – рече Русо.
Ви благодарам за целата поддршка и за големата мотивација. Џифони фестивалот е голем извор за мотивација и инспирација. Тие џифонци што ја посетуваат Италија го знаат тоа, истакна Дарко Башески, директор на фестивалот „Џифони Македонија“ во поздравниот говор.
Во изминатите шест дена Скопје беше домаќин на 400 учесници од Македонија, како и 30-ина од Италија, Швајцарија, Данска, Романија, Србија, Косово и Црна Гора. Младите учесници од другите земји се сместени во фамилиите на нивните врсници од Скопје.
Култура
„Танец“ ја заокружи својата балканска турнеја

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, триумфално ја заврши својата Балканска турнеја, оставајќи зад себе трага од воодушевена публика и силни емоции.
Со наслов „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, турнејата го потврди статусот на „Танец“ како ненадминат амбасадор на македонската култура.
Оваа турнеја не беше само серија настапи, туку и културна мисија. Таа успеа да ја премости географската оддалеченост, да поврзе генерации и да ја претстави виталноста и убавината на македонскиот фолклор.
Концертите во Валпово (Хрватска), Крањ (Словенија), Виена (Австрија) и Лакташи (Босна и Херцеговина) „Танец“ ја воодушеви публиката со енергични кореографии и раскошни носии, пренесувајќи ја богатата македонска култура и традиција. Експлозијата на бои и звуци, од нежните звуци на тамбурите до моќните удари на тапаните, создадоа магична атмосфера што ги спои гледачите и изведувачите во еден ритам.
Турнејата претставуваше повеќе од обични концерти-тоа беше културна мисија која ги поврза Балканот и Европа. Играорците, пејачите и оркестарот маестрално пренесоа порака за виталност, убавина и културно богатство кое заслужува светско внимание. Секој настап беше доказ дека традицијата не е само минато, туку жива, пулсирачка сила.
Со овој голем триумф, Ансамблот „Танец“ ја зацврсти својата позиција како еден од најзначајните чувари и промотори на културното наследство на Македонија.
„Срцето на Македонија чука во ритамот на нашите ора и песни. Каде и да одиме, носиме дел од таа душа и таа топлина“.