Македонија
Во училиште ќе се запишуваат само вакцинирани деца, одлучи Владата
На денешната седница Владата донесе заклучок во училиштата да се запишат единствено деца што се вакцинирани и за тоа имаат соодветен документ/потврда. Во сите училишта да се примаат пријавите за упис во училиштата и на оние деца што не се вакцинирани, но да не се врши упис на нив сè додека не биде приложен соодветен документ/потврда за вакцинација, потврди Министерството за здравство.
Вкупниот број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП-вакцина од почетокот на епидемијата во Република Северна Македонија изнесува 24.023. Во Скопје бројот на вакцинирани деца изнесува 13.684 од вкупно 16.361 невакцинирано дете. Од преостанатиот дел од државата бројот на вакцинирани деца до 14 години со МРП-вакцина изнесува 10.339. Само со стапка на вакцинација над 95 отсто ќе обезбедиме колективен имунитет и ќе биде оневозможено ширењето на вирусот меѓу популацијата.
Здравствените установи не смеат да издаваат потврди ако детето не ги примило задолжителните вакцини. Потврдите што се приложуваат при упис на дете во основно училиште се издаваат во здравствените домови, каде што има вакцинални пунктови и тие се бесплатни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Приведени две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“
Приведени се две лица од раководството на Комунална хигиена, соопштија од Основното јавно обвинителство.
Како што додаваат од таму, лицата се приведени во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик, или како што појаснуваат, станува збор за загрозување на животната средина и природата со отпад.
„Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик“, соопштија од обвинителството.
Дел од медиумите пренесоа дека е приведен директорот на „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми кој е кадар на ДУИ.
Македонија
Алиу: Континуирано ја унапредуваме јавната здравствена инфраструктура, обезбедена хипербарна комора во ГОБ „8 Септември“
Министерот за здравство Азир Алиу и заменик-министерот Јовица Андовски заедно со премиерот Христијан Мицкоски денес ја посетија ГОБ „8 Септември“, каде што беше направен увид на новата хипербарна комора. Опремата е обезбедена со поддршка од компанијата „Зегин“ во рамките на заеднички проект со болницата.
„Хипербарната кислородна терапија им помага на пациентите со хронични рани и рани што тешко заздравуваат, како што се дијабетично стапало, изгореници, состојби со нарушена микроциркулација и други индикации што ги третираат повеќе медицински специјалности. Упатувам искрена благодарност до компанијата за нејзината општествената одговорност, како и до менаџментот и медицинскиот персонал на болницата за професионалната подготовка и интеграција на комората во системот на болничкото работење“, истакна министерот Алиу при посетата.
Комората е поставена во одделот за физикална терапија и рехабилитација, а ќе им биде на располагање и на одделите за пластична хирургија, дерматологија и на други болнички оддели во согласност со потребите и медицинските индикации.
„Ова е пример како со партнерства можеме да ја унапредиме јавната здравствена инфраструктура од аспект на модерна опрема, која ќе го зголеми квалитетот на услугите што ги добиваат пациентите. На овој начин директно влијаеме врз исходите на лекувањето, ги намалуваме ризикот од компликации, престојот во болница и трошоците, а на пациентите им даваме поголема шанса за побрзо и поквалитетно оздравување“, посочи Алиу.
Македонија
Локацијата на ГОБ „8 Септември“ на Мицкоски му изгледа како одлична за нов клинички центар: Има три булевари, гасна поврзаност, но да оставиме експертите да кажат
Премиерот Христијан Мицкоски чека да завршат локалните избори за да распише повик за финансиски институции што ќе понудат кредити за болниците во Штип, Тетово и во Кичево, а веднаш потоа како следен чекор најави дека со партнерите од Обединетото Кралство ќе работат на нов клинички центар во Скопје. Локацијата на Градската општа болница „8 Септември“, според премиерот, е одлична за нов клинички центар.
„Чекор по чекор. Сега првин да завршат локалните избори, па да се распише јавен повик за финансиски институции за болниците, кои се поврзани со договорот влада со влада со Обединетото Кралство. Да заживее тоа, па следно е големиот клинички центар. Инаку, навистина овде изгледа како одлична можност, одлична локација – три булевари, гасна поврзаност, сообраќајна поврзаност, така што ајде да видиме, да оставиме експертите да си го кажат своето мислење“, рече премиерот Мицкоски денес одговарајќи на новинарски прашања по посетата на болницата „8 Септември“, во која почна да функционира хибербарната комора за третман на хронични рани, дијабетично стапало, изгореници, како и поддршка за пациенти од пластична хирургија, пулмологија, а ќе функционира и како поддршка за спортисти.
Премиерот Мицкоски ги повика експертите и Министерството за здравство да направат анализи за новиот клинички центар во Скопје за потоа Владата да изеле со конкретен став.

