Свет
Ирак предаде 188 деца на осомничени турски борци на ИД
Ирак ѝ предаде на Турција 188 турски деца на осомничени членови на исламската држава, во присуство на владини претставници од двете земји и УНИЦЕФ, соопшти портпаролот на судството во средата.
Предавањето се случи на аеродромот во Багдад, каде што претставниците на ирачкото судство гон посведочија трансферот што се случи во средата, додаде портпаролот.
Судијата Абдул-Сатар ал-Биркдар истакна дека централниот истражен суд ѝ предаде на турската страна 188 деца кои биле оставени во Ирак од терористите на Даеш, додавајќи дека оваа бројка вклучува и неколку деца кои веќе се полнолетни, а биле осудени за илегален премин на границата и ги отслужувале своите казни.
Специјален извештај на „Ројтерс“ во март откри дека околу 1.100 деца на припадници на исламската држава се в затвор во Ирак. Најмладите од нив се в затвор со своите мајки. Изваштајот откри и дека најмалку седум деца загинале поради лоши услови.
Неколку стотици постари деца се обвинети за прекршоци кои се движат од нелегално влегување во Ирак до припадност на исламската држава. Околу 185 деца на возраст од девет до 18 години веќе се осудени и добија казни од неколку месеци до 15 години во малолетнички затвор во Багдад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Украина: Погодивме руска подморница со подводни дронови
Украинската Служба за безбедност (СБУ) објави снимка за која тврди дека прикажува напад врз руска подморница од класата 636.3 „Варшавјанка“ во пристаништето Новоросијск. Според СБУ, станува збор за прв напад изведен со подводни дронови „Sub Sea Baby“, при што подморницата претрпела критични оштетувања и е оневозможена за понатамошна употреба.
Погодената подморница, која НАТО ја класифицира како класа „Кило“, е вооружена со лансери за крстосувачки ракети „Калибр“, што руските сили ги користат за напади врз Украина.
СБУ наведува дека операцијата е заедничка акција на 13. Главна управа на воената контраразузнавачка служба и украинската Морнарица.
Подморниците од класата „Варшавјанка“ се проценуваат на околу 400 милиони долари, а поради санкциите, изградбата на нова би можела да чини и до 500 милиони долари. Оваа класа е позната и како „Црна дупка“, поради способноста да апсорбира звук и тешко да се открие.
Фото: Unplash
Свет
Нови детали за убиството на режисерот Роб Рајнер и сопругата: синот уапсен, истрагата во тек
Славниот холивудски режисер Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел Сингер се пронајдени мртви во нивниот дом во Лос Анџелес, а нивниот син Ник Рајнер е уапсен, соопштија американските власти.
Според полициски извори, 78-годишниот Рајнер и неговата 68-годишна сопруга биле избодени до смрт во домот во населбата Брентвуд, пренесува Еј-Би-Си Њуз. Полицијата била повикана на местото на настанот во 15:40 часот по локално време, а случајот се води како убиство.
Нивниот 32-годишен син Ник Рајнер е уапсен и задржан со кауција од 4 милиони долари, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Лос Анџелес. Засега не се објавени деталите за обвиненијата.
„Со длабока тага ја објавуваме трагичната смрт на Мишел и Роб Рајнер. Скршени сме од овој ненадеен губиток и молиме за приватност“, соопшти семејството.
Соседи изјавиле дека пред куќата по пристигнувањето на полицијата биле забележани и актерите Били Кристал и Лери Дејвид.
Во интервју за списанието Пипл од 2016 година, Ник Рајнер јавно зборувал за својата долгогодишна борба со зависност од дрога, која започнала во тинејџерските години и довела до период во кој живеел како бездомник. Подоцна изјавил дека таа животна фаза била инспирација за полуавтобиографскиот филм „Being Charlie“, чиј коавтор е.
Роб Рајнер, роден во 1947 година во Њујорк, ја започнал кариерата како актер, а светска слава стекнал како режисер на култни филмови како „Остани со мене“, „Принцезата невеста“, „Кога Хари ја запозна Сали“, „Мизери“. Во текот на кариерата бил повеќекратно номиниран за Златен глобус.
Свет
Херојот Ахмед од Сиднеј би можел да ја загуби раката: „Сè би повторил“
Ахмед ал Ахмед, случаен минувач кој вчера херојски совлада и разоружа еден од напаѓачите на плажата Бонди, порача дека и покрај тешките повреди и големите болки, повторно би го направил истото, пишува мелбурншкиот „Дејџ“. Неговиот адвокат за миграции, Сем Иса, го посетил вечерва и потврдил дека Ахмед не жали за својот чин.
„Не жали за она што го направи. Рече дека повторно би го сторил истото. Но болката почна да зема данок“, изјави Иса, додавајќи дека здравствената состојба на Ахмед се влошила. „Воопшто не му е добро. Прострелан е со повеќе куршуми. Нашиот херој моментално се мачи“, рече тој. Ахмед се опоравува во болницата „Сент Џорџ“ во Когарах, по првата операција, а постои стравување дека би можел да ја загуби левата рака.
Тој има пет прострелни рани на раката, а еден куршум, кој се заглавил во задниот дел на левата лопатка, сè уште не е изваден. „Многу е полошо отколку што се очекуваше. Кога ќе помислите на куршум во рака, не помислувате на сериозни повреди, но тој изгубил многу крв“, изјави Иса.
Откако во 2022 година добил австралиско државјанство, Ахмед се чувствува „должен“ на заедницата која го прифатила. „Ахмед е скромен човек, не го интересира медиумското внимание, тој само го направи она што чувствуваше дека мора да го направи како човечко суштество тој ден“, објасни неговиот адвокат.
„Ова е негов начин да ја изрази благодарноста за тоа што останал во Австралија, за доделеното државјанство. Навистина ја цени оваа заедница и чувствуваше дека, како нејзин член, мора да постапи така и да придонесе“, рече тој. Претходно денес, родителите на Ахмед, Фатех и Малака, изјавиле дека нивниот син е „во добро расположение“.
„Рече дека му благодари на Бога што можел да го направи тоа, да им помогне на невините луѓе и да ги спаси од овие чудовишта, овие убијци“, изјави неговиот татко. Мајката додаде дека не можела да престане да плаче од гордост кога слушнала дека нејзиниот син спасил животи.
Херојството на Ахмед го пофали и американскиот претседател Доналд Трамп.
„Во Австралија, како што веројатно прочитавте, имаше една многу, многу храбра личност која директно се соочи со еден од напаѓачите. Спаси многу животи, многу храбра личност која моментално е во болница, прилично сериозно повредена. Имам голема почит кон човекот што го направи тоа“, изјави Трамп.
Ахмед ал Ахмед (44), муслиман со потекло од Сирија, пристигнал во Австралија во 2006 година. Тој е сопственик на продавница за тутун и татко на две ќерки, на возраст од пет и шест години. Неговиот братучед Мустафа, кој од вчера е постојано со него во болница, вели дека Ахмед без сомнение е херој.
„Апсолутно, тој е херој. Би го дал животот за да спаси други луѓе“, рече Мустафа, додавајќи дека Ахмед му доверил дека не знае што го обзело, но дека Бог му дал „сила каква што никогаш претходно немал“.
Вчера Ахмед пиел кафе со својот братучед Џозај Алкани во Бонди, недалеку од местото каде што се одржувала прославата на Ханука. „Тоа беше само 10 минути пред да се случи ова“, раскажа Алкани. Кога започнала пукањето, Ахмед му рекол на братучедот: „Ќе умрам. Те молам, посети го моето семејство и кажи им дека заминав да спасувам животи.“
Снимките од местото на настанот покажуваат како Ахмед му приоѓа на напаѓачот, го совладува и му ја одзема пушката. Откако го потпрел оружјето на дрво, напаѓачот се повлекол и му се придружил на другиот напаѓач на блискиот надвозник. Ахмед тогаш, влегувајќи во линијата на оган за да ги заштити другите, бил погоден со два куршума.
Патот на Ахмед до австралиското државјанство бил тежок. По бегството од граѓанската војна во Сирија, неговото барање за државјанство било одбиено во 2019 година поради обвинувања за поседување украдена стока, кои подоцна биле отфрлени.
Државјанството конечно му било доделено во 2022 година. Судските записи покажуваат и дека во 2022 година признал вина за помали прекршоци поврзани со тутун, а во 2023 година бил прогласен за виновен за поседување нож, но без заведена осуда.
Неговиот адвокат Иса сега се залага постарите родители на Ахмед да добијат државјанство „како награда за службата на нивниот син кон заедницата“.
„Ова е можност за премиерот да направи нешто добро како награда за неговата храброст“, порача тој.
Како одговор на неговиот херојски чин, покрената е GoFundMe кампања, во која повеќе од 5.700 луѓе собрале над 570.000 долари за помош на Ахмед. Меѓу донаторите е и американскиот милијардер Бил Акман, кој донирал 100.000 долари.
Премиерот Ентони Албаниз и премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, ја пофалија храброста на Ахмед.
„Денес видовме Австралијци кои трчаа кон опасноста за да им помогнат на другите. Тие Австралијци се херои и нивната храброст спаси животи“, изјави Албаниз.
„Мислам дека вреди да се потсетиме дека во сето ова зло, во сета оваа тага, сè уште постојат прекрасни, храбри Австралијци кои се подготвени да ги ризикуваат своите животи за да му помогнат на целосен странец“, додаде Минс.

