Свет
„Фејсбук“ отстранил над три милијарди лажни профили

Компанијата „Фејсбук“ соопшти дека од октомври минатата година до март годинава, биле идентификувани и отстранети повеќе од три милијарди лажни профили, што е двојно повеќе од претходните шест месеци.
Тоа покажува со колкави предизвици се соочуваат експертите во компанијата за да препознаат и угасат профили, кои прават компјутери за да шират спамови и лажни вести.
Наспроти тоа што во компанијата постојано усовршуваат и развиваат алатки за препознавање лажни профили тоа го работат и оние кои ги прават, па е очигледно збор за мртва трка.
Во соопштението на „Фејсбук“, се наведува дека 99 отсто од три милијарди лажни профили биле блокирани неколку минути откако биле поставени, пред да ги види некој и да ѝ пријави на компанијата.
Фејсбук секој месец има околу 2,4 милијарди активни корисници, а во компанијата сметаат дека од прилика секој дваесети активен корисник е лажен.
Во компанијата повеќе илјади луѓе деноноќно следат постови, фотографии и видеа, за да се спречи кршење на законите, а за некои од тие работи се користи и вештачка интелегенција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Белата куќа: Се надеваме на директни преговори меѓу Русија и Украина следната недела

Белта куќа изрази надеж дека Русија и Украина ќе се сретнат следната недела во Истанбул и ќе продолжат со директни преговори со цел да се постигне напредок кон завршување на војната, пренесува агенцијата „Анадолија“.
„Колку што јас разбирам, а на тоа и се надеваме, дека Русија и Украина ќе учествуваат во директни разговори и преговори следната недела во Истанбул. Веруваме дека тој состанок ќе се одржи, а тоа е состанок што претседателот го поддржа и силно го застапуваше за двете страни да се сретнат и директно да преговараат“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Таа додаде дека американскиот претседател, Доналд Трамп, од почетокот на војната јасно ставил до знаење дека сака решение на преговарачка маса, а не на бојното поле: „Тоа им го кажа и на двајцата лидери, и јавно и приватно. Значи, се надеваме дека следната недела ќе направиме чекор напред.“
Левит додаде дека нема планови претседателот да испрати американски претставник на преговорите, но не ја исклучи таа можност.
Втората рунда директни преговори меѓу Русија и Украина е предложена за 2 јуни во Истанбул, откако двете страни се сретнаа на 16 мај. Тогаш, меѓу другото, се договорија за размена на заробеници и за подготовка на нацрт-документи за понатамошни мировни чекори.
Додека Русија најавува дека ќе го претстави нацрт-документот на преговорите, Украина бара да го добие однапред, пред самата средба.
Кремљ го оцени ставот на Украина како неконструктивен.
Свет
Драма на најпрометниот аеродром во Лондон: луѓето во паника поради сомнителен пакет

Еден од терминалите на аеродромот Хитроу беше евакуиран поради „соменителен пакет“, оставајќи илјадници патници во неизвесност.
Патниците беа евакуирани од Терминалот 3 на најпрометниот британски аеродром по дојава за сомнителен предмет во зградата.
Метрополитенската полиција претходно соопшти дека е на терен и дека се справува со ситуацијата.
Портпарол на полицијата изјави за „Д Сан“: „Станува збор за сомнителен пакет и сме на лице место, постапуваме.“
На социјалните мрежи беа објавени бројни видеа и фотографии од луѓе кои сведочат дека биле евакуирани поради безбедносната закана.
Сепак, полицијата подоцна потврди дека станувало збор за „лажна тревога“ и дека повеќе нема закана.
Возовите на „Хитроу експрес“ исто така беа погодени од вонредната состојба – операторот објави на социјалните мрежи дека има доцнења на некои од нивните услуги.
Сè уште не е потврдено дали ќе има доцнења и кај летовите поради евакуацијата.
„Попладнево, нашите тимови реагираа на потенцијално сомнителен предмет во Терминал 3. Како претпазливост, еден мал дел од терминалот беше привремено евакуиран додека надлежните органи ги извршија потребните проверки. Проблемот сега е безбедно решен. Им се извинуваме на патниците за предизвиканата непријатност.“, беше соопштено.
Свет
Турција воведе казни за патниците кои ќе станат пред да запре авионот

Турција воведе казни за патниците кои ќе станат пред да се изгаси знакот за сигурносен појас по слетувањето, соопшти турската Агенција за цивилно воздухопловство, а пренесува Би-Би-Си.
Агенцијата наведува дека паричните казни се воведени поради поплаките од патници. Новите правила стапија на сила порано овој месец.
Агенцијата предупреди дека е забележано сериозно зголемување на ваквите инциденти, при што многу поплаки се однесуваат на патници кои земаат рачен багаж од преградите над седиштата пред целосното запирање на авионот.
Десетици милиони туристи секоја година ја посетуваат Турција. Воздухопловната агенција соопшти дека комерцијалните авиокомпании сега мора да ги информираат патниците за новите правила за време на летот и да ги пријават оние кои нема да ги почитуваат. Патниците мора да бидат информирани дека не смеат да ги одврзуваат појасите, да стануваат од седиштата и да ги отвораат преградите за багаж пред да се изгаси знакот за сигурносен појас.