Македонија
Николовски: Спорот со Грција го нема, но нема ни датум за почеток на преговори со ЕУ
Сметаме дека е добро што десетта година по ред Македонија добива позитивна препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ. Тоа е добро и таа препорака треба да се реализира, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на прес-конференција.
„Досега осум препораки не се претворија во почеток на преговори за членство заради противењето на Грција во однос на спорот со името и ветото коешто тие го поставуваа. Минатата година Заев и Димитров се согласија на срамниот преспански договор за преименување на Македонија. Сепак, и покрај тоа и покрај потпишувањето на договорот на 16 јуни веќе на 29 јуни датум за почеток на преговори за членство во ЕУ немаше иако тоа беше најголемото ветување кое што Заев и Димитров го дадоа. Годинешнава повторена препорака само покажува дека минатата година и Заев и Димитров, како и Владата лажеа дека има датум за почеток на преговори за членство. А, нема затоа што нема реформи. Немаше реформи минатата година како што нема реформи и оваа година“, истакна Николовски.
Тој рече дека како што стојат сега работите, очигледно е дека и оваа година нема да има датум за почеток на преговори. Спорот со Грција го нема, но сепак нема датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, истакна Николовски.
„Ако во минатото проблем беше спорот, а не изостануваа реформите, сега веќе изостануваат реформите. Нешто што го гледа целиот народ и сите граѓани на Република Македонија. Лагите се проѕирни и излегоа на виделина. Само да се потсетиме на стотиците изјави и интервјуа каде владата велеше дека добила датум за почеток на преговори за членство во ЕУ минатата година. Да се потсетиме дека минатата година на 30 јуни Зоран Заев рече: „Добивме датум за преговори јуни 2019 година“.
Еве го јуни дојде, а датум за преговори нема. Ако лани лажеа и вината ја префрлаа на други, оваа година слушаме изјави од типот ЕУ да си го одржи зборот. Како ЕУ да е некој пазарџија којшто треба да си го одржи зборот. Или слушаме како луѓе блиски на оваа власт напаѓаат пријатели на Македонија, големи европски држави обвинувајќи ги за оваа состојба и не сакајќи да се погледнат себе и да погледнат кон себе. Вистината е дека датум немаше и, за жал, датум нема да има, затоа што нема реформи во клучните области. Нема реформи, тоа го констатира ЕУ, тоа го констатираа земјите членки на ЕУ, а тоа секојдневно го живеат граѓаните на Република Македонија“, изјави Николовски.
Тој додаде дека и овој извештај јасно потенцира слабости во многу сектори, а пред сè врвот на корупцијата, состојбите во јавната администрација, состојбите во економијата и владеењето на правото.
„Еве сега кажувам, ако остане оваа влада на Заев, и следната година во јуни нема да има датум за почеток на преговори. Затоа што едноставно не ги бива и немаат капацитет да сработат. Затоа решението е едно и едноставно, владата да замине и да дојде влада способна и посветена да испорача прво за доброто на граѓаните, потоа и за она што е потребно како барање на ЕУ, и конечно државата да почне преговори за членство во ЕУ затоа што нашето место е таму“, додаде Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со кризи направи пресек на состојбата по врнежите на територијата на Македонија до 18:30 часот.
Тетовски регион
Тетово
На патниот правец Тетово – Бањиче, пред ресторанот „Лумаре“, има падната голема карпа на коловозот со опасност од дополнителни одрони. За настанот се известени ЈКП Тетово, СВР Тетово и ДЗС, кои преземаат мерки согласно надлежностите.
Состојбата во градот и околината е стабилна, патната инфраструктура е проодна, а коловозите се претежно влажни.
Гостивар – Маврово
Кај каменоломот е евидентиран одрон на патниот правец Гостивар – Маврово. Надлежните служби се известени и најавено е расчистување и обезбедување на сообраќајот.
Тиквешки регион
Кавадарци
Во ридско-планинскиот дел се интервенира со два камиона на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава. Сите патишта се проодни во зимски услови. Висината на снежната покривка е до 15 см. Во останатите населени места нема снег.
Североисточен регион
Куманово, Липково и Старо Нагоричане
Нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Патот од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат и небезбеден, по што е извршена интервенција и патот е расчистен.
Крива Паланка
Сите локални и регионални патни правци се проодни и чисти. Интервенирано е на патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски поради одрон.
Ранковце
Патот од с. Пклиште до с. Герман е затрупан со снег и е испратена механизација за расчистување. Делницата е со кашаст снег и отежнато движење.
Кратово
Сите локални патни правци се проодни. Водостоите на реките не претставуваат опасност од излевање.
Источен регион
Штип
Нема врнежи. Водостоите се зголемени, но без опасност од поплавување. На патните правци Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Југозападен регион
Охрид
Реката Сушица е ставена под контрола со насип. Сè уште има поплавени подруми и дворови на повеќе локации.
Струга
Во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови. Санирањето е отежнато поради непречено истекување на водата.
Дебар
Реката Радика има зголемен водостој без опасност од излевање. Има помали одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Кичево
Водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на општинскиот кризен штаб за проценка на штети и планирање на санација.
Пелагониски регион
Демир Хисар
Поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон с. Мренога е затворен за сообраќај.
Битола
Состојбата во градското подрачје е нормализирана. Во околните места водата се повлекува од поплавените површини.
Крушево
Сите локални и регионални патни правци се исчистени, посолени и проодни.
Ресен
Поплавени се земјоделски површини, но водата се повлекува. Во тек е интервенција со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Новаци
Нивото на река Црна изнесува 320 см и се следи континуирано.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста на повторените локални избори во четири општини до 18:30 часот е 28,07 проценти
Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на повторените избори до 18:30 часот изнесува 28,07 отсто.
По општини:
– Врапчиште: 31,76 %
– Гостивар: 28,22 %
– Маврово и Ростуше: 28,04 %
– Центар Жупа: 13,18 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека поради задоцнето отворање, ќе има продолжување на пет избирачки места, три во Гостивар и две во Маврово-Ростуше. Најдолгото продолжување на гласањето во траење од 2 часа и 45 минути ќе биде на избирачко место 503 во Гостивар.
На избирачкото место 0782 во Ќафа немало гласање бидејќи тоа воопшто не било отворено.

