Свет
Болтон го обвини Иран за напад врз танкерите во Обединетите Арапски Емирати

Американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон, го обвини Иран за нападот врз танкерите во Обединетите Арапски Емирати. Тој рече дека танкерите биле погодени од поморски мини.
Според Болтон, Иран е „речиси сигурно одговорен“ за нападите врз танкерите со нафта на почетокот на овој месец. Болтон не покажа ниту еден доказ да ги поткрепи обвинувањата.
Иран претходно ги отфрли обвинувањата за нападите како апсурдни.
Тензиите меѓу САД и Иран ескалираа, откако претседателот Доналд Трамп ја најави одлуката да го стопира извозот на иранска нафта, со цел да изврши притисок врз Иранската влада да го поправи нејзиното однесување на Блискиот Исток.
Иранскиот министер за надворешни работи рече дека администрацијата на Трамп врши „економски тероризам“ со повторно воведување на санкциите против Иран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Додик: Кога историјата се препишува, жртвите стануваат џелати, а ослободителите криминалци

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека се гордее на фактот што Српска денес стои рамо до рамо со Русија во борбата против заборавот посочувајќи дека ревизионизмот не е само опасност за историјата туку и опасност за сегашноста и иднината бидејќи ако дозволиме вистината да се промени, што нè спречува повторно да станеме жртви.
Додик го изјави ова во колумна за бањалучкиот „Глас Српска“ по враќањето од Москва, каде што присуствуваше на парадата по повод Денот на победата над фашизмот, каде што, како што истакнува, Република Српска е препознаена како горд, достоинствен, цврст и искрен меѓународен актер.
„И таму, на Црвениот плоштад, стоев рамо до рамо со оние што знаат што значи да се бориш и да умреш за слобода“, изјави Додик истакнувајќи дека Република Српска е пречекана во Москва како пријател и дека се гордее што е под нејзиното име и што Република Српска има свое место меѓу оние што се бореле против фашизмот и кои денес стојат зад вистината.
„Советскиот Сојуз направи незамисливи жртви. Повеќе од 27 милиони луѓе загинаа за време на Втората светска војна. Да, 27 милиони. Тоа се повеќе жртви отколку Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Франција заедно. Тоа е бројка што сведочи за тоа колку Русите ја платија цената за слободата на светот. Гледајќи ја парадата, се сетив на тие жртви. Се сетив дека без нив можеби немаше ни да постои денешна Европа, можеби немаше ни да постои слободата што ја земаме здраво за готово денес“, рече Додик.
„Двајца од тројцата најголеми светски лидери – Владимир Путин и кинескиот претседател – покажаа дека се искрени пријатели на Република Српска. И во време кога светот минува низ големи промени, кои може да се споредат само со оние по победата над нацизмот, Република Српска има пријатели на силни места. Пријатели што знаат што значи да се бориш против хегемонијата, против препишувањето на историјата и вистината“, рече претседателот на Република Српска.
Ревизионизмот, истакнува тој, не е само опасност за историјата – тој е опасност за сегашноста и иднината.
„Затоа што ако дозволиме вистината да се промени, што нè спречува повторно да станеме жртви? Ако историјата се препишува, тогаш жртвите стануваат џелати, а ослободителите криминалци. Затоа денес, со ова искуство од Москва, велам: Нема да заборавиме. Нема да дозволиме да ни ја одземат вистината за нашата борба против фашизмот. Нема да заборавиме 27 милиони Руси и стотици илјади Срби, кои ги дадоа своите животи за слобода“, изјави Додик.
Свет
Трамп: Сакам договор со Иран, но тие мора да престанат да го спонзорираат тероризмот

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека сака да постигне нов договор со Иран, но порача дека Техеран мора да престане да го спонзорира тероризмот и да се откаже од своите нуклеарни амбиции.
„Многу луѓе гледаат со завист“, им рече Трамп на лидерите на арапските земји собрани на регионалниот самит и додаде дека неверојатни договори се на дофат и дека Блискиот Исток денес е центар на светот на кој многумина му завидуваат, објави „Скај њуз“.
Критикувајќи ја претходната администрација, Трамп рече дека (поранешниот американски претседател Џозеф) Бајден создаде хаос поради некомпетентност.
Во својот говор тој нагласи дека сака иднина на безбедност и достоинство за Палестинците, но предупреди дека тоа нема да биде можно ако лидерите во Газа продолжат по патот на насилството.
Трамп исто така изрази благодарност до земјите што помогнаа во ослободувањето на израелско-американскиот заложник Едан Александар и ја пофали улогата на арапските лидери во обидите за решавање на конфликтот во регионот.
Кога станува збор за Сирија, Трамп потврди дека САД ќе ги укинат сите санкции против оваа земја велејќи дека ова е шанса за развој и дека санкциите биле парализирачки и многу силни.
Тој исто така објави дека сака да ги нормализира односите со Дамаск.
Иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Абас Аракчи, објави дека в петок ќе се сретне со европски дипломати во Истанбул на разговори за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година.
Европските страни потписнички на договорот се Франција, Велика Британија и Германија.
Европа
Објавено кои санкции ги воведува ЕУ кон Русија: опфатени се и компании од Виетнам, Србија и од Турција за кои постои сомневање дека ја снабдуваат руската војска

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ постигнаа договор за 17-тиот пакет-санкции против Русија, кој треба да го потврдат министрите за надворешни работи следната недела. Новиот пакет-санкции вклучува речиси 200 нови танкери од таканаречените флоти во сенка што Русија ги користи за да ги заобиколи санкциите.
Станува збор за стари, неосигурени бродови, кои користат разни трикови за да го скријат потеклото на нафтата што ја транспортираат, вклучително и испраќање фалсификувани податоци и исклучување на транспондерите. Се сомнева дека бродовите се користат и за саботажи на подморничката инфраструктура. Досега 153 вакви брода се санкционирани и им е забрането да се закотвуваат во европските пристаништа. Сега тој број се зголеми на речиси 350 брода.
30 компании се додадени на листата на санкции поради вмешаност во заобиколување на санкциите, особено кога станува збор за производи со двојна намена. Овие компании ќе се соочат со нови трговски ограничувања. Санкциите ќе ги опфатат и компаниите од земји како Виетнам, Србија и Турција за кои постои сомневање дека ја снабдуваат руската војска.
Додадени се уште 75 поединци и компании поврзани со воено-индустрискиот комплекс. Исто така, се забранува извоз на хемикалии од ЕУ што може да се користат за производство на ракети.
Заедно со овој пакет, ЕУ ѝ се закани на Русија со масовни санкции доколку одбие да го прифати предлогот за прекин на огнот од 30 дена, поддржан од САД.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја предупреди Москва во вторникот дека ќе се соочи со дополнителни санкции доколку нема вистински напредок кон мир во Украина оваа недела. Мерц го покани рускиот претседател Владимир Путин да седне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Истанбул в четврток за да разговараат за прекин на огнот и евентуално мировно решение.