Македонија
(Видео) Ременски контра Спасовски за ангажирањето на тајните агенти
За посебната истражна мерка поврзана со лицата со прикриен идентитет да одлучува судот наместо директорот на новата Агенција за национална безбедност, која треба допрва да се формира, предложи пратеничката Фросина Ташевска-Ременски на денешната амандманска расправа на Комисијата за безбедност.
Според неа, на тој начин ќе се спречат можни злоупотреби директорите неовластено да создаваат параполициски движења на државна сметка, а како пример ги посочи настаните од 27 април и Александар Василевски Нинџа, кој на судењето се претстави како таен агент ангажиран од УБК.
„Имајќи предвид дека и во актуелни судски постапки на СЈО, во кои како сведоци се повикуваат лица кои ги обезбедиле незаконски следените комуникации, во кои слушавме изјави од обвинети и од лица кои се во самото обвинение дека биле ангажирани како агенти, извршувале одредени активности по наредба од обвинети лица во постапката на СЈО. Меѓутоа, никој досега не даде одговор дали и по кој основ тие лица се ангажирани. Говорам конкретно за изјавата на т.н. Нинџа, кој излезе со тврдење дека бил ангажиран од управата во извршување на некакви специјални задачи“, изјави Ременски.
На иста линија со Ремеснки беше и пратеникот Павле Богоевски, кој направи паралелеа со законот за следење на комуникациите.
Министерот Оливер Спасовски го одби овој амандман, како и повеќето од пратениците од власта и опозицијата. Едно од образложенијата беше дека со можноста директорот на агенцијата да одлучува за лицата со прикриен идентитет се дава поголема можност за оперативност на агенцијата, а како второ агенцијата, како што рече тој, не работи по Законот за кривична постапка.
„Во моменти кога ќе се потврдат доволно индиции и ќе има сериозен сомнеж дека некој може да го загрози уставниот поредок и има група за криминал, тогаш мерки презема јавната безбедност и тогаш имаме утврдување посебни истражни мерки по Законот за кривична постапка. И во тој закон не стои дека судот определува посебна истражна мерка користење лица со прикриен идентитет за следење и прибирање информации и податоци“, рече Спасовски.
Вкупно се поднесени околу 90 амандмани за Агенцијата за безбедност, а на дневен ред е и Законот за координација на безбедносно-разузунавачката заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Заев и Филипче му нуделе на Жан Митрев да им ја продаде болницата под цената за да го ослободат од обвиненија
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, и на денешната прес-конференција побара Јавното обвинителство итно да ги провери наводите за притисок врз Жан Митрев да ја продаде болницата, оценувајќи дека се работи за сериозни обвинувања кои бараат одговорност.
Стојаноски повикувајќи се на телевизиското интервју на Жан Митрев, рече дека во времето кога СДСМ била на власт, поранешниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче вршеле притисок врз д-р Жан Митрев со цел да ја преземат неговата приватна клиника за сума далеку под пазарната.
Според Стојаноски, д-р Митрев бил изложен на силни притисоци токму во периодот кога против него се водел судски случај. Пратеникот тврди дека личната сметка на Митрев, како и сметката на клиниката, биле блокирани, а била изречена и забрана за продажба на удели.
„Само една недела по нивното барање да ја купат болницата, Јавното обвинителство ја повлекло забраната за продажба – што покажува како институциите биле ставени во служба на интересите на тогашната власт“, изјави Стојаноски.
Дополнително, д-р Митрев изјавил дека добил понуда од Филипче и Заев да се спогодат – ако ја продаде клиниката под пазарната цена, тие би му помогнале да се ослободи од обвиненијата.
„Уште по скандалозно е тоа што, др. Жан Митрев вели дека Заев и Филипче му понудиле и спогодба, односно доколку ја продаде болницата за пониска сума од пазарната, ќе му помогнат да се ослободи од обвиненијата против него“, додаде Стојаноски.
Македонија
Беким Сали на лидерски состанок во Давос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе учествува на Лидерскиот состанок (Davos Leadership Gathering), кој ќе се одржи во Давос, во периодот од 19 до 22 јануари.
Лидерскиот состанок во Давос ќе собере светски лидери, економисти, банкари и експерти од различни области, со цел дискусија за глобалните предизвици и меѓународните економски развои.
Првиот заменик-претседател ќе се обрати на форумот во рамки на панел-дискусија, на која ќе се разговара за климатските промени, конфликтите и социјалната грижа.
Македонија
СДСМ: Десет години по заминувањето на Груевски, повторно сме во истата ситуација со ВМРО-ДПМНЕ
Овој јануари се навршуваат точно 10 години откако Никола Груевски ја напушти премиерската функција, но според СДСМ, државата повторно се соочува со истите проблеми под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Во соопштението на партијата се наведува дека по заминувањето на Груевски започнал крајот на режимот што 11 години ја влечел Македонија назад, со масовен криминал, корупција, партизација, медиумски притисоци и изолација. Но, според СДСМ, денес, по две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, земјата повторно се наоѓа на исто место.
„Повторно сме на пат кон изолација, далеку од ЕУ и САД, граѓаните тешко живеат, стандардот опаѓа, институциите се под партиска контрола, а криминалот и корупцијата цветаат“, стои во соопштението.
Партијата нагласува дека пари нема за поголеми плати, но има за криминални тендери, а се повторуваат и притисоци врз медиуми, јавен линч и политички прогони, како и злоупотреба на полицијата за партиски цели.
„На исто сме со ВМРО, само што денес на местото на Груевски е Христијан Мицкоски“, се вели во соопштението на СДСМ, со повик дека е време власта повторно да се врати во рацете на народот.

