Македонија
(Видео) Заев: Сите заедно да покажеме дека нема толеранција за насилството врз жените
Насилството врз жените е неприфатливо и претставува кршење на основните човекови права и Владата заедно со сите засегнати страни ќе работи на унапредување на човековите права и на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените, порача премиерот Заев денеска во Владата, каде се одржа настан на којшто се презентираа резултатите од Извештајот на ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените во нашата земја.
„Разгледувајќи го извештајот на ОБСЕ еден податок ме загрижи – само 2 процента од испитаните жени кои имаат доживеано насилство од нивните партнери во полиција го пријавиле како сериозен инцидент. Ова мора итно да го менуваме. Жените во Република Северна Македонија треба и мора да се почувствуваат еднакви, сигурни, почитувани, вклучени и целосно интегрирани во општество со нулта толеранција за каков било облик на насилство. Наша заедничка обврска е тоа да го овозможиме. Да нема дилеми – жените се нашата сила за напред и наши еднакви партнери“, рече Заев во своето обраќање.
Тој додаде дека Владата работи на јасни и недвосмислени законски решенија со коишто се спречува насилството и се штитат жените жртви на насилство.
„Владата ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција), а во октомври лани го усвои Акцискиот план за спроведување на конвенцијата за периодот од 2018 до 2020 година. Исто така се унапредуваат потребните услуги за поддршка и заштита на жените жртви на насилство. За првпат е отворен Центар за жртви на сексуално насилство во кој жртвите ќе добијат психосоцијална поддршка и помош за нивна ресоцијализација и реинтеграција, како и три центри за упатување на жртвите на сексуално насилство, лоцирани во здравствени установи во Скопје, Куманово и Тетово. Насилството врз жените не е само женско прашање, туку прашање кои се однесува на секој еден од нас. Токму затоа мора да работиме заеднички и да ставиме крај на истото. Ве охрабрувам и поканувам сите заедно, институции, граѓански организации, меѓународни организации, активистки и активисти, да кажеме и покажеме дека навистина нема толеранција за насилството врз жените и девојките во нашето општество“, посочи премиерот Заев.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во своето обраќање на панел-дискусијата се заблагодари на ОБСЕ за извештајот и истакна дека истиот е посебно важен за државата бидејќи во минатото сите одлуки се носеле без да бидат поткрепени со докази и конкретни податоци.
„Иако пред нас постојат многу предизвици, сепак оваа Влада има силна политичка волја да работи на решавање на овој проблем и да ја спроведеме ратификуваната Истанбулска конвенција. Скопскиот Регион целосно ни е полиен со кризни центри за жени жртви на насилство. МТСП си постави задача дека годинава ќе отвори 5 сервиси и се надеваме со меѓународна поддршка да активираме соодветен кадар што ќе работи директно со жртвите. Дополнително активно работиме на нов закон што ќе ги опфати сите форми на насилство врз жената којшто годинава се очекува да влезе во собраниска процедура”, рече Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.
Македонија
Утре облачно време со температура до 14 степени, од недела заладување
Времето утре ќе биде облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m² , а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

