Регион
Рама: Албанците во Албанија и на Косово се браќа и треба да се обединат
Албанците во Албанија и на Косово се браќа кои сега живеат во две различни држави и треба да се обединат, изјави албанскиот премиер, Еди Рама.
Како што пренесува српски „Блиц“, во интервју за телевизија „Пинк“, Рама рекол дека на тоа обединување гледа како на дел од патот кон ЕУ. Албанскиот премиер тврди дека се залага за регион без граници: „Не сакам граници со Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. Треба да работиме заедно за да овозможиме тоа да се случи“. Според него, Србија мора да се соочи со реалноста и да признае дека Косово е независна и слободна држава.
„Потребата за помирување е неминовна и колку повеќе Србија продолжува да верува дека ова е само сон кој не се случил, или дека тоа може да се спречи, ќе биде поболно за сите“, смета Рама.
Рама во интервјуто истакнал дека никогаш не зборувал за т.н. Голема Албанија и дека тоа е термин дизајниран за да се користи против Албанците. Албанскиот премиер рекол дека верува оти Србите и Албанците можат да го направат за Балканот она што Франција и Германија го направиле за Европа. Таксите наметнати од приштинските власти во однос на српската стока, Рама ги смета за политички крик.
„Од двете страни бев обележан дека сум направил нешто лошо. Така бев означен од моите пријатели на чело со Рамуш и од другата страна во Белград. Ниту канцеларката, ниту, пак, претседателот на Франција, ниту јас не се залагаме за укинување на таксите, туку за нивно суспендирање со цел да се овозможи можност за ново поглавје од дијалогот“, изјави Рама во интервју спроведено по самитот во Берлин, а во пресрет на состанокот на Брдо-Бриони во Тирана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos
Регион
Во Хрватска во тек е јавна дебата за изградбата на првата нуклеарна централа
Во Хрватска предлог-законот за примена на нуклеарна енергија за цивилни цели, изготвен од работна група, составена од голем број експерти од областа, е пуштен на јавна дебата, што всушност е првиот сериозен правен чекор во долгорочниот и скап процес на изградба на првата нуклеарна централа на хрватска територија.
Во последните месеци, министерот за економија, Анте Шушњар, често се појавуваше во јавноста со идејата дека Хрватска треба да изгради сопствена нуклеарна централа, што во овие нови геополитички околности и трендови на напуштање на фосилните горива, како и во времето на револуцијата на вештачката интелигенција и потребата од огромни количини електрична енергија, би донело стабилност во електроенергетскиот систем на земјата и би влијаело на намалувањето на емисиите на штетни гасови, пренесува „Танјуг“.
Од нацрт-верзијата на предложениот закон е јасно дека Хрватска во иднина во голема мера ќе се потпира на нуклеарна енергија. Планот е една третина од електричната енергија до 2040 година да доаѓа од нуклеарни извори.

