Забава
Осмо издание на „Треш фешн“ утре во МКЦ

Осмото издание на „Треш фешн“, натпревар на креации изработени со реупотреба на материјали, ќе се одржи утре од 17 часот во МКЦ по повод Светскиот ден на животната средина. На настанот ќе учествуваат тимови од 40 средни училишта, кои веќе четири месеци собираат, рециклираат и изработуваат оригинални модни дизајни.
Целта на „Треш фешн“ е на иновативен начин да ги поттикне средношколците да ја развијат свеста за заштита на животната средина собирајќи го отпадот околу нив и да креираат оригинални модели преку неговата реупотреба.
Прво, второ и трето место годинава ќе додели петчленото жири во состав: Петар Атанасов – заменик-министер за образование и наука, Ружица Антиќ – главен уредник на „Портрет“, Ирина Тошева – моден дизајнер, Марио Додовски – моден критичар и Лука Ѓоргиевски – фронтмен на бендот Funk Shui. Оваа година ќе биде доделена и награда за тимот што реупотребил најмногу отпад за изработка на својот модел.
Додека трае гласањето, ќе настапи музичкиот бенд „Бејсмент култ“ составен од ученици од СОУ „Никола Карев“ – Скопје.
Пред настанот учениците ќе имаат можност да учествуваат на едукативна работилница. Уметницата Христина Зафировска со учениците ќе изработува модни додатоци, а изработените дела ќе бидат изложени во холот на Младинскиот културен центар.
Настанот е во организација на Здружението за едукација, комуникација и консалтинг ОХО, а се реализира со поддршка од Делегацијата на Европска Унија и Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Џон Крајер откри колку заработувал во „Два и пол мажи“

Актерот Џон Крајер, кој го играше ликот на Алан, изјави дека неговата плата во хит-серијата „Два и пол мажи“ била далеку помала од онаа на Чарли Шин.
Додека Шин добивал речиси 2 милиони долари по епизода во последната година пред отказот во 2011, Крајер земал околу една третина од таа сума. Неговата заработка пораснала на 620.000 долари дури по заминувањето на Шин, кога во серијата се приклучи Ештон Кучер.
Откритието стана актуелно преку новиот документарец на „Нетфликс“ „aka Charlie Sheen“, кој ги прикажува бурната кариера и приватниот живот на Шин. Во документарецот Крајер го споредува Шин со диктаторот Ким Џонг-II, поради тоа што, како што вели, неговото „лудо однесување“ му носело се поголеми хонорари.
Се спомнуваат и анегдоти од снимањата, како и изјави од блиски луѓе на Шин, меѓу кои и поранешната сопруга Дениз Ричардс.
Забава
Познат готвач уапсен за три банкарски грабежи во еден ден

Полицијата во Сан Франциско го уапси 62-годишниот готвач Валентино Лучин, осомничен дека истиот ден ограбил три банки во централниот дел на градот. Според извештаите, тој на банкарите им давал ливче со закана да му дадат пари и секојпат успевал да избега со готовина.
Лучин е идентификуван со помош на дојави и приведен без инциденти. Неговата кауција е одредена на 200.000 долари.
Ова не е првпат тој да се соочи со вакви обвиненија – во 2018 година признал грабеж на банка во Калифорнија кога украл над 15.000 долари.
Лучин бил ценет готвач, познат по италијанската кујна и менаџирање ресторани.
Забава
Се огласи израелската телевизија по заканата на одредени земји дека ќе ја бојкотираат Евровизија поради Израел

„Нема причина Израел да не продолжи да биде важен дел од овој културен настан, кој не смее да стане политички“, изјави Голан Јохпаз, главен извршен директор на израелската телевизија „Кан“, која го претставува Израел на Евровизија, објавија многубројни израелски медиуми во понеделникот.
Некои земји објавија бојкот
Ова е првата реакција на најавите на неколку земји дека нема да учествуваат на Евровизија доколку Израел биде дел од натпреварот. Радиодифузерите од Ирска иа Холандија неодамна се заканија со бојкот во овој случај. Тие јасно ставија до знаење дека ќе учествуваат само доколку Израел биде изоставен од списокот на учесници. Словенија исто така посочи дека ќе се повлече од натпреварот доколку израелскиот претставник биде присутен.
Други земји учеснички на Евровизија исто така критички го набљудуваат учеството на Израел, вклучувајќи ги и Шпанија и Белгија. Белгија има два јавни радиодифузера, кои ја емитуваат Евровизија. Францускиот радиодифузер РТБФ, кој е задолжен за испраќање претставници, ја информира агенцијата ДПА дека подготовките се во тек, но дека конечната одлука ќе биде донесена во декември по Генералното собрание на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), главниот организатор на Евровизија.
Фламанскиот радиодифузер ВРТ, кој ја емитува програмата на холандски јазик, објави дека „ВРТ го дели и поддржува ставот на земјите што се повлекуваат од Евровизија“. Тие исто така изјавија дека очекуваат јасен став од организаторите и дека го задржуваат правото да не го емитуваат натпреварот во иднина, се наведува во нивното соопштение.
Фото: принтскрин