Свет
Шведската влада има намера да ги забрани сите верски училишта, освен еврејските
Шведската влада има намера да го спречи идното формирање приватни верски училишта во обид да укаже дека е секуларна држава, пренесува „Спутник“.
Како резултат на консензусот помеѓу владејачката црвено-зелена коалиција од левицата и нејзините помлади партии за поддршка, Центарот и либералите, во тек е истрага за конфесионалните елементи во образовниот систем.
Задачата на специјалниот иследник Ларс Арениус е да поднесе предлози за целосна забрана за основање нови основни и средни училишта со верска заднина.
„Последниве години видовме примери на училишта што во име на религијата ги одделуваат девојките и момчињата, едвај учат за сексот или соживотот и ја изедначуваат еволуцијата со митовите од религискиот креационизам. Ова е сосема неприфатливо. Сега владата ги презема првите чекори кон запирање нови верски училишта“, рече министерката за образование од редовите на социјалдемократите, Ана Екстром.
Според неа, можноста за отворање нови училишта со конфесионална ориентација на крајот може целосно да се укине. Постојните верски училишта ќе останат, но можеби ќе треба да ги ревидираат своите прописи.
„Во шведското училиште секој ученик мора да биде слободен да ја обликува сопствената перцепција и иднина. Ниту едно дете не треба да биде принудено да учествува во конфесионални елементи или да нема можност за настава за, на пример, еволутивната доктрина или сексот или соживотот. Станува збор за заштита на самите основи на училиштето за главниот акцент да биде ставен на знаењето и образованието, а не на религиското образование“, објасни Екстром, која посочи дека верските училишта се лоши за општеството и дека нивното запирање е прашање на интеграција.
Сепак, може да има еден значаен исклучок. Еврејските училишта треба да бидат изземени од забраната, а министерот Ардалан Шекараби увери дека ги следи критиките од Централниот совет на Евреите.
„Постојат посебни правила за малцинствата што ги имаме во Шведска. Еврејското малцинство е заштитено во тоа законодавство и тоа значи дека тоа ќе може да ја задржи својата структура со специјална обука“, рече Шекабира за „Афтонбладет“.
Колумнистот Ивар Арпи истакна дека речиси сите аргументи што се поведени против конфесионалните училишта се однесуваат на муслиманските училишта, а не на христијанските или на еврејските.
„Ако сите знаат кои училишта ја спречуваат интеграцијата на имигрантите, зошто директно не го кажат тоа? А малку искреност?“, пишува во својата колумна Арпи.
Извештајот за училиштето мора да биде завршен најдоцна до 19 декември 2019 година.
Во моментот во Шведска има 70-ина училишта кои имаат барем некои верски елементи, повеќето од нив се христијански или муслимански.
Во 2017 година истражувачкиот центар „Пју“ открил дека 59,9 отсто од Швеѓаните се идентификуваат како христијани, од кои 48,7 отсто припаѓаат на Шведската црква, а повеќето од оние што преостануваат се христијани неповрзани со некоја црква.
Бројот на муслимани е проценет на повеќе од 8 отсто од шведската популација од 10 милиони. Од друга страна, еврејската дијаспора брои само 20.000 лица. Од нив, околу 7.000 се членови на еврејската верска заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американците предупредија: Наскоро може да се случи голем напад врз Украина
Американската амбасада во Киев предупреди на можноста од значаен воздушен напад врз Украина во наредните денови, објави на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) Јулија Мендел, поранешна портпаролка на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во предупредувањето што денеска го објави Американската амбасада во Киев се наведува дека заканата се однесува на целата територија на Украина, односно на сите окрузи во земјата. Според соопштението, американските власти добиле информации за можен силен воздушен удар што би можел да се случи во кој било момент во текот на следните неколку дена.
— Iuliia Mendel (@IuliiaMendel) January 8, 2026
Американската амбасада повторно ги повика своите државјани да бидат подготвени веднаш да побараат засолниште во случај на прогласување воздушна тревога. Вакви предупредувања Вашингтон редовно објавува во моменти на зголемени безбедносни ризици, особено кога постојат разузнавачки податоци за можни напади од руската војска.
Предупредувањето доаѓа во период кога Украина со недели е изложена на интензивни ракетни и напади со дронови врз енергетската инфраструктура и градовите низ земјата, додека властите во Киев предупредуваат дека Русија би можела да продолжи со бранови масовни удари.
Свет
Германија одбива да испрати војници во Украина од страв од Трета светска војна
Додека Велика Британија и Франција најавија можност за испраќање копнени сили во Украина во рамки на потенцијална мировна мисија, Германија зазема значително повнимателен став. Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Бундесверот би бил распореден исклучиво на територијата на НАТО земјите што граничат со Украина, со цел поддршка на евентуално примирје, пренесува „Телеграф“.
Мерц појасни дека Германија ќе учествува во надзор на прекинот на огнот и во зајакнување на Украина, но без германски војници да стапнат на украинска територија. Иако под негово водство Германија започна со зајакнување на армијата и најави изградба на најсилната конвенционална војска во Европа, ваквиот став покажува воздржаност.
Причините, според анализата, се поврзани со германската внатрешна политика и уставните ограничувања по Втората светска војна. Секое испраќање војници во странство мора да биде одобрено од Бундестагот, а Мерц има тесно парламентарно мнозинство, што ваква одлука ја прави политички ризична.
Дополнителен фактор е и силниот отпор што би доаѓал од повеќе партии, вклучително и Социјалдемократите, кои традиционално се попретпазливи кога станува збор за воени ангажмани и провоцирање на Русија. Присутно е и историското бреме од можноста германски војници повторно да се најдат во конфликт со Русија.
Свет
Макрон и Штајнмаер со критики кон САД: Светот оди кон поделба на сфери на влијание
Францускиот претседател Емануел Макрон во своето годишно обраќање за надворешната политика ја критикуваше администрацијата на Доналд Трамп, обвинувајќи ги САД дека го поткопуваат глобалниот поредок заснован на правила. Тој оцени дека САД, како етаблирана сила, сè повеќе се оддалечуваат од дел од своите сојузници и се откажуваат од меѓународните правила што порано ги промовирале.
Макрон предупреди дека светот се движи кон поделба на сфери на влијание, во која големите сили настојуваат да доминираат, посочувајќи дека САД ја зајакнуваат својата улога во западната хемисфера. Иако директно не ги спомена Венецуела и Гренланд, тој ја обвини американската политика за кршење на правилата во трговијата и безбедноста, што предизвикува сериозна загриженост во Париз.
Критики упати и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој оцени дека светот не смее да се претвори во дувло на разбојници во која најбескрупулозните земаат што сакаат. Тој истакна дека глобалната демократија никогаш не била толку загрозена и предупреди на, како што рече, „слом на вредностите“ кај најважниот партнер на Европа – САД.
Фото:Depositphotos

