Македонија
Џафери: Присуството на соседите на инаугурацијата е одлична порака до меѓународната заедница
На инаугурацијата на новоизбраниот претседател на Република Северна Македонија, меѓу другите гости беше присутен и претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, со кого претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери оствари кратка протоколарна средба.
Џафери му посака добредојде на гостинот и воедно се заблагодари за присуството на инаугурацијата, со што, како што рече, уште еднаш се покажало на дело дека односите меѓу двете соседни земји се позитивни, и секако треба да продолжат во таа насока. Тој исто така рече дека присуството на првите соседи на овој свечен чин за нашата земја е и одлична порака до меѓународната заедница, до Европската Унија и регионот дека во регионот сме детерминирани да го оставиме минатото зад нас.
Претседателот на Собранието се заблагодари и за поддршката што Република Бугарија ја дава во насока на нашето пристапување во НАТО и ЕУ и изрази надеж дека во јуни ќе добиеме зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ, имајќи предвид дека сиот потенцијал е ангажиран во исполнување на европската агенда и потребните реформи.
Претседателот Радев, изрази задоволство што беше присутен на инаугурацијата и од можноста да се сретне повторно со претседателот Џафери а потоа и со новоизбраниот претседател Пендаровски. Потврди дека односите меѓу двете земји се одлични и искажа готовност тие да продолжат, да се интензивираат, дури и да станат секојдневна практика.
„Потребни сме си едни на друг затоа што проблемите ни се заеднички, не се изолирани. Се разбира, покрај институционалната соработка, најбитно е инфраструктурното поврзување и затоа е потребно да се забрза железничкото поврзување меѓу двете земји, како единствени на Балканот што не се поврзани на тој начин и се разбира Коридорот 8“, рече Радев.
Тој ги понуди сите расположливи ресурси за што е можна подобра соработка во сите полиња, безбедноста, военото образование, културата, образованието, а пред се во насока на пристапувањето, бидејќи отворањето на Поглавјата со ЕУ не е воопшто лесен процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лашкоска: Обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес ја посети Гевгелија каде заедно со градоначалникот, Андон Сарамандов, се приклучија на акцијата за масовно пошумување и подигање на јавната свест „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“ во рамките на која на месноста Топлик, Гевгелија се засадуваа 6000 дрвни насади.
„Министерството за животна средина ги поддржува активностите за пошумување во државата бидејќи тие се значаен ресурс од повеќе аспекти – заштита на биодивезитетот, подобрување на квалитетот на воздухот, климатските промени, заштита од ерозија и свлечишта и се важен економски ресурс“ изјави Лашкоска на настанот потенцирајќи дека обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво особено во услови кога сме соочени со многу високи летни температури и со сериозно опожарување на шумите на територијата на целата држава.
Таа упати честитки и благодарност до градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов и општина Гевгелија за одлично реализираната акција.
Во рамките на посетата на општина Гевгелија, заменик министерката Лашкоска и градоначлникот Сарамадов направија увид во реализацијата на проектот за намалување на загуби на вода со замена и инсталација на водомери заедно со инсталација и конфигурација на опрема со далечинско отчитување. Проектот го имплементира ЈКПД Комуналец Гевгелија, а е финансиски поддржан од страна на МЖСПП со средства во висина од 5 милиони денари.
Македонија
СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија утре ќе го одржи 30. партиски Конгрес, на којшто ќе биде избрано новото партиско раководство.
Од опозициската партија известија дека Конгресот ќе има отворен и работен дел, ќе се разговара за идните, нови политики на партијата и ќе биде избрано новото раководство, однсно членовите на највисиките тела во СДСМ – Централниот и Надзорниот одбор.
На почетокот, ќе има обраќање на Венко Филипче, кој пред пет месеци ја презема претседателската функција од неговиот претходник, Димитар Ковачевски по големиот пораз што го претрпе партијата на парламентарните и претседателските избори.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ контра Кузеска: Оваа Влада вложува во модернизација, претходната потроши 5 милиони евра на службени возила
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која што вложува во модернизација, професионализација и осовременување на условите за работа во македонските институции, СДС и ДУИ во своето владеење за службени возила потрошиле повеќе од пет милиони евра, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролката од СДСМ, Богданка Кузеска.
„Очигледно на функционерите од СДС изминатите седум години на власт, најважна им била сопствената комоција, а не и реалните проблеми на обичните луѓе“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека во буџетот за 2025 година предвидено е зголемување на средствата за модернизација на МВР, одбраната, здравството, земјоделието, односно предвидени се зголемени средства за набавка на опрема во сите институции.
Кузеска претходно денес на прес-конференција обвини дека власта ги одби амандманите за поголеми плати, а ќе троши на мебел и скапи автомобили за функционерите.