Македонија
(Видео) Јаулевски: Владата нема издвоено ниту денар за студентските домови, каде што ситуацијата е полоша од кога било

На местото каде што се наоѓа студентскиот дом „Стив Наумов“, СДСМ уште пред една и пол година најави ќе почне со изградба на студентски град. Наместо тоа, ситуацијата во домот е полоша од кога било, обвини Јован Јаулевски, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„Овие слики се сликани во текот на вчерашниот ден, од кои се гледа нешто што треба да биде тоалет. Ова не е тоалет, ова е руина. Почитувани родители, во вакви тоалети одат вашите деца што живеат во Стив Наумов. По смената на власта, веќе две години, Владата нема одвоено ни денар за СД ‘Стив Наумов’, а ниту за другите студентски домови.
Проблемот со руинираните тоалети е само капак на проблемите што се таложат две години. Имено, студентите во текот на зимата овде немаа топла вода во бањите, а храната веќе со месеци е слаба и не ја задоволува калоричната вредност што треба да ја внесува еден млад човек.
Ова се слики од храната, сликана од студенти, а објавени во медиумите, од кои се гледаат догорчиња и инсекти во неа. Ова не е страшно. Ова е алармантно.
Власта две години со прст нема мрднато за младите.
Пред иста ваква табла Стефан Богоев и Дарко Каевски пред две години промовираа како ќе изгледа студентскиот град и ги најавуваа инвестициите на студентските домови. Две години потоа, Богоев е градоначалник, а Каевски директор, додека од студентскиот град нема ништо, не е ниту на повидок.
Заев ги излажа и злоупотреби младите. Време е за одговорност. Време повеќе нема. Младите сакаат иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити не се појави на прес-конференцијата за опасниот пожар во Трубарево

Министерот за животна средина, Изет Меџити, вечерва не беше присутен на вонредната прес-конференција во МВР за големиот пожар во фабриката за електронски отпад во Трубарево, каде покрај батерии гореше и пластика што предизвика сериозна загриженост за здравјето на населението. Новинарите инсистираа да добијат одговор зошто ресорниот министер деновиве воопшто не се обратил до јавноста.
Министерот за здравство, Азир Алиу, рече дека материјал од местото на пожарот е земен од акредитирана институција и најави дека официјалните резултати ќе бидат објавени во понеделник.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека повеќепати разговарал со Меџити и со неговата заменичка, но ги упати новинарите да го прашаат директно вицепремиерот зошто не се појавува.
Присутните новинари потсетија дека попладнево Меџити бил на партиски настан, додека истовремено гореше складиште со електронски и пластичен отпад во Трубарево. Дополнително, тој не се појави ниту во изминатите денови, кога во главниот град гореа повеќе депонии.
На денешната вонредна прес-конференција зборуваа министрите Панче Тошковски, Азир Алиу, Цветан Трипуновски и Владо Мисајловски, заменик-претседателот на Владата Љупчо Димовски, како и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Министерот Панче Тошковски објави дека не е регистрирано радијационо зрачење, а во непосредна близина на 150 метри на центарот од огнот има високо ниво на штетни супстанци и состојбата е високоризична. До 200 метри се забележува средно ниво на опасност, а до 400 е ниско ниво на опасност.
„За да ја минимизираме опасноста, препорачуваме оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови. На располагање се ставени сместувачки капацитети на Центарот за обука“, изјави Тошковски.
Тој истакна и дека се вршат разговори со три лица во станица, за да се утврдат околностите за пожарот, а оперативните активности продолжуваат.
Македонија
Тошковски: Жителите во непосредна близина на пожарот да ги напуштат живеалиштата поради штетните сустанци, радијација нема

Локализиран е пожарот кој избувна во складиштето за електроника во Трубарево, пришто опожарена е и пластика.
Министерот Панче Тошковски вечерва на вонредна прес-конференција објави дека не е регистрирано радијационо зрачење, а во непосредна близина на 150 метри на центарот од огнот има високо ниво на штетни супстанци и е високоризично. До 200 метри е средно ниво на опасност, а до 400 е ниско ниво на опасност.
„За да ја минимизираме опасноста, препорачуваме оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови. На располагање се ставани сместувачки капацитети на Центарот за обука“, изјави Тошковски, истакнувајќи дека на 400 метри од пожарот не е евидентирано загадување и ова се однесува на оние кои живеат во околината.
Тој истакна и дека се вршат разговори со три лица во станица, за да се утврдат околностите за пожарот, а оперативните активности продолжуваат.
Пожарот се гасне со песок, по препорака на меѓународни стручњаци. Министерот потврди дека горат батерии што налага посебен начин на делување.
Македонија
Вечерва ќе има први резултати за квалитетот на воздухот во Трубарево

Министерството за животна средина и просторно планирање ангажираше акредитирани лаборатории за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во погодената зона, по пожарот што избувна во Трубарево.
Резултатите од овие мерења ќе бидат јавно објавени веднаш по нивната обработка, а првите резултати веќе се очекуваат вечерва.
Во очекување на резултатите од мерењата, Министерството препорачува граѓаните во погодената област да преземат следниве мерки за заштита:
1. Останете дома – Избегнувајте престој на отворено, особено во близина на локацијата на пожарот.
2. Затворете ги прозорците и вратите, за да се намали можноста за внесување на загаден воздух во просториите.
3. Исклучете надворешна вентилација, Избегнувајте користење на клима уреди и системи без филтри кои вовлекуваат воздух однадвор.
4. Заштитете ги ранливите групи – Децата, постарите лица и лицата со хронични заболувања нека останат во затворен простор.
5. Користете заштитни маски – Ако е неопходно излегување, носете маски од тип FFP2 или FFP3.
6. Бидете внимателни со храна и вода – Темелно измијте овошје и зеленчук од околните градини. Користете само вода од сигурни извори.
7. Следете ги официјалните информации, Редовно информирајте се преку каналите на Министерството.
Министерството апелира на смиреност и рационално однесување и уверува дека сите надлежни институции се мобилизирани за следење и управување со состојбата.