Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Голем број на домашни компании се на прагот на затворање поради лошите политики на Владата

Додека двоецот Заев и Анѓушев се шетаат по регионални бизнис форуми и се појавуваат на домашни бизнис собири каде ветуваат решавање на сите проблеми на бизнис сектори, сведоци сме дека голем број на домашни компании се на прагот на затворање поради лошите политики на Владата. Заев и Анѓушев ветуваат незапаметена помош за домашните компании преку сет на мерки и инструменти што на крајот видовме дека биле креирани за да блиски луѓе до нив ги земаат парите, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„Зоран Заев ветуваше во 2016 на парламентарните избори и 2017 на локалните избори дека ќе ги реши проблемите со „Југохром“ и дека вработените во „Југохором“ ќе се вратат на работа во 2018 година. Да не заборавиме каков е економскиот ефект од работењето на „Југохром“ за регионот. Денес гледаме во изјава на премиерот дека тоа нема да се случи и дека ќе барал други инвеститори за комбинатот што само ги потврдува неговите лаги и неостварени ветувања. Да не заборавиме дека Вицепремиерот Анѓушев ветуваше решавање на проблемите на „Еурокомпозит“ од Прилеп што исто така се покажа дека е уште една манипулација.
Во периодот на владеење на Заев и СДСМ нема инвестиции на домашните компании, нема нови работни места во приватниот сектор, нема странски инвестиции во ТИРЗ низ земјата кои тој и Анѓушев ги најавуваа со влезот на земјата во НАТО, нема капитални инвестиции кои ќе ги подобрат условите на бизнис секторот и граѓаните. Оваа владата на СДСМ предводена од Зоран Заев е способна само да лаже, да манипулира и да се шета низ бизнис форуми ветувајќи дека само што во земјата не започнал економски бум. Единствено нешто што испорача оваа Влада се повисоки даноци за бизнис секторот и креативните млади претприемачи во земјата, правна несигурност и непредвидливост на законската регулатива што на крај резултира во нарушување на конкурентноста и забавување на економската активност во земјата. Најдобар аргумент за тоа е фактот што додека сите земји во регионот остваруваат рекорди стапки на економски раст, Заев и Анѓушев се фала со 0% стапка на раст.
Не можете повеќе да ги лажете и манипулирате граѓаните и бизнис секторот затоа што веќе видоа и се уверија дека сте неспособни да ги решавате економските проблеми во земјата и затоа мора што поскоро да си заминете за да може економијата повторно да почне да расте и развива“ порача опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Лабудовиќ: Училиштата и градинките ќе имаат 24/7 физичко обезбедување, безбедни пешачки патеки, јасна сигнализација и заштитни огради

Нема поголема инвестиција од онаа во децата. Тие се нашата иднина, нашата сила и најголемата причина да градиме подобар Центар, порача кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ.
Лабудовиќ истакна дека неговата мисија е јасна – секоја училница, секој двор и секој агол во Центар да биде безбеден, топол и инспиративен простор за секое дете.
„Безбедноста на децата е нешто што не смее да се доведува во прашање. Затоа, училиштата и градинките ќе имаат 24/7 физичко обезбедување, безбедни пешачки патеки, јасна сигнализација и заштитни огради – за секое дете да пристигнува и да си заминува без страв и безгрижно,“ истакна Лабудовиќ.
Во неговиот план е предвидена темелна реконструкција на сите училишта и градинки – со нови фасади, енергетски ефикасни системи, топли училници и современи простори што ќе поттикнуваат љубов кон знаењето и развој на креативноста.
Таму каде што досега немало услови за спорт и игра, Лабудовиќ рече дека ќе се изградат нови спортски сали и детски игралишта, затоа што, како што рече Лабудовиќ, „здравото дете е среќно дете, а среќното дете е најубавата слика на еден град.“
Посебен дел од неговата програма е посветен на талентираните ученици – преку фонд за стипендии, натпревари и менторски програми, за секој талент да има можност да блесне и да расте овде, дома.
Во програмата е предвидено и дека Општината ќе обезбеди и инклузивно образование, со адаптирани училници и специјализирани програми за децата со посебни потреби, како и континуирана поддршка за нивните семејства.
„Центар мора да стане општина што го негува знаењето, ја штити детската радост и ја гради иднината со љубов и визија. Секое дете заслужува место каде што ќе учи со срце – и ќе расте со верба во себе,“ порача Лабудовиќ.
Соопштенија
Јовановски: Реконструкција на постојниот и изградба на нов затворен базен во Кичево

Реконструкција на постоечкиот и изградба на нов затворен базен во Кичево, вети во својата изборна програма Александар Јовановски, кандидат за градоначалник на општина Кичево од ВМРО-ДПМНЕ.
„Веднаш по стапувањето на функцијата ќе пристапиме кон реконструкција на отворениот градски базен кој се наоѓа во склоп на Домот на АРМ. Исто така имаме изготвено проект за изработка на базен од затворен тип кој ќе функционира преку целата година. Потоа ќе пристапиме кон одбележување на велосипедска патека од Другово до населбата Пашино. Имаме изготвено проекти за изградба на повеќенаменски игралишта во сите населби кадешто се итно потребни. Исто така предлагам да се изградат детски катчиња во секоја населба кадешто дечињата ќе можат да се релаксираат“, рече тој.
Соопштенија
Герасимовски со Ксенија Николова: Центар ја има најдобрата културна сцена во Скопје

Градоначалникот и кандидат за нов мандат во Општина Центар, Горан Герасимовски, со писателката Ксенија Николова разговараа искрено и отворено за состојбите во културата, поддршката за младите талентирани автори и уметници и културниот идентитет на Општина Центар.
Се согласија дека на младите луѓе им е потребен вистински простор и соодветни услови за да ги изразат и развиваат нивните креативни идеи. Герасимовски потенцираше дека Општина Центар, како ретко која друга општина, инвестира во квалитетна културна програма и младиот креативен уметнички капацитет.
„Приоритет ни се нашите уметници и творци и затоа имаме најдобра урбана културна сцена во Скопје. Пример за тоа се муралите во Дебар Маало кои се дело на нашите стрит артисти. Концертот „Нешто што ќе остане“ ја промовира македонската музика и изведувачи. Секој настан е резултат на соработка со нашите граѓани, културни работници и здруженија и ја раскажува приказната на Општина Центар,“ истакна Герасимовски.
Пример за поддршка на младите автори е и самата Ксенија Николова, чиј роман „Зад маските“ и збирката „Секој цвет има свое име“ излегоа од печат токму со поддршка на Општина Центар.
Герасимовски најави дека во наредниот мандат двојно се зголемува буџетот за култура од 13 на 26 милиони денари, со цел да го задржи приматот во културната понуда во главниот град.