Македонија
Џафери: Нема правен основ за наркотест на пратениците

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, попладнево соопшти дека во Уставот и Деловникот на парламентот нема правен основ според кој би можела да се реализира иницијативата од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ за наркотест на пратениците.
„Ве информираме дека во Законот за пратениците, во Деловникот за работа на Собранието и во Уставот на Република Северна Македонија нема правен основ според кој претседателот и Собранието на Република Северна Македонија би можеле да ја реализираат иницијативата на независната пратеничка група“, се наведува во соопштението од кабинетот на Џафери.
Во него се додава и дека претседателот на Собранието не може и не смее да постапува надвор од своите законски овластувања.
Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ, на која координатор е Елизабета Канческа-Милевска, доставија во Собранието иницијатива за доброволно тестирање на наркотици на сите пратеници.
Иако Џафери ја отфрли ваквата иницијатива, од неговиот кабинет информираат дека пратениците и вработените во Собранието одат на редовни годишни систематски прегледи, кои се потврда за нивната здравствена состојба.
„Последниот систематски преглед се реализирал во 2017 година, а следниот редовен систематски преглед ќе се спроведе во текот на оваа година“, се истакнува во соопштението.
Од кабинетот на парламентарниот спикер исто така велат дека не се точни тврдењата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оти претседателот на Собранието може и без формално поведена иницијатива, да утврди одговорност на пратеник.
Инаку, претходно, идејата за наркотест на пратениците ја прифатија ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а барањето следуваше по реакциите во јавноста за објавената аудиоснимка на руската социјална мрежа „Вконтакте“ со наслов „Павле Богоевски нарачува кокаин“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Температурите во следните денови ќе се спуштат и за 10 степени – УХМР со прогноза за времето

Времето утре ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од југозападен правец (над 60 километри на час).
Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 33 до 41 степен.
Во Скопје сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југозападен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 41 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Поради продор на посвежа воздушна маса од север и засилен северен ветер (над 60 km/h), в среда, а особено в четврток, ќе има значително опаѓање на дневната температура (од 8 до 10 степени).
В среда претежно во северните делови ќе има услови за повремен дожд, а в петок локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Во деновите од викендот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност, а дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
(Видео) СДСМ поднесе амандман за трагедијата во Кочани, 934 милиони денари помош за настраданите

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесе амандман во Собарнието со кој се бара финансиска поддршка за семејствата на загинатите и повредените во најголемата трагедија во поново време — пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што загинаа 62 лица, а над 250 беа повредени со трајни последици.
– Ова е еден од клучните амандмани поднесени на ребалансот на Буџетот, со цел да се предвидат 934.340.000 денари како директна помош за погодените семејства. Средствата предвидуваат еднократен надомест за загинатите и финансиска поддршка на повредените, во согласност со степенот на инвалидност – рече пратеникот на СДСМ Оливер Сапсовски на денешната комисиска расправа за ребаланс на буџетот.
Сапсовски потенцираше дека овој амандман е продолжение на иницијативата на СДСМ за носење на Законот за поддршка на настраданите во Кочани — закон што сè уште чека да биде разгледан во надлежната комисија.
– Очекувавме разбирање, солидарност и човечност во оваа постапка, особено затоа што се работи за директна помош на луѓе кои преживеаја хорор, а многу семејства загубија најмили. За жал, власта реши да не покаже ниту политичка ниту човечка волја да застане зад оваа иницијатива. Наместо единство и одговорност, видовме блокада и игнорирање на најголемите страдања на нашите граѓани – потенцираше Сапсовски.
Додаде дека СДСМ останува цврсто посветен на принципите на солидарност и хуманост. Подготвени сме да ги повлечеме сите останати амандмани, доколку власта се премисли и го прифати овој – затоа што веруваме дека нема поважна тема од оваа, рече тој.
– Ниту едно патче, ниту еден канал, ниту едно вработување не е поважно од тоа да помогнеме таму каде што болката е најголема. Ова не е прашање на политика, туку прашање на човечност. Повторно повикуваме на разум и солидарност. Народот во Кочани и цела Македонија заслужува да знае дека институциите не се глуви на нивната болка – рече Сапсовски.
Македонија
(Видео) Хеликоптерите на МВР со над 70 тони вода го гаснеа пожарот кај Блаце

Во рамките на денешните активности полициските службеници од Хеликоптерската единица за полициски намени при Министерството за внатрешни работи активно учествуваа во гаснењето на шумскиот пожар во реонот на Блаце.
Со два хеликоптера – „бел 412“ и „агуста бел 212“, во текот на денот беа извршени 55 налети, при што беа исфрлени повеќе од 70 тони вода врз зафатеното подрачје.
Интервенцијата е дел од координираните напори на надлежните институции за справување со пожарот и спречување негово ширење.