Европа
(Видео) На Сицилија се продаваат куќи за едно евро

Во италијанскиот град Самбука во близина на Палермо куќите се продаваат за цена од едно евро. По излегувањето на огласите во јавноста, градските служби велат дека телефоните постојано ѕвонат.
Оваа мерка, која е популарна во Италија, е усвоена на почетокот на јануари. Заменик-градоначалникот Џузепе Качапо вели дека куќите ќе бидат продадени за цена на еден кроасан ако на аукцијата некој не понуди повеќе.
Веќе следниот ден стотина луѓе од Велика Британија, Дубаи, Панама и од Русија стигнаа во Самбука да разгледаат некои од недвижностите. Во меѓувреме, телефонот во градските канцеларии непрекинато ѕвонел веќе со недели.
„Нè бараа од Сиднеј, Лондон и од Њујорк. Неколку недели по огласувањето, примивме речиси 100.000 имејлови, а многумина потенцијални купувачи веќе ги купија првите достапни летови за Сицилија“, вели Качопо.
Во средата се продадени првите 16 куќи. Најевтината била продадена за 1.000 евра, а најскапата за 25.000 евра. Другите се продадени за цена од 5.000 до 10.000 евра.
Меѓу новите сопственици се семејства од Израел, Британија, Русија и од Чиле. Уште 50 куќи во Самбука им се продадени на странски купувачи.
„Меѓу приватните и општинските куќи примивме вкупни инвестиции од милион евра. Тоа е вистинско богатство за мал град како што е нашиот“, изјавил Качопо.
Инаку, новиот сопственик за време на купувањето мора да се обврзе во рок од три години, во обновата на станот, да вложи минимално 15.000 евра. Плус, пред купувањето, потребно е да положи депозит од 5.000 евра, кој ќе биде вратен по обновата на куќата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши в сабота, 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува да присуствуваат многубројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на „Телеграм“ градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона Шхидни. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база не само за стоки туку и за опрема и персонал, со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата почна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.