Контакт

Економија

Педесет години од почетоците на „Адинг“ – интервју со генералниот директор и претседател на Управниот одбор, Благоја Дончев

Објавено пред

„Адинг“ е компанија за производство на хемиски материјали за градежништвото и годинава одбележува јубилејни 50 години од основањето, бројка што е привилегија за мал број домашни компании. Ова е веројатно и не помалку значаен пример за регионот ако го сместиме во еден историски контекст исполнет со бурни периоди, општествени трансформации и неизвесности. Она што е познато за „Адинг“ е посветеноста и компетентноста на неговите луѓе, ентузијазмот и мотивот за работа кој е очигледен, почнувајќи од првите генерации, па сè до најновите. Потоа, квалитетот на нивните производи и технологиите со кои располагаат, распространетоста на странските пазари и брендовите што ги граделе во текот на годините. Еден детаљ од нивната филозофија, главното мото на компанијата – да се биде состојка на секоја градба – испраќа силна и јасна порака на компанија тркач на долги патеки.

dobivaj vesti na viber

На почетокот да позборуваме за нешто актуелно. Деновиве бевте добитник на наградата за животно дело „Креатори на столетието“ на престижната МЕФ-перспектива од Хрватска. Кажете ни накусо за што станува збор?

Наградата е доделена во конкуренција на повеќе од 400 компании, организации и лица од 8 земји од регионот на Средна и Југоисточна Европа. Како претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Адинг“ бев номиниран за наградата за животно дело „Создавачи на столетието“ од страна на меѓународниот економски форум „Перспектива“ со седиште во Хрватска. Комитетот што ја доделува оваа награда е составен од еминентни професорски имиња и стопанственици од целиот регион и со оглед на номинациите немаше лесна работа. Секако дека по речиси 40 години личен професионален ангажман, доделувањето на едно вакво признание за развојот на претприемаштвото во регионот на кој му припаѓаме ми претставува чест и задоволство.

Г. Дончев, зошто токму „50 години од првите чекори“, дали 50-те изминати години натежнаа, па сте во некоја зрела фаза од животниот циклус на компанијата?

Триесетти мај е денот кога е родена „Адинг“ во далечната 1969 година и веруваме дека ништо не е случајно. Во годината кога е направен првиот чекор на Месечината се направени и првите чекори на „Адинг“. Тоа е година на интензивна воена и вселенска трка, година на технолошки револуции, но и значајни социјални и културни промени во светот и за нас најзначјано – година што инспирирала група ентузијасти да создадат мала компанија, која во текот на годините прерасна во синоним за хемија во градежништвото.

Честопати ние повозрасните во компанијата, кога ќе се свртиме наназад, навистина се гордееме на патот што го минавме за денес да сме овде. Се гордееме и на начинот на кој успеавме да ги надминеме сите пречки што објективно беа испречени пред нас. Хронолошки и накусо би кажал дека со самото основање во тогашната СФРЈ компанијата се изборила за дејност што била привилегија за некои од преостанатите нејзини републики. Тогашните 5 луѓе што ги поставиле основите, почнале во импровизирани услови, но со голема верба и лични заложби да успеат и да докажат дека можат. И биле во право, препознале можност и простор на пазарот и ја искористиле шансата, па набргу стигнале до бројка од 35 луѓе. Потоа, следува период на неколку трансформации и работење како дел од тогашен ОХИС и потоа издвојување од неговите рамки.

Како компанија што извезуваше и настапуваше во целиот регион, а заедно со градежната оператива од тогашната држава и во целиот свет, бевме погодени од периодот поврзан со распадот на тогашната држава. Загубата на дотогаш домашниот пазар ја надоместивме со настап на пазарите во Блискиот Исток, Русија, Казахстан итн., а паралелно го почнавме и процесот на приватизација. „Адинг“ е една од првите пет фирми во Македонија кои успешно ја завршија приватизацијата. Таа стана сопственост на вработените на многу транспарентен и правичен начин, без потреси и превирања. Со 100 отсто акционерски капитал продолжи подемот на компанијата чувствувајќи ги сите транзициски тешкотии и кризни години, кои сè уште се наша реалност.

Секако, по 50 изминати години, „Адинг“ е зрела, стабилна и успешна компанија. Но, тежината на годините ја гледаме исклучиво во акумулираното искуство, технологијата и знаењето со кое располагаме. Сето ова, заедно со младиот човечки капитал што го имаме, и е помлад од 50-те години на „Адинг“, нè уверува дека следуваат години на нови успеси и потенцијал да одбележиме многу поголеми јубилеи.

Споменавте дека распадот на тогашната држава Ве пренасочило кон далечните источни пазари. Колку е ова пример и во денешното Ваше работење?

Да, веројатно и во рамките на една поголема држава нам ни беше претесно. Од тука и нашиот имиџ на светски патници и амбасадори на нашата земја. Уште во првата деценија од нашето постоење е почната оваа приказна и освен во целиот регион на Југоисточна Европа, до ден-денешен сме присутни во речиси сите земји од Блискиот Исток, Русија, Казахстан, Либија итн.

Во моментот сме присутни на повеќе од 13 странски пазари и тоа е дел од стратегијата на компанијата. Турбуленциите и неизвесните политички текови, за жал, никако да фатат некој нормален чекор и освен што влијаат на работата на домашниот пазар, го отежнуваат и работењето воопшто. Но, веројатно она што не може да нè уништи не прави посилни, а за нас работењето надвор е стратешка определба и веќе традиција. Ова влијаеше да креираме здраво јадро од странски партнерски компании, соработници и наши дистрбутери, како и широко портфолио, кое ни дава цврсти гаранции дека ќе продолжиме и понатаму. Од големо значење за „Адинг“ се нашата фирма во Србија, „Адинг Белград“, и нашата фабрика во Перник и фирма „Адинг Бугарија“. За малку подалечните пазари, во последните дваесет години како најзабележително би го издвоил работењето на филијалата „Адинг Казахстан“ со наше постојано консултантското присуство и инструкциите од инженерскиот кадар при изработката на бетонските коловози во Казахстан со цел вградување наши производи, како и доработка на наши производи со домашен казашки партнер. Со ова уште еднаш докажуваме дека „Адинг“ навистина поседува квалитетен и конкурентен спакуван ум, со кој подготвено настапува на странските пазари.

Со оглед дека настапувате и на странските пазари, со каква конкуренција се сретнувате во моментот и како се борите со неа?

Како никогаш досега конкуренцијата е сè поизразена дома и во странство. На пазарот компанијата се бори со сите силни светски брендови во нашата област. Навистина е потребна умешност и многу енергија за да се стигне до големите проекти во регионот и да се убедат компаниите да користат македонски бренд. Дополнително, негативно влијание има и нелојалната конкуренција, која, за жал, егзистира на домашниот пазар и потребна е цврста законска регулатива што ќе се спроведува на дело. Додека овде кај нас секој може да декларира каков било производ, ние нашите производи надвор од државата мораме да ги докажеме со сите европски сертификати и да сме во согласност со нивните норми и стандарди. Сепак, нашите квалитетни, стандардизирани и конкурентни производи веќе подолг период нè зацврстија како компанија што се бори со големите светски брендови и тука го бараме делот од колачот. Нашите „адинговци“ присутни на терен секојдневно ни докажуваат дека не сме ниту помалку способни ниту помалку вешти, но потребна е поголема поддршка од државата и план за стратешко и заедничко освојување на нашата индустрија на големите градежни проекти во регионот.

Кога велите Вашите луѓе, кој го сочинува „Адинг“?

Со околу 40 отсто инженерски кадар, ние гордо кажуваме дека сме инженерска компанија во која се застапени градежни инженери, архитекти, технолози, хемичари, но и друг високостручен кадар. Во постојана соработка сме со Градежниот, Архитектонскиот, Технолошкиот и Факултетот за хемија во Македонија и слични институции надвор од Македонија, од каде што ги ангажираме идните инженерски кадри. Секој од нашите инженери добива можност за понатамошно усовршување, трансфер на искуства и знаење од нивните претходници и можност за брза и интензивна обука и напредување. Можеби еден од темелните принципи на филозофијата на „Адинг“ е дека она што сме ние како компанија за градбите, нивна состојка, тоа се нашите луѓе за компанијата.

Кажете ни накусо за производите, состојките на „Адинг“?

Производната програма брои над 100 специфични хемиски производи за градежништвото. Тие се поделени во 12 главни групи (адитиви за бетони, смеси за залевање, материјали за санации, хидроизолации, производи за епоксидни, цементни и спортски подни системи, заштитни антоикорозивни премази, противпожарни системи итн.), кои потоа се делат во подгрупи карактеристични за одредени сегменти и фази од работењето во градежната индустрија. Кусо кажано, најчесто ова го дефинираме како фармација за градежништвото. Нашите производи се користат и како превентива, но и како лек во градежништвото. Со оглед дека нивната примена честопати е сложена по својата природа, таа е поддржана од нашите инженери преку соодветни технички решенија и инструкции.

За крај, кажете ни во каква кондиција е градежништвото, каква иднина му предвидувате и кои се Вашите идни планови?

Градежништвото во државата и во регионот е во потенцијална експанзија на инфраструктурните: нови проекти – автопатишта, патишта, железници, гасификација, како и реконструкција на старите постојни инфраструктурни проекти. Тоа се големи можности за учество на сите македонски компании, а секако и за „Адинг“, која е веќе присутна во Македонија, Бугарија, Србија, БиХ, Црна Гора, Албанија, Косово.

Проектите се капитални инвестиции, од кои некои завршуваат, а почнуваат нови. Конкуренцијата е голема, но ние учествуваме да се справиме со големите европски компании од нашата дејност и очекувам наредните години „Адинг“ да продолжи успешно да работи остварувајќи го својот глобален бизнис-план на задоволство на вработените и на сопствениците акционери на „Адинг“.

Економија

Пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за квалитет на „Алкалоид“ при официјалната посета на владина делегација на компанијата

Објавено пред

ГЛАВНАТА ЦЕЛ НА МИКРОБИОЛОШКАТА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КОНТРОЛА НА КВАЛИТЕТ, НАЈНОВАТА ИНВЕСТИЦИЈА НА „АЛКАЛОИД“ АД ВРЕДНА 3,1 МИЛИОНИ ЕВРА, Е ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НАЈВИСОКО НИВО НА КОНТРОЛА НА МИКРОБИОЛОШКИОТ КВАЛИТЕТ НА СУРОВИНИТЕ, ПРИМАРНАТА АМБАЛАЖА, ПОЛУПРОИЗВОДИТЕ И НА ГОТОВИТЕ ПРОИЗВОДИ.

dobivaj vesti na viber

На простор од близу 700 м2 се спроведуваат активности како што се мониторинг на просториите и површините, мониторинг на системите за производство и дистрибуција на прочистена фармацевтска вода, мониторинг на компримираниот воздух, верификација на чистењето на процесната опрема, тестови за стерилност, идентификација на микроорганизми, тестирање на антимикробната ефикасност, потврда за ефикасноста на дезинфициенсите, како и други анализи, во согласност со регулаторните барања.

 

Оваа најнова инвестиција на „Алкалоид“ беше пуштена во употреба при официјалната посета на владина делегација на компанијата, предводена од Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, придружуван од д-р Азир Алиу, Министер за здравство, и од г. Сашо Клековски, Директор на Фондот за здравствено осигурување.

„Со Микробиолошката лабораторија за контрола на квалитет Македонија се позиционира како регионален лидер не само во фармацевтската микробиологија, туку и во целокупната контрола на лекови. Проектот е целосно финансиран и реализиран од ’Алкалоид’ АД, со сопствени ресурси, интерна експертиза и со инвестиција од околу 3,1 милиони евра реализирана во период од речиси две години, што е јасна потврда за визијата, знаењето и за долгорочната посветеност на компанијата на врвниот квалитет“, изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.

„За мене претставува огромна чест и задоволство што денеска во ’Алкалоид’ видовме работи кои ги гледаме во најсовремените светски фармацевтски индустрии. Горди сме што се македонски. Благодарност до Генералниот директор и до сите вработени кои денеска стручно ни објаснија со што сè се занимава оваа компанија и можам со задоволство да констатирам дека над 3000 вработени ја градат својата иднина во ’Алкалоид’. Извозното портфолио на компанијата, кое е повеќе од две третини од производството, позитивно влијае во насока на економската состојба на државата и зголемувањето на БДП и на индустриското производство, па затоа ние како Влада секогаш ќе поддржуваме успешни македонски приказни бидејќи нема подобра промоција за државата од ваква успешна приказна надвор од границите“, изјави Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски.

Новата Микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет на „Алкалоид“ АД Скопје има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице. Одделот за контрола на квалитет носи стратешка одговорност за усогласеност со меѓународните регулаторни стандарди во фармацијата, а со него раководи д-р Ѓорѓи Петрушевски, доктор по хемиски науки со значаен научен придонес (33 објавени научни трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание и повеќе од 500 цитати) и со експертиза на полето на фармацевтската хемија и фармацевтските системи за квалитет.

 

Прикажи повеќе...

Економија

Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO) потпишаа меморандум за соработка и јакнење на институционалните капацитети

Објавено пред

Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија – СЕKО (SECO) потпишаа Меморандум со кој се воспоставува рамка за соработка во периодот 2025 ‒ 2028 година. Меморандумот го потпишаа гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер.

dobivaj vesti na viber

Соработката опфаќа обезбедување техничка помош и размена на знаење заради унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките неопходни за водење монетарна политика, зајакнување на стабилноста на финансискиот сектор, како и за понатамошно јакнење на институционалните капацитети на Народната банка.

„Воспоставената соработка претставува значаен поттик за натамошно зајакнување на капацитетите на Народната банка во повеќе важни области на работењето и потврда на долгогодишното партнерство меѓу нашата земја и Швајцарија“, истакна гувернерот Славески нагласувајќи ја улогата на централната банка во обезбедувањето макроекономска стабилност и поддршката на одржливиот економски развој.

„Швајцарија е посветен партнер за развој на Северна Македонија повеќе од 30 години. Преку овој меморандум за соработка, ја потврдуваме нашата поддршка за економските институции и реформите во земјата, како и за силна, независна и кредибилна централна банка којашто ги применува меѓународните и европските стандарди. Швајцарија го почитува ова партнерство и е посветена на унапредување на макроекономската стабилност и на одржливиот економски развој“, истакна амбасадорот Зомер.

Во рамките на Програмата, активностите се насочени кон унапредување на спроведувањето на монетарната политика, промовирање стабилен и сеопфатен финансиски сектор, зајакнување на отпорноста, одржливоста и ефикасноста во работењето. Поддршката опфаќа анализа и спроведување на монетарната политика, макроекономски податоци и статистика, истражувања, финансиска стабилност и вклученост, развивање нови дигитални решенија за модернизација на платежната инфраструктура преку подобрување на пристапот до платежните услуги, еколошката одржливост, управувањето со ризиците, како и управувањето со човечките ресурси и меѓународната соработка.

Соработката се остварува во рамките на Програмата за билатерална помош и градење капацитети за централните банки (Bilateral Assistance and Capacity Development for Central Banks – BCC), финансирана од СЕКО и спроведена од Женевскиот институт за меѓународни и развојни студии. Програмата има за цел да ги зајакне капацитетите на централните банки во земјите во развој преку унапредување на нивната аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика и одржување стабилен финансиски систем. Со потпишувањето на Меморандумот, Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.

Прикажи повеќе...

Економија

Божиновска пред Енергетската заедница: Македонија ја забрзува интеграцијата во европскиот енергетски пазар

Објавено пред

Од

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на состанок на Енергетската заедница, каде што ја презентираше реалната и мерлива динамика на напредокот на Северна Македонија во усогласувањето со европското енергетско и климатско законодавство и во јакнењето на регионалната енергетска интеграција.

dobivaj vesti na viber

Во своето обраќање, министерката истакна дека изминатата година била обележана со предизвици, но и со конкретни институционални резултати, пред сè во делот на законодавните реформи и стратешките инфраструктурни чекори.

Како клучна пресвртница, Божиновска го нагласи усвојувањето на новиот Закон за енергетика, со кој во голема мера е транспониран Пакетот за интеграција на електричната енергија. Според неа, Законот создава јасна правна основа за активна интеграција на националниот електроенергетски и гасен систем во регионалниот и во внатрешниот пазар на Европската Унија и претставува најзначајниот чекор кон идното спојување на македонскиот пазар со европскиот пазар на електрична енергија.

„Со овој закон се редефинираат улогите, обврските и одговорностите на институциите, операторите на преносните системи и пазарните оператори – не само во имплементацијата, туку и во активното учество во креирањето на заедничките правила за регионалните енергетски пазари“, беше истакнато во обраќањето.

Дополнително, министерката информираше дека во 2025 година е усвоен и Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност, со кој се отстрануваат регулаторните и нерегулаторните бариери за реализација на проекти за енергетска ефикасност, се зајакнува соработката меѓу сите чинители, се поттикнува користењето обновливи извори на енергија кај крајните корисници и се овозможува поефикасно користење на финансиски механизми и стимулации.

Во делот на стратешкото планирање, Божиновска информираше дека Ревидираниот Национален енергетски и климатски план (НЕКП) за периодот 2025–2030 се наоѓа во финална фаза пред усвојување. Јавната консултација со сите релевантни засегнати страни, вклучително и со Енергетската заедница, е завршена, а усвојувањето се очекува во најкраток можен рок.

Посебно беше истакнат и пристапот на МЕПСО кон Заедничката канцеларија за алокација (JAO) – заедничката европска платформа за аукција на прекугранични преносни капацитети, што, како што кажа Божиновска, претставува стратешки исчекор за националниот електроенергетски систем и практична интеграција во најголемата и најтранспарентна европска платформа од овој тип.

Во таа насока, министерката најави дека МЕПСО има намера да номинира еден преносен инфраструктурен проект во рамки на процесот за избор на Проекти од интерес на Енергетската заедница / Проекти од заемен интерес (PECI/PMI) во циклусот за 2026 година, како дел од заложбите за јакнење на регионалната поврзаност и усогласување со европските плански рамки.

На крајот, Божиновска подвлече дека државата паралелно работи на критични инвестиции во регионалните електроенергетски и гасни интерконекции, со цел зголемување на енергетската безбедност, вклучително и проектот за гасен интерконектор со Грција и продолжување на разговорите со Србија.

Прикажи повеќе...

Најново

Топ8 часа

Затаен данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, истрага против две лица

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека подолг временски период вршеле кривично...

Македонија10 часа

Алиу: Дефиниравме нови програми за специјализации – темелно го менуваме пристапот за креирање медицински кадар

На денешната прес-конференција на министерот за здравство Азир Алиу, заедно со претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева-Старделова, деканот на Медицинскиот...

Македонија11 часа

Уапсени 11 лица за местење тендер вреден над 7,6 милиони евра во „ЕСМ дистрибуција на топлина“

Завчера во текот на ноќта помеѓу 17 и 18 декември и вчера, под раководство на јавен обвинител, полициски службеници спроведоа...

Македонија11 часа

Левицата бара независна истрага за смртта на новороденчето и одговорност од директорката и од педијатарката во ГАК

Левица бара Обвинителството да отвори истрага за смртта на новороденчето на Клиниката за гинекологија и акушерство и одговорност од директорката...

Македонија12 часа

(Видео) Тошковски: Интервентната полиција – шест години посветена служба во заштита на граѓаните

По повод шест години од формирањето на Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, денеска беше одбележан Денот на единицата,...

Македонија12 часа

Андоновски: Македонија рангирана во А-групата за дигитален напредок според Светската банка

На конференцијата „Трансформирање на иднината: дигитална стратегија за современо општество“, посветена на промоцијата на Националната стратегија за развој на ИКТ...

Македонија12 часа

Измените на Кривичниот законик се само уште едно крпење на правниот систем, велат од ЛДП

Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува сериозна загриженост и негодување во однос на најновите предлог-измени на Кривичниот законик кои се најдоа пред...

Македонија12 часа

Надминат прагот на штетни честички во воздухот во Скопје, надлежните активираа мерки

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг-систем за квалитет на амбиенталниот воздух...

Македонија14 часа

„’Лотаријата’ функционирала како приватна фирма на Груби, СДС молчел за криминалот од 1 милион евра поради опстанок на власт“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„СДС за да опстане ден повеќе на власт ги толерирале злоупотребите кои се случувале во Лотарија под раководство на Бајрами,...

Македонија14 часа

Спроведени 262 контрли на безбедноста на новогодишните пакетчиња, утврдени минимални недоследности

Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за контрола на безбеднста...

Свет15 часа

Макрон: Дојде време да се обнови дијалогот со Путин

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека дојде време тој и европските лидери повторно да влезат во дијалог со рускиот претседател...

Свет15 часа

(Видео) Објавена нова снимка од нападот во Сиднеј: полицаец спречил масакр од 45 метри

Австралиските медиуми го идентификуваа полицаецот кој го спречи смртоносниот антисемитски напад на плажата Бонди како детективот Сезар Бараза. Новообјавените видеа...

Свет15 часа

(Видео) Осомничениот за масовното пукање на Универзитетот „Браун“ пронајден мртов: го убил и професорот на МИТ

Маж осомничен за масовното пукање на Универзитетот Браун од минатата недела е пронајден мртов по шестдневна потрага што се протегаше...

Свет16 часа

Трамп ја прогласи марихуаната за помалку опасна дрога

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која марихуаната на федерално ниво се класифицира како помалку опасна дрога, во...

Европа16 часа

ЕУ, конечно, постигна договор за Украина: три членки одбија да учествуваат

Лидерите на ЕУ ги откажаа плановите за невиден заем за репарации за Украина и наместо тоа ќе соберат 90 милијарди...

Свет1 ден

(Видео) Приватен авион се урна во Северна Каролина, повеќе загинати

Повеќе луѓе загинаа откако приватен авион Цесна С550 поврзан со возачот на НАСКАР, Грег Бифл, се урна во близина на...

Регион1 ден

(Видео) Хаос и туркање во албанскиот парламент: драматични сцени во Тирана

Во албанскиот парламент денес избувна хаос кога пратениците од опозицијата запалија факели и фрлаа вода за време на седницата, а...

Европа1 ден

(Видео) Украинските дронови уништија „неуништливи“ руски С-400

Украинските оператори на беспилотни летала уништија два руски ракетни системи С-400 Триумф заедно со нивната муниција во рускиот регион Белгород,...

Свет1 ден

„Драги нелегални имигранти, вратете се дома за празниците!“, порача американско министерство

Министерството за внатрешна безбедност на САД објави графика слична на божиќна честитка на X, повикувајќи на депортација на луѓе кои...

Македонија1 ден

Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта

СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската...