Вести
Папата ветува решавање на прашањето на свештеничкиот целибат

Поглаварот на римокатоличката црква папата Франциск ветува дека ќе пронајде решение за целибатот, задолжителен меѓу католичкото свештенство, со дополнување дека за тоа ќе биде потребно уште многу време, пишува во неделата италијанскиот дневен весник La Repubblica.
На прашањето дали на католичките свештеници еден ден ќе им биде дозволено да стапуваат во брак, папата Франциск одговорил дека целибатот е воведен пред нешто помалку од илјада години, како и дека стапувањето на брак за свештенството е дозволено во некои источни цркви кои се под Ватикан.
„Тоа е проблем, но не е најголемиот. Треба да мине уште време, но секогаш постојат решенија и јас ќе се обидам да ги пронајдам“, изјавил папата Франциск без дополнителни појаснувања.
Претходно Папата ја отфрлаше можноста од укинување на целибатот воведен во X век, односно 900 години по смртта и воскресението на Исус Христос со објаснувањето дека денес „честопати сме жртви на минливоста“, како и дека целибатот за свештениците и за монахињите треба да биде „конечниот избор“.
Во разговорот со познатиот италијански новинар Еуџенио Скалфари, еден од основачите на римскиот дневен весник La Repubblica, папата Франциск жестоко го осудува и сексуалното насилство над децата, нарекувајќи го „лепра“ на Католичката црква.
Според Папата, двата од „најглавните проблеми“ коишто не можат да се толерираат во современото општество се педофилијата и мафијата. Во осврнувањето на проблемот со педофилијата понтификот истакнува дека денес „таа срамота е во нашиот дом (црквата)“. „Многумина од моите соработници сметаат дека е можно да им се верува на податоците според коишто со 2 отсто педофилијата е присутна во Црквата… Тоа значи дека 2 отсто педофили се свештеници, како и епископи и кардинали. А другите, уште побројните, знаат, но молчат“, вели во интервјуто папата Франциск.
На 7-ми јули годинава, Франциск, првпат откако беше избран за поглавар на Римокатоличката црква минатата година, во Ватикан се сретна со жртвите на сексуалното злоупотребување од страна на свештеници и од нив побара прошка.
Како и во повеќе поранешни пригоди, Франциск и во ова интервју се осврнува на темата на мафијата. „Нашата изложеност на мафијата ќе биде постојана“, смета папата кој во јуни за време на пастирското патување во Калабрија изјави дека мафијашите се екскомуницирани од црквата. Папата вели и дека знае оти мафијашите земаат причест и вршат други христијански обреди. Во тој контекст тој истакнува дека „милоста Божја е безгранична, но никогаш не паѓа во стапица“.
Острите изјави на папата во интервјуто за La Repubblica веднаш предизвика реакции и внимание на јавноста. Така, портпаролот на службата за односи со јавноста на Светата столица, отец Федерико Ломбарди беше принуден да изјави дека „не станува збор за интервју во вообичаеното поимање на овој термин“. Според него, некои од изјавите на папата не се цитирани дословно, и Ломбарди како такви ги посочува изјавите за кардиналите педофили и за проблемот со целибатот. /крај/мф/сн
Извор: Ansa
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.