Македонија
(Видео) Заев на ифтарска вечера: Рамазан е празник кој нѐ учи да создаваме заедница во која сите сме еднакви
Претседателот на Владата, Зоран Заев, синоќа беше гостин на ифтарска вечера организирана од Стопанската комора на Северозападна Македонија, по повод светиот месец Рамазан.
По завршување на вечерата, премиерот Зоран Заев се обрати пред присутните, а на организаторите им се заблагодари за поканата и за укажаната чест.
„Најважниот и најсвет месец во духовниот живот на припадниците на исламот повикува уште еднаш да ги афирмираме вредностите на простување и сочувствување, на толеранција и на почитување на другите. Рамазан е и празник кој нѐ учи дека сите имаме должност да им помагаме на другите, да реагираме и да помагаме да се исправи неправдата, ако му е некому нанесена. Да го даваме најдоброто од себе за да создаваме заедница во која сите сме еднакви. Наша должност е да си служиме и да си помагаме едни на други“, истакна Заев.
Тој рече дека овие вредности се испреплетуваат низ сите вредносни системи на различните верски традиции во нашата земја. Тоа е големата вредност, оцени Заев, на овие наши заеднички простори во кои сме упатени едни на други зашто цврсто не поврзуваат вековните меѓусебни уважувања.
„Посебно ми причинува задоволство што вечерва сум меѓу пријатели, сонародници, со кои заеднички ги делиме сите предизвици на нашето заедничко општество. Партнерскиот однос и меѓусебната соработка што ги воспоставивме со Стопанската комора на Северо-Западна Македонија и со бизнис заедницата од овој регион е од огромно значење за успехот и исчекорот напред на нашите економски политики, во интерес на граѓаните и секако на компаниите. Тоа е здрава и стабилна основа на којашто ја поставивме нашата земја. На крајот дозволете ми уште еднаш да ви посакам преостанатите денови од постот за време на Светиот месец Рамазан да ги поминете со членовите на вашите семејства, пријателите и со најблиските, во слога и спокојство, со сите ваши соседи и пријатели, во добро здравје и духовна сила која ќе ви даде поттик во остварувањето на вашите добри дела.“, истакна Заев.
Покрај премиерот, свое обраќање имаше и претседателот, Стево Пендаровски и претседателот на стопанската комора на Северо-Западна Македонија, Неби Хоџа, кој им заблагодари за присуството на сите гости. На оваа ифтарска вечер присутни беа и вицепремиерите Кочо Анѓушев и Бујар Османи, министрите Крешник Бектеши, Дамјан Манчевски и Едмонд Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

