Македонија
(Видео) Почна официјалната посета на делегацијата на НАТО предводена од генералниот секретар Столтенберг

Со церемонија со највисоки државни почести, денеска, пред Владата беше дочекан генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој пристигна со амбасадорите на земјите членки на алијансата од Северноатлантскиот совет.
Премиерот Заев и генералниот секретар Столтенберг, заедно со високите претставници на секретаријатот на НАТО и со членовите на Владата, одржаа билатерална средба на која заеднички е заклучено дека одржувањето на состанокот на Северноатлантскиот совет во Скопје е огромно признание и охрабрување на земјата за нејзиниот пат во евро-атлантските интеграции, кој треба да заврши набргу со полноправно членство и со отворени перспективи за општествено-економскиот развој на земјата.
Веднаш по активностите во Владата, премиерот Заев и генералниот секретар Столтенберг, заедно со двете делегации, заминаа на работниот дел на Северноатлантскиот совет со Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и претставници на Владата.
Со заедничката седница на Северноатлантскиот совет и на Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО ќе претседаваат Заев и Столтенберг по што ќе следува и нивната заедничка прес-конференција.
Во текот на денот генералниот секретар на НАТО и амбасадорите на Северноатлантскиот совет ќе бидат примени и од претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Комисијата утврди дискриминација врз професионалните војници – синдикатот бара итни законски измени

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна дискриминација врз професионалните војници од страна на Министерството за одбрана, информира Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје.
Претставката до Комисијата ја поднел Александар Насковски, претседател на синдикатот и професионален војник, на 12 ноември 2024 година. Според него, Министерството со години не го трансформира работниот однос на професионалните војници од определено на неопределено време, спротивно на член 46 од Законот за работни односи.
„Професионалните војници се единствената категорија вработени во државата кои работат и по 25 години со договори на определено време, често продолжувани и по седум или осум пати, без можност да остварат право на пензија“, изјави Насковски.
По долготрајна институционална игнорација, синдикатот на 3 јуни 2025 година достави предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата до Собранието и сите пратенички групи. Со предложените измени се предвидува конечно уредување на статусот на професионалните војници и спроведување на препораките од Комисијата.
Синдикатот очекува Министерството за одбрана и пратениците да постапат по препораките и да ја исправат, како што велат, децениската неправда, со што ќе се постигне и буџетска заштеда за институцијата.
Македонија
Ангелов на состанок во Берово: Планирање на акција за справување со пожарот над Русиново

Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, синоќа присуствуваше на координативниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Берово, предводен од градоначалникот Звонко Пекевски.
На работниот состанок се анализираа извештаите за движењето и интензитетот на пожарот во планината над селото Русиново. Како главни предизвици беа посочени променливиот ветер, остатоците од стари пожари – шупливи дрвја кои при горење паѓаат по стрмнините – како и непристапниот терен, што значително го отежнува гаснењето.
Според соопштението од ДЗС, состанокот траел подолго поради разгледување на повеќе стратегии за утринска интервенција. Се планира комбинирана акција со теренски сили, механизација и ангажман на воздухоплови, чија активност ќе се координира од земја во согласност со конкретните дневни услови.
Ова е дел од континуираните напори за справување со активните пожари во источниот дел на земјата.
Македонија
Tри улици од Карпош ќе останат околу шест часа без струја

Без електрична енергија денес ќе останат корисниците од три улици во Карпош.
Во периодот од 08.15 до 13.30 часот, без струја ќе бидат корисниците од улиците Иван Цанкар – парни броеви, Франц Прешерн – непарни броеви и Вангел Дину. ( општина Карпош ), информира ЦУК по известување добиено од ЕВН.