Свет
(Видео) Побарана смртна казна за 16 лица што жива ја запалија тинејџерката во Бангладеш

Шеснаесет лица во Бангладеш се обвинети за убиство на тинејџерката која беше жива запалена.
Според Еј-би-си, група луѓе ја полиле со керозин 19-годишната Нусрет Јахан Рафи и потоа ја запалиле на покривот на Исламското училиште во градот Фени. Страшното злосторство се случи на 6 април, само неколку дена откако Нусрет го пријавила директорот на училиштето, Сира Уда Дул, за сексуален напад.
Меѓу обвинетите е и самиот директор кој е осомничен дека наредил убиство на девојката додека бил во притвор. Таа одбила да ја повлече тужбата против директорот, а полицијата го зеде тоа како мотив за убиство.
Бидејќи тинејџерката не сакала да го повлече извештајот, тој на соработниците им наредил да ја убијат.
Соработници испланирале сè – купиле керозин, ракавици и бурки, и ги рапределиле задачите. Девојката била намамена на покривот на училиштето каде што една група луѓе во бурки прво ѝ рекле да се откаже од жалбата и да ја потпише, а кога одбила, тие ја полиле со керозин и ја запалиле.
Тие сакале злосторството да го претстават како самоубиство, но девојката беше жива неколку дена со изгореници на 80 отсто од телото. Пред да почине на 10 април, таа ѝ дала изјава на полицијата.
Меѓу обвинетите, покрај горенаведениот директор на училиштето, се ученици и двајца локални политичари.
За сите осомничени беше побарана смртна казна, а полицијата додаде дека првиот осомничен Дул на суд признал дека наредил убиство. Вкупно 12 од 16 осомничени признаа дека учествувале во злосторството, но не и двајцата политичари.
По смртта на девојчето и масовните протести, премиерката на Бангладеш, Шеик Хасин, се заколна дека сите оние кои се вклучени во убиството ќе одговараат за тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Голем број верници се собраа во Рим за да му оддадат почит на папата: „Тој беше посебен, на сите христијани ќе им недостига“

Голем број граѓани на Италија и од други земји се собраа во базиликата „Света Марија Велика“ во Рим, каде што ќе бидат положени посмртните останки на папата Франциско, за да му оддадат почит на починатиот поглавар на Римокатоличката црква.
На тоа место се собраа голем број медиуми од целиот свет, а има и такви на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“, каде што ќе се одржи погребот на папата Франциско в сабота, 26 април.
Меѓу собраните е и Евертон Коелјо од Бразил, кој моментно живее во Германија.
„Вчераутро пристигнавме во Рим. Кога вчера шетавме во градот, ја слушнавме многу тажната вест дека папата Франциско починал. Бевме изненадени и многу тажни. Тој беше харизматичен папа. Беше од Аргентина, Јужна Америка. И ние доаѓаме од Јужна Америка, па затоа чувствуваме дека е уште поблизок до нас. Беше приземен, многу близок до луѓето. Не живееше во замок, живееше едноставен живот“, изјави Коелјо за „Танјуг“.
Коелјо понатаму наведува дека ова е најголемата порака што папата Франциско ја остава зад себе.
„На христијаните многу ќе им недостига. Пред да дојдеме се обидовме да присуствуваме на мисата. За жал, минатата недела добивме порака дека папата нема да може да присуствува и дека ја откажале. А сега кога слушнавме дека нè напушта, многу е тажно“, рече Коелјо.
Друг Бразилец, кој денес беше во Рим, за „Танјуг“ вели дека го памети папата Франциско како едноставна личност, но и како некој што го сака фудбалот.
„Се сеќавам дека папата беше навивач на ‘Сан Лоренцо’ во Аргентина. Папата беше одлична личност за мене“, рече соговорникот.
Жителка од Рим за „Танјуг“ вели дека се сеќава на многу од она што го кажал папата Франциско оценувајќи го како неверојатно.
„Мислам дека ќе биде тешко да се најде замена за него“, рече тој.
Погребот на папата Франциско ќе се одржи в сабота, 26 април, во 10 часот наутро на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“.
Претходно денес, беше објавено дека телото на починатиот папа ќе биде однесено во базиликата „Свети Петар“ в среда во 9 часот наутро.
Свет
ММФ: Светската економија значително ќе забави, на САД драстично

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги намали своите прогнози за економски раст за 2025 година велејќи дека зголемувањето на царините и општата неизвесност ќе доведат до значително забавување.
Во својата најнова глобална прогноза,ММФ предвидува дека светската економија ќе порасне за 2,8 процента оваа година, што е намалување во однос на претходната проценка од 3,3 проценти.
Најголем пад меѓу развиените економии забележаа Соединетите Американски Држави – сега се очекува раст од 1,8 процент во споредба со претходната процена од 2,7 процента.
Прогнозата за раст за Обединетото Кралство е исто така намалена – од претходните 1,6 процент на 1,1 процент во 2025 година.
Свет
Италија прогласи петдневна жалост за смртта на папата Францискo

Советот на министрите на италијанската влада денес прогласи петдневна национална жалост за смртта на папата Францискo.
Периодот на жалост почнува денес, потврдија владини извори, пренесува „Анса“.
Советот на министрите денес свика вонредна седница за да разгледа неколку прашања, вклучително и прогласување ден на жалост.
Папата Францискo почина во понеделникот во ватиканската резиденција „Санта Марта“ во 7.35 часот наутро од мозочен удар, проследен со кома и неповратен кардиоваскуларен колапс.
Погребот на папата Францискo ќе се одржи в сабота, 26 април, во 10 часот наутро на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“, објави „Анса“ повикувајќи се на соопштението од Ватикан.
Телото на папата Францискo моментно е изложено во капелата на резиденцијата „Санта Марта“, каде што тој живееше во текот на 12-те години додека беше на чело на Римокатоличката црква, објави „Ројтерс“.
На плоштадот Свети Петар во Рим, денес, во 19.30 часот, ќе се одржи молитва предводена од деканот на Колеџот на кардиналите, кардиналот Џовани Батиста Ре.