Култура
Македонско учество на Канскиот филмски фестивал
На Канскиот филмски фестивал свој штанд има македонската Агенција за филм, што е поставен на павилјонот на Југоисточна Европа, нумериран со 133, каде што има голем број посетители и професионалци од филмската индустрија, претставници на национални филмски центри, а предвидени се и бројни состаноци од кои се очекуваат плодни соработки.
Во рамките на отворањето на програмата Cannes Directors, попладнево во 16:45 часот ќе биде прикажан омнибус од пет краткометражни филмови во кои ќе учествува и македонската режисерка Елеонора Венинова.
The Sign е еден од петте краткометражни играни филмови снимени како дел од проектот Soth European Factory, кој е реализиран според концептот La Factory, основан од Dominique Welenski и Directors Fotnight.
Southeast European Factory е проект за соработка меѓу пет земји од регионот, меѓу кои и Република Северна Македонија. Овој проект, пак, е производ на минатогодишните средби на Агенцијата за филм со региналните филмски центри, кога беше и потпишан договорот за овој проект.
За време на фестивалот ќе се одржи Генералното собрание на директорите на европските филмски агенции, на кое Агенцијата за филм поднела барање за членство и е во очекување да го добие.
Меѓу останатите активности за македонски филмски проекти ќе биде и третата работилница за развој на сценарија на која ѝ претходеа оние во Стредин, Полска и во Брелин за време на Берлинскиот филмски фестивал, а дел од оваа работилница ќе биде учеството на новиот филмски проект на режисерот Вардан Тозија, насловен „М“ кој е во фаза на претпродукција.
На филмскиот маркет на 17 мај во 18 часот ќе биде прикажан филмот „Незаборавна пролет во заборавено село“ во режија на Куштим Бектеши, копродукција меѓу Македонија, Косово и Албанија.
Македонскиот деск на МЕДИА, односно раководителката Бистра Георгиева, ќе учествува на Европскиот филмски форум „Европски таленти: зајакнување на креативниот потенцијал“ каде што ќе се договараат меѓусебни соработки.
Од Кан,
Ана Василевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.