Македонија
Општина Центар доделува субвенции за велосипеди и тротинети
Од утре започнува повикот на Општина Центар за аплицирање за субвенции за купени велосипеди, електрични велосипеди и електрични тротинети. Повикот е во рамките на проектот кој Општина Центар го спроведува неколку години во континуитет под мотото „Цел Центар на точак“. Бидејќи годинава општината ја проширува мерката и вклучува субвенционирање и на електрични тротинети, годинешното мото на проектот е „Цел Центар на две тркала“.
Секој полнолетен жител на Општина Центар кој веќе од утре ќе купи велосипед, електричен велосипед или електричен тротинет може да достави барање за поврат на средства (субвенции) во висина од 30% од вредноста на велосипедот или тротинетот, но не повеќе од 3.000 денари. Потребни документи за аплицирање се: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и оригиналната фискална сметка со сметкопотврда или фактура за купениот велосипед или тротинет, а правото на субвенција е еднократно.
Барањата со комплетната документација се доставуваат во архивата на Општина Центар – Скопје, барака бр.6, почнувајќи од 30 мај, по што подносителите ќе бидат известени за редниот број на поднесокот и субвенционирањето.
Проектот „Цел Центар на две тркала“ има за цел промоција на физичките, спортските и рекретивни активности, но и грижа за животната средина преку стимулирање на граѓаните што повеќе да користат велосипеди и тротинети како алтернативен транспорт. Со тоа значително ќе придонесат кон намалување на сообраќајниот метеж во градот, намалување на загадувањето и заштитата на животната средина.
За сите дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на телефонскиот број 3203-600.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Колку повеќе децата се во училиште, толку е поголем нивниот резултат
Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, вели министерката за образование, Весна Јаневска.
Во интервју за МРТ1, Јаневска истакна дека сите можни истражувања, и во светот и кај нас, кажуваат дека колку повеќе децата се во училишните клупи толку е поголем нивниот резултат, односно стекнуваат толку повеќе знаење, вештини, компетенции.
„Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, стандарди кои сакаме да ги достигнеме и во кој клуб сакаме да се приклучиме“, рече Јаневска и додаде дека е потребен ред во образованието и кај повозрасните, нагласувајќи дека повеќе време во училиште директно значи подобри вештини и знаења.
„Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници за да бидат на дното на табелите од меѓународните тестирања. Затоа ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште, и тоа ќе се искористи за развивање на знаења и вештини споредливи со оние што ги имаат учениците во Европа. За да ги подготвиме наставниците да преминат од предавачи на факти во водичи и партнери во учењето, ќе посетуваат потребни обуки, меѓу кои и за читање со разбирање“, рече Јаневска на Свечената академија по повод 30-годишниот јубилеј на Педагошкиот факултет.
Македонија
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција, кај кого беа пронајдени 350.000 евра соѕидани во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино.
„Денеска предметниот јавен обвинител од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар. Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор“, соопшти Обвинителството.
Освен оваа мерка, предложено е и определување на мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.
Македонија
Се зголемуваат цените на бензините и дизелот
Цените на бензините и на дизелот од ноќеска на полноќ ќе се зголемат за 1,5 и за 2 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 21.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 72,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 74,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 66,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,987 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 денар за литар.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 денари за литар.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,854 денари за килограм и сега ќе изнесува 32,987 денари за килограм.

