Македонија
Четири години од вооружената престрелка во Диво Насеље, при што загинаа осуммина полицајци
И по четири години настаните во Диво Насеље, кога во престрелка со терористичка група загинаа осум припадници на полицијата, а 37 беа ранети, во јавноста сè уште има многубројни дилеми и неодговорени прашања за мотивите и за нарачателите на овој терористички чин, како што беше квалификуван од страна на надлежните институции. Вооружената престрелка меѓу терористичката група и полицијата се случи на 9 и 10 мај 2015 година. Жителите на кумановското Диво Насеље рано изутрината ги разбудија рафали, кои продолжија во наредните 48 часа држејќи ја под опсада населбата.
Во престрелките животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои претседателот Ѓорге Иванов посмртно ги одликува со Медал за храброст за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на земјава. Во вооружената престрелка, покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група. Како што тогаш информира МВР, криминално-терористичката група броела четириесетина члена. Во борбите со полицијата биле убиени 10 члена на групата, а се предале 28.
Како водачи на групата се посочуваат Мухамед Красниќи (Командант Малишева), Мирсад Ндрецај (Командант Нато), Сами Укшини (Командант Соколи) и други. Истата група беше посочена и дека претходно го извршила нападот на караулата во Гошинце. Полицијата го осуетила нивниот план за напади на државни и цивилни цели.
За настаните во Диво Насеље во февруари 2016 година почна судска постапка, со која беа опфатени 29 лица, кои се товарат за сторени дела терористичка организација и тероризам. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. И по три години, судскиот процес сè уште не е окончан.
Во ноември 2017 година Основниот суд Скопје 1 ги изрече првостепените пресуди против обвинетите. Осуммина обвинети за тероризам и терористичка организација за настаните во кумановското Диво Насеље добија доживотни казни затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, еден обвинет 18 години, двајца по 14 години, двајца по 13 години затвор и двајца по 12 години затвор.
Адвокатите на осудените поднесоа жалби и пресудите се очекува да бидат разгледани од страна на повисокиот Апелационен суд.
По пресудата, владејачката партија ДУИ побара меѓународна експертска група да го расчисти целиот случај, кој сè уште ја бранува јавноста, а беше формирана и анкетна комисија во Собранието.
Последно, специјалната обвинителка Катица Јанева изјави дека СЈО нема бомби за овој предмет. Тие отвориле предистражна постапка, но, според неа, ќе биде многу тешко да се каже дали воопшто СЈО ќе работи на тој предмет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски на средби со технолошки лидери во САД: разговарано за теми од клучно значење за развојот на безбедна дигитална инфраструктура
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посетата на Соединетите Американски Држави ја започна со работна средба со MITRE Corporation, една од највлијателните и најдоверливи институции што со децении работат директно за Владата на САД во областа на сајбер безбедноста и управуваат со повеќе FFRDC центри (Federally Funded Research and Development Centers).
На средбата се разговараше за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои: вештачка интелигенција и нови технологии со фокус на доверливост и валидација, сајбер безбедност и национална сајбер-отпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди – авијација, безбедност и здравствен систем.
Средбата вклучи разговори со Beth Meinert (виш потпретседател и генерален директор), како и со Yosry Barsoum и Shamik Das од MITRE Corporation. Разговорот беше насочен кон тоа како се гради доверба во дигиталната држава, како се поставуваат јасни правила за одговорност и безбедност, и како институциите можат да носат подобри одлуки базирани на податоци, стандарди и мерливи резултати. Министерот Андоновски имаше можност да го посети и иновацискиот центар за истражување на MITRE, известува Министерството за дигитална трансформација.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски заедно со владината делегација, која ја сочинуваат Игор Јанушев, Генерален секретар на Владата, и Златко Перински, Министер за локална самоуправа, остварија средба и со претставници на Microsoft, при што разговараа со Коззета Гарет, General Manager for Cyber Security Services во Microsoft, за актуелни предизвици и можности за унапредување на сајбер безбедноста, зајакнување на отпорноста на јавните системи и поддршка на дигиталната трансформација.
Делегацијата во САД ќе присуствува и на Молитвениот појадок, како дел од официјалната агенда на посетата.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

