Македонија
Џафери и папата Франциско си разменија подароци
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во рамки на традиционалната Mанифестација во чест на Св. Кирил, што се одржува по повод 24 мај, Денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, во Ватикан, се сретна со папата Франциско и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин.
Папата Франциск на Џафери му подарил скулптура на која има гулаб и маслинова гранка кои го симболизираат мирот.
Претседателот на Собранието, пак, на папата Франциско му подарил скулптура свети Кирил и Методиј, изработена од познатиот скулптор Томе Серафимовски, а инспирирана од споменикот на сесловенските просветители што се наоѓа во Охрид.

„Република Северна Македонија и нејзините граѓани секогаш биле и се дел од европската цивилизација. Делото и наследството на Светите браќа Кирил и Методиј, или пак на Мајка Тереза или на Скендер бег не припаѓаат на една држава или на еден народ, туку се светска придобивка и симбол на истрајноста и хуманизмот. Тие по својата содржина се универзални, тие се дел од европската и светската цивилизација, а ние сме должни тие вредности да ги негуваме и надградуваме“, истакнал Џафери на средбата.
Папата Франциско се заблагодарил на нашата држава за неодамнешниот пречек и нагласил дека од Република Северна Македонија се вратил со преубави впечатоци. Папата Франциско, како што рекол, особено е трогнат од наклонетоста на младите луѓе во нашата земја кои што, иако се од различна религија и етничка припадност, градат соживот.
„Верувам во заедништвото на младите луѓе, а тоа го почувствував во вашата земја. Вашиот народ е порта за христијанството во Европа, што е од исклучително значење“, порачал папата Франциско.
Во рамките на Манифестацијата во чест на Св. Кирил, се одржа молебен во Базиликата Сан Клементе каде што се наоѓа гробот на Св. Кирил, на кој присуствуваа и претставници од делегацијата на Република Бугарија. Исто така двете делегации заеднички ќе положат свежо цвеќе пред плочите поставени во чест на Св. Кирил, во Базиликата Санта Марија Маџоре.

Претседателот Џафери ја предводи делегацијата на Република Северна Македонија составена од Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ, Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Ејуп Алими, координатор на пратеничката група на ДУИ, пратеничката Ирена Стефоска, претседател на Комисијата за културa, Крсто Мукоски, претставник на независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ, Цветанка Иванова генерален секретар на Собраниетo, Кочо Анѓушев, вицепремиер, Владимир Лазовски, заменик-министер за култура, Виктор Димовски, државен секретар во Министерството за надворешни работи и Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верски заедници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нелоски: Фирмата на татко ми што ја спомнува СДСМ не учествува на тендери
Шефот на кабинетот на премиерот, Владимир Нелоски, ги отфрла тврдењата на СДСМ дека фирмата на неговиот татко учествува во државни тендери. Тој најави тужба против партијата.
„Ја гледам онаа тирада на нечесни и валкани прес конференции на СДС партијата која е петта во градот Скопје и трета во државата. Тие изобилуваат со невистини, креирани информации и полу информации. Тие треба да го свртат вниманието од комплетното растројство и дезорентираност во просторот на раководството на СДС и Венко Филипче и тој пусти страв од одговорност која знаат дека ја имаат. Мојот татко е дел од спомената приватна фирма, која не учествува на државни тендери, ниту има добиено тендери. И на никаков начин не може да носи одлуки за државните пари. Како и секој човек, па и мојот татко кој цел живот работи чесно во приватниот сектор има право да работи, а впрочем истиот со трговија започнал да се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија“, напиша Нелоски.
Тој вели дека колегите од СДС треба да знаат дека со невистини, лаги и манипулации не се добива довербата така се губи и целосно паѓа сликата за партијата која денес е потопена со криминал и корупција, со лични интереси и фракции
„И бидејќи сум чесен и искрен, а сметам дека тоа треба да е клучен принцип во политиката нека не поставуваат прашања од СДС туку нека ги изнесат информациите во потврдна форма за да поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи“, вели Нелоски.
Македонија
Во сабота протестен марш „Стоп за Усје“
Во сабота, на 31.01.2026 година, во 12:00 часот, „Стоп за Усје“ излегува на протестен марш кој ќе почне пред Владата, ќе продолжи кон Собранието, а ќе заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Ги повикуваме сите граѓани, кои сакаат да се изборат за правото на чист воздух, да се приклучат на овој марш. Меѓу другото ги повикуваме институциите будно да ја следат состојбата и бурно да реагираат, бидејќи ниту еден профит не е поважен од животот на граѓаните! „Стоп за Усје“ веќе ги испрати своите барања до низа институции, но никој од нив не се одважи да даде било каков одговор. Затоа, одговорите ќе ги бараме повторно на улица“, се вели во најавата.
Од „Стоп за Усје“ потсетуваат дека на протестите се забранети партиска промоција и симболи, а истовремено апелираат на мирен протест, без насилство и говор на омраза.
„Повикуваме на масовност за сите заедно да кажеме СТОП за труењето од УСЈЕ кое нè засега сите. Сакаме да нагласиме дека ниту една лага и манипулација од Усје и надлежните, кои со сите сили се обидуваат да го одбранат неодбранливото, нема да помине и дека сè додека нè уверуваат во бројки од мерењата кои ги прави самата фабрика, отпорот нема да се смири! Се гледаме во сабота, за да покажеме дека гласот на граѓаните е поважен и посилен отколку нечии бизнис интереси!“, пишува во најавата.
Македонија
Мицкоски за утрешниот протест за минимална плата 600 евра: Секој има право да си протестира, во март законски ќе ја зголемиме
Во пресрет на утрешниот протест за минималната плата да се зголеми на 600 евра организиран од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот што имаше цела измината година, дека Владата ќе поддржи договор меѓу работниците и работодавачите.
„Секој има право да си протестира. Ние минималната плата, согласно Закон, ќе ја зголемиме во март месец односно согласно платите што ќе ги добијат работниците во април, платата ќе биде зголемена. Ние рековме секое решение што ќе го постигнат во тој бипартитен дијалог синдикатите со работодавачите, ќе го поддржиме“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелник за изградба на нова спортска сала во ООУ „Григор Прличев“ во Железара.
По повеќе од една година неуспешни обиди за договор со работодавачите и Владата за зголемување на минималната плата, ССМ за утре најави голем работнички протест преку кој бара зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно зголемување од 100 евра на сите останати плати оти со законското зголемување во март минималната плата ќе се зголеми само за околу 25 евра.

