Македонија
(Видео) Во јуни ќе се одржи првата Парада на гордоста во Скопје
Првата Парада на гордоста за правата на ЛГБТ-заедницата во земјата ќе се одржи на 29 јуни, информираа од организационот одбор за одржување на овој настан.
Организаторите сметаат дека парадата ќе помине достоинствено и безбедно и дека државата е подготвена и зрела за организирање ваква парада, на која ќе се чуе гласот на различните, која во светски рамки има традиција повеќе од 50 години.
„Ова е протест на кој ќе бараме афирмација за остварување на наштите права и слободи. Ова е протест на изразување на слободната волја на различните, кои бараат еднаков пристап во општеството, но и протест за оддавање почит на луѓето што биле жртви на насилство и стигматизирани во општеството поради различна сексуална ориентација“, рече Антонио Михајлов на денешната прес-конференција во Хелсиншкиот комитет.
Организаторите од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија веруваат дека ќе има масовна поддршка и посетеност на првиот настан во земјата, со кој се бранат боите на различноста и дека МВР ќе биде на ниво на задачата парадата да помине без несакани инциденти.
„Ние сме во постојан контакт со МВР, ќе има обезбедување на протестот од сите страни каде што ќе се движи колоната, одговорност има и кај нас како организатори и порачуваме граѓаните слободно да дојдат да дадат поддршка, дека ќе бидат обезбедени сите од прв до последен“, истакна Кочо Андоновски, член на организациониот одбор.
Организаторите ги повикаа сите граѓани и политичари што сакаат да ѝ дадат поддршка на ЛГБТ-заедницата да бидат дел од првата Парада на гордоста во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вандализиран паркот „Бановина“ во Аеродром – искршена урбаната опрема, оштетена фонтаната, а провалено е и во чуварската куќа
Општина Аеродром најостро го осуди вандалскиот чин што се случил синоќа во паркот Бановина, каде што била сериозно оштетена јавната и заедничка сопственост на граѓаните.
Како што информираат од општината, искршена е урбаната опрема, оштетена е фонтаната, а извршена е и кражба со провалување во чуварската куќа. Од Општина Аеродром потсетуваат дека паркот „Бановина“ неодамна бил целосно обновен и опремен со современа урбана опрема, наменета за сите генерации.
„Наместо грижа и почит кон заедничкиот простор, сведоци сме на несовесно и неодговорно однесување и уништување“, соопштуваат од општината, нагласувајќи дека ваквите постапки нема да бидат толерирани.
Случајот веќе е пријавен во полиција, а од општината упатуваат апел до граѓаните да го чуваат јавниот простор, да пријавуваат вандализам и заеднички да придонесат за уредена, безбедна и достоинствена локална заедница.
Македонија
(Видео) СДСМ: Започна, доаѓаат „економски работници“
СДСМ обвинува дека Владата предводена од Христијан Мицкоски ја отвора државата за масовен прилив на странски таканаречени „економски работници“, иако во земјава, како што велат, има речиси 100.000 невработени.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, изјави дека Владата донела одлука за вработување на нови 10.000 странски работници во 2026 година, што е двојно повеќе од лани.
Според СДСМ, процесот бил подготвуван подолго време. Тие потсетија дека британски медиуми претходно објавиле за стратешки договор со кој мигранти би можеле да добијат работни визи за Македонија, по што следеле измени на Законот за странци со олеснети услови за влез, престој и работа, како и продолжување на важноста на дозволите.
Младеновска обвини дека со овие измени е создадена правна рамка за долгорочно задржување на странски работници во земјата, особено во случаи на „стратешки партнер“. Таа додаде дека власта донела и резолуција во Собранието со која, според СДСМ, ѝ било оневозможено на опозицијата да зборува за прашањето за мигрантите.
Од СДСМ оценуваат дека одлуката доаѓа во време кога македонските работници имаат најниски плати во регионот и Европа, а Владата, како што велат, тврди дека нема средства за зголемување на минималната плата и дека во Буџетот недостигаат околу две милијарди евра.
Македонија
„Биди одговорен возач – користи зимска опрема“ – полицијата во Охрид ги потсети возачите на обврската
На 15 јануари, отсекот за превенција при СВР Охрид, ја реализираше превентивната сообраќајна кампања „Биди одговорен возач-користи зимска опрема“. Притоа, полициски службеници од отсекот, на повеќе сообраќајни пунктови во градот, остварија кратки разговори со возачите на моторни возила и ги потсетуваа на потребата и законската обврска за задолжително носење и користење зимска опрема во возилата како основен предуслов за безбедно движење на моторните возила во зимски услови.
Целта на кампањата е подигање на свеста на учесниците во сообраќајот, за доследно почитување на законската обврска за носење и користење зимска опрема во возилата во текот на зимската сезона и подигнување на безбедносната култура кај возачите и јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност и одговорно однесување во сообраќајот во зимски услови.
На возачите, им беа поделени флаери со низа практични совети за безбедно управување моторни возила и им беше укажано на потребата од прилагодување на брзината према условите и состојбите на патиштата.

