Култура
Едвард Лакман добитник на „Златна камера 300“ на 40. издание на фестивалот „Браќа Манаки“
Еден од водечките светски кинематографери, Ед Лакман, потписник на повеќе од 80 играни филма, меѓу кои оскаровски кандидати, e годинешниот добитник на наградата „Златна камера 300“ за животен опус на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Тој со воодушевување ја примил веста дека е вброен меѓу великаните на најстариот фестивал посветен на филмската камера и директорката Евгенија Теодосиевска се надева дека тој ќе пристигне во Битола да ја прими наградата.
„Освен што станува збор за автор кој е меѓу водечките светски директори на фотографија, Лакман е извонреден човек. Кога му ја соопштив веста, тој беше пресреќен и рече дека сака да дојде лично да ја прими наградата. Да се надеваме дека околностите ќе бидат во ред и битолската публика и филмаџиите ќе може да запознаат еден голем професионалец“, рече Теодосиевска на денешната прес-конференција.

Акман со нашата „Златна камера 300“ за животен опус досега прокнижува 41 светска награда, 42 номинации. Од номинациите најзначајни се оние за „Оскарите“ со ремек-делата „Далеку од небесата“ (номинација за најдобар кинематографер во 2002) и „Керол“ (номинација за „Оскар“ 2015), и двата филма во режија на Тод Хејнис со кого Лакман има најплодна соработка како кинематографер. Во меѓувреме, и третиот филм снимен со режисерот Хејнис, „Јас не сум таму“, беше исто така потенцијален кандидат за „Оскар“ со сите специфики во изразот на Лакман во црно-белата и колор-фотографијата.
Според уметничкиот директор Благоја Куновски, великан како Лакман заслужува да биде изборот за јубилејното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ и да се вброи во алејата на кинематограферските великани на нашиот фестивал.

„Акман е специфичен бидејќи, освен неговата големина како кинематографер, тој импресионира со својата кретивна енергија од неговите почетоци на почетокот на 1970 година до најновите три целовечерни играни проекти снимајќи и по три во една година. Тој е еден од ретките кинематографери, кој, покрај својата базична вокација, се покажал и како добар режисер потпишувајќи 10 филма во кои негови колеги, некои и наши лауреати, се кинематографери. Работејќи со многу режисери, неговиот креативен израз го красат разновидни стилови, кои се во зависност од играната или документарната форма, прилагодувајќи се и на креативниот процес и сензибилитет на конкретниот режисер“, рече Куновски.
Претседателот на Друштвото на филмските работници, Игор Иванов-Изи, на прес-конференцијата рече дека и 40. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ ќе биде уште една успешна приказна во насока на позитивниот правец што го зазема целата македонска кинематографија.
„Не можам, а да не го истакнам позитивниот правец што го зазеде севкупната домашна кинематографија и сите активности поврзани со неа. Исчезна многугодишниот антагонизам и филмските автори се насочени кон кретивност и успешна работа. Очекувам дека ќе имаме успешно јубилејно издание на фестивалот „Браќа Манаки“ за да се одбележат четири децении од овој значаен настан на културната мапа“, рече Иванов.
На следната прес-конференција, што ќе се одржи во јули, ќе бидат соопштени други детали за ова фестивалско издание, а од Центарот за култура во Битола најавија дека за ова издание ќе биде обезбеден и агрегатот на кој се чекаше многу години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина пејачката Бади Бекир
Денеска во Скопје почина пејачката на народна музика Небахат Бади Бекир.
Нејзиниот колега музичар Горан Алачки објави дека погребот ќе се одржи утре на градските гробишта „Бутел“.
Небахат Бади Бекир беше македонска пејачка на народна музика. Покрај соло кариерата, Бади понекогаш настапуваше со групата наречена „Четири грации“, каде покрај Бади беа и Благица Павловска, Адријана Алачки и Росана Тодоровска. Нарекувана е македонската Весна Змијанац.
Првите чекори на сцената ги прави во детските денови како член на играорна група изучувајќи го во исто време и македонскиот и турскиот фолклор. Како дебитант на музичката сцена се појавува во 1985 година на фестивал на забавни мелодии. Паралелно пее на турски, албански и македонски јазик. Најплоден период на нејзината кариера е за време на големите југословенски турнеи. По распадот на Југославија и се посветува на македонската фолк песна. Следат настапи на македонските фестивали, соработка со бројни автори и турнеја во австралија во 2002 година. Во 2004 година станува една од Грациите. Во 2006 година прославува 20 години постоење на естрадата.
Култура
„Емпатија во светлина“ – фотографска изложба на Милорад Милиќевиќ во Галерија „Рудиќ“
На 22 ноември (сабота) во 19 часот, во Галерија Рудиќ ќе биде отворена изложбата „Емпатија во светлина“ на фотографот Милиќевиќ. Портретите на Милиќевиќ не се студиски аранжирани кадри, туку сведоштва за луѓе вкоренети во својот простор, време и културна традиција на која ѝ припаѓаат.
Милиќевиќ не документира само лица – тој бележи приказни, традиција, верување, моменти на искреност кои не можат да се инсценираат. Неговите субјекти се спонтани, опуштени, прикажани во животни услови што ги дефинираат.
Портрет може да направи секој. Но добар портрет — оној што останува, што нè погодува таму каде што не сме очекувале — може да направи само оној што има вистинска емпатија кон другиот човек. Тоа не е прашање на занает, туку на карактер. Тоа или го носите во себе, или не. Милиќевиќ го носи. И го споделува со нас.
Изложбата „Емпатија во светлина“ ја опишува суштината на фотографскиот пристап на Милиќевиќ — тивка, но длабока присутност, каде светлината не е само визуелен елемент, туку медиум преку кој се открива човечноста, традицијата и искреноста на неговите субјекти.
Култура
Концертот „Од барок до современи македонски композитори“ во Даутпашиниот амам
Во петок, 21 ноември 2025 година, со почеток во 19:30 часот, во Даут-пашин амам ќе се одржи концертот „Од барок до современи македонски композитори“, кој низ внимателно конципирана програма го следи развојот на музичката форма и израз – од барокната прецизност до современиот македонски звук.
Концертот ќе ги обедини делата на Купрен, Хендл, Марчело/Бах и Силоти, a во центарот на програмата се дуетите на Бах од мисите и кантатите (BWV 232, 236, 124, 91) – пример за суптилен контрапункт и дијалог меѓу два вокални гласа.
Вечерта продолжува со избор од современата македонска продукција: композиции на Димитрије Бужаровски, Горан Начевски и Томислав Зографски, чија „Суита за пијано“, оп. 27 го заокружува програмскиот лак од барокната структура до модерниот национален израз.
Изведувачи се Мимоза Ќека (пијано), Марија Ташевска (сопран) и Мариана Бошковска (алт).
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија. Влезот е слободен.

