Македонија
Османи: Активностите на УНОПС покажуваат резултат

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи оствари средба со регионалниот директор на УНОПС за регионот на Европа и Централна Азија, Моин Карим.
„Сакам да изразам задоволство од работата на канцеларијата на УНОПС која се отвори минатата година, секако во насока на имплементација на средствата од Кралствата Норвешка и Шведска, чија билатерална поддршка претставува основа за имплементација на проектите на УНОПС во Република Северна Македонија“, истакна Османи.
Тој упати задоволство и од квалитетот на таргетирањето на билатералната помош, особено нејзиното насочување во мултиетнички средини, создавајќи притоа и дополнителна вредност и од аспект на кохезијата во општеството, како основа за долгорочна стабилност.
Османи упати благодарност до Карим и за таргетирањето на Секретаријатот за европски прашања, како корисник во насока на поддршка на администрацијата во нејзината подготовка за предизвиците кои претстојат, подготвувајќи ги капацитетите за преговори со Европската Унија, изразувајќи притоа уверување дека проектот „Нордиски напредок“ кој УНОПС го спроведува во Република Северна Македонија успешно ќе ја оствари целта за поддршка на Владата, зајакнувајќи ги капацитетите на администрацијата за интеграција на земјата во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Местото на оваа мала земја е во Европската унија

Местото на оваа мала земја е во Европската унија, но не по секоја цена, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој го повика Европскиот совет уште на следната седница да испрати заклучок дека никој од нив нема проблем со посебниот македонски идентитет, јазик и култура, а источниот сосед да покаже европска зрелост и да ги почитува пресудите од Меѓународниот суд за човекови права.
– Мораме да испратиме јасна политичка порака – ДА за Европската унија, НЕ за билатерални услови и ДА за гаранции од страна на Европскиот совет, којшто ако навистина сака да ја види оваа мала земја како дел од Европа, мора да испрати заклучок уште на следниот Европски совет во којшто јасно ќе кажат дека никој од нив нема проблем со посебниот македонски идентитет, со македонскиот јазик кодофициран пред 80 години и со повеќевековната култура и традиција. И да кажат нема повеќе вето и препреки поради билатералните прашања. А, нашиот источен сосед мора да покаже европска зрелост и вистински европски вредности и да го почитува меѓународното право кое вели дека пресудите од Судот за човекови права треба да се спроведат и конечно македонскиот народ во Западна Бугарија да го добие тоа што одамна и припаѓа, а тоа е да успеат да се здружат во заедница, а потоа да номинираат свој претставник во министерскиот совет за малцински права во бугарската Влада. Тоа се црвените линии, истакна Мицкоски.
Осврнувајќи се на патот кон Европската унија во изминатите години, Мицкоски рече дека отстапките се секогаш на грбот на македонскиот народ и дека патот до полноправно членство во Унијата е полн со нечесни удари и откажувања, но дека немаме друга опција.
Пречката што мора да се премости, како што посочи, е Францускиот предлог прифатен од СДСМ, за која, рече, дека сега прави политички маневр со нејзините црвени линии.
– Нашата огромна пречка на патот кон ЕУ е прашањето со нашиот источен сосед и т.н. Францускиот предлог што претходната влада сама го прифати. Сега тоа е пречката што мора да се премости. Но, да не заборавиме и на едно огромно лицемерие што се гледа во тоа што истите што нè убедуваа дека нема подобар од Францускиот предлог и дека идентитетот се штити, сега се обидуваат преку политички маневар да цртаат црвени линии што треба да нè заштитат од предлогот што самите го прифатија на маса, нагласи Мицкоски.
Според него, граѓаните со право се загрижени околу клучното прашање дали ова е последната отстапка што треба да се направи.
– И денес, кога работите се неправедни и тешки, има такви од опозицијата што заговараат да се откажеме од преговори. Ајде да го прифатиме и тоа, но истите мора да кажат која е алтернативата на тоа откажување за државата и сите нејзини поколенија, и дали имаме право да го прекинеме сонот во кој веруваме. Има и такви што ќе речат дека не е фер патот до ЕУ. Кога се формираше целта за членство во Европската Унија, никој нам не ни ветуваше фер игра, напротив, судбината на малите народи и држави во голема мера зависеше од игрите на поголемите народи и држави. Нашата умешност мора да биде да ги реализираме нашите цели низ еден таков контекст на работите. И секогаш мора да има план А и план Б, но целта мора да останува иста, порача Мицкоски.
Додаде дека секогаш има план Б и дека нема сила што ќе го натера да донесе погрешна одлука за државата.
– Затоа им пречам на нашите противници, затоа сум предмет на кампања полна со лаги и клевети, затоа што тие живеат на грбот на народот и државата, а ние за татковината и народот. И морам да ви кажам – најважно од сè ми е да бидам чесен и искрен кон народот и да останам со неизвалкан образ, и нема цена што може тоа да го смени или сила што ќе ме натера да донесам погрешна одлука кога во прашање е Македонија. И секогаш има план Б, кој ќе значи заштита на сè она во што веруваме, и знам дека никогаш нема да ве разочарам. Во оваа битка сме заедно и ќе продолжиме да бидеме заедно до остварување на нашата заедничка цел – за Македонија што има иднина и надеж, рече Мицкоски на централната прослава во Прилеп организирана по повод Денот на народното востание – 11 Октомври.
Македонија
Минчев по повод 11 Октомври: Обврзани сме да ја чуваме слободата и да градиме праведни институции

По повод 11 Октомври – Денот на народното востание, владина делегација предводена од заменик-претседателот на Владата, Иван Стоилковиќ, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, и заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, денеска положи свежо цвеќе на Спомен Костурницата во Куманово, во чест на хероите кои ги положија своите животи за слободата и достоинството на македонскиот народ.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев нагласи дека 11 Октомври претставува симбол на одлучноста и борбата за правда, слобода и човечко достоинство. Тој потенцираше дека вредностите кои го воделе народното востание,единството, храброста и визијата за слободна татковина, се темелите врз кои се гради современото македонско општество.
„Овој ден не е само спомен на минатото, туку повик за иднината. Тоа е ден кога се потсетуваме на нашата должност како институции и поединци да ја чуваме слободата, да ја унапредуваме демократијата и да создаваме јавна администрација што служи чесно и ефикасно на сите граѓани,“ изјави министерот Минчев.
Тој додаде дека Министерството за јавна администрација е силно посветено на создавање инклузивни, транспарентни и одговорни институции, кои ќе го одразуваат духот на востанието, служење на народот со интегритет и визија.
На свечениот настан присуствуваа и претставници на Владата, локалната самоуправа, здруженија на бранители, дипломатскиот кор, како и голем број граѓани кои со своето присуство оддадоа почит на историското значење на овој ден.
Македонија
Филипче вели дека Лекарската комора треба да процени дали доктор снимен со дрога може да лекува пациенти

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче смета дека Лекарската комора треба да реагира и да направи проценка дали доктор во состојба во која беше фатен директорот на Клиниката за неврологија Игор Кузмановски може да лекува пациенти. Според Филипче, добро е што Кузмановски е веднаш разрешен, но очекува реакција и од Лекарската комора.
– Сметам дека е добро што е разрешен веднаш и многу брзо. И во исто време сметам дека треба да реагира Лекарската комора во однос на тоа да се направи проценка дали и колку време наназад се случувало тоа, односно дали во една таква состојба доктор воопшто може да лекува пациенти. Тоа е многу сериозно прашање. Можеби во прашање биле доведени животи на некои негови пациенти доколку бил во некаква таква состојба, сега да не прејудицираме. Но, ова работа заслужува сериозна анализа и проверка од страна на Комората, нагласи Филипче.
Прашан дали е потребна кривична одговорност за Кузмановски, Филипче истакна дека не би сакал да навлегува во тој дел и оти за тоа ќе кажат институциите кои се занимаваат со тоа.
Откако беше објавено видеото, министерот за здравство Азир Алиу вчера соопшти дека донел решение за разрешување на д-р Кузмановски од директорската функција. Кузмановски синоќа преку „Фејсбук“ упати извинување и искажа каење за своите постапки.
– Во врска со објавите на социјалните мрежи изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето превземање на менаџирање на Клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки. После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови. Се повлекувам од функцијата директор на клинката задоволен со многуте резултати кои заедно ги постигнавме со мојот тим за краток период. Се извинувам на сите кои ги разочарав, и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам, да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата, напиша Кузмановски.
Од ВМРО-ДПМНЕ, чијшто кадар е Кузмановски, синоќа соопштија дека ја поддржуваат одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен, и бараат институциите да постапат во согласност со законот и утврдените процедури.
-Во врска со објавите на социјалните мрежи, за директорот на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува одлуката да биде разрешен од функцијата. Немаме сомневање дека јасно и недвосмислено институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури. Извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности. Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво и управувањето на институциите мора да биде во согласност со вредносниот систем на одговорност за кој се залагаме и ќе продолжиме да се бориме, се наведува во соопштението од владејачката партија.