Топ
Седум лица од Струмица под истрага за обид за убиство во Стар Дојран

Основното јавно обвинителство Велес отвори истрага против седум лица од Струмица на возраст од 19 години до 25 години, и тоа против едно лице на возраст од 24 години за обид за убиство, против едно лице за истото кривично дело како поттикнувач и против пет други лица во својство на помагачи при извршување на кривичното дело.
На 1 мај пред хотел во Стар Дојран дошло до вербална расправија помеѓу двајца од осомничените, кои биле во алкохолизирана состојба, и двајца вработени во хотелот. Расправијата преминала во физичка пресметка. На вработените во хотелот им се придружило уште едно лице, а двајцата сега осомничени повикале уште пет други лица да дојдат во хотелот бидејќи имаат проблем. Во еден момент сите осомничени го заобиколиле оштетениот, кој им помагал на вработените во хотелот. Додека оштетениот му бил завртен со грб, еден од осомничените со нож му нанел две убодни рани во пределот на горната десна страна од грбот и една убодна рана во средината на градниот кош.
Од извршената анализа на алкохол во крвта е констатирано дека осомничениот во тој момент бил во алкохолизирана состојба, во која самиот се довел, со количина од 1,69 промили алкохол во крвта.
Имајќи ја предвид тежината на стореното кривично дело и можната казна, Основното јавно обвинителство Велес оцени дека постои можност осомничениот, кој директно го извршил делото, да избега или да го повтори кривичното дело. Исто така, бидејќи другите осомничени му се блиски пријатели, а едниот му е брат, веројатно е дека може да врши и влијание врз нив со кое ќе го попречува водењето на истражната постапка. Затоа, Основното јавно обвинителство Велес до судот поднесе предлог за определување мерка притвор за ова осомничено лице, а за другите осомничени е предложено да бидат определени мерки на претпазливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Инциденти по протестот во Белград: Петпати фрлија солзавец, но луѓето бришат солзи и не се откажуваат, летаат јајца и шишиња по полицијата

Голема толпа народ не се повлекува од улиците на Белград иако студентскиот протест, преку кој испратија порака за предвремени парламентарни избори, заврши. Полициски кордони има насекаде и се обидуваат да ја потиснат масата луѓе. Граѓаните на многу места фрлаат со шишиња, лименки, камења и јајца по полицијата, се жалат дека се чувствува солзавец во воздухот, но велат дека нема да се откажат.
„Бевме пред кордонот полиција, во првиот ред. Петпати фрлија солзавец, но луѓето бришат солзи и не се откажуваат. Доста е страв, нема понатаму. Ова е нивен крај, не наш. Остануваме до крај“, вели за српската телевизија „Н1“ студентка која на протестот е со мајка си и не сака да си замине.
„Спуштете ги штитовите“ извикуваат граѓаните и не сакат да отстапат. Ставаат маски на лицата и пренесуваат повик „да не се откажуваме, се додека сме мирни, ништо не можат“.
Студентскиот протест на кој беа пренесени пораките за предвремени избори заврши мирно, а инцидентите почнаа во моментот кога студентите ги соблекоа елеците.
Регион
(Видео) Студентите на протестот во Белград ќе развеат знаме „какво што не се очекува“

Студентскиот протест во Белград почна со огромен број луѓе кои се уште се слеваат кон плоштадот Славија. Студентите за вечерва најавија дека ќе развеат знаме „какво што досега не е видено“. Откога почна протестот тие на социјалните мрежи објавија кусо видео од последните подготовки за изнесување големо знаме на улица со најава дека „тоа ќе биде знаме кое не сте го очекувале“.
Biće to zastava koju niste ocekivali pic.twitter.com/qeFNGlGmHD
— Žaklina Tatalović (@zaklina_prva) June 28, 2025
Протестот е предвидено да заврши во 21 часот кога истекува рокот кој студентите го дадоа на власта за распуштање на Народното собрание распишување предвремени парламентарни избори како и растурање на протестот во Пионерскиот парк каде некои студенти на контрапротест три месеци кампуваат и бараат продолжување на универзитетската година. За се што ќе се случува по 21 часот, студентите кажаа дека не се надлежни, а претседателот на Србија, Александар Вучиќ, попладнево рече дека очекува насилство, токму во периодот од 21 до 22 часот.
Регион
Плоштадот Славија во Белград се преполни, реки луѓе доаѓаат од сите страни на видовденски протест

Под слоганот „Се гледаме на „Видовден“ попладнево плоштадот Славија во Белград, Србија се преполни луѓе. Српските медиуми јавуваат дека реки народ се уште доаѓаат кон плоштадот од сите страни на државата.
Студентите, поддржани од огромен број граѓани имаат две барања од властите. Првото барање е распуштање на Народното собрание и распишување предвремени парламентарни избори до 21 часот денес, а второто барање е да прекине протестот на некои од студентите кои бараат продолжување на универзитетската година и три месеци кампуваат во Пионерскиот парк во центарот на Белград.
Студентите кои го организираат протестот најавија дека тој ќе трае три часа, треба да заврши во 21 часот и се огласија за ненадлежни за се што ќе се случува по 21 часот.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека очекува насилство на протестот кое ќе почне меѓу 21 и 22 часот.