концерти
Унгарскиот бенд „Сондорго“ и „Џамбо Агушеви оркестар“ на „Оффест“
Унгарскиот бенд „Сондорго“, кој се смета за еден од водечките претставници на тамбурашката музика од Унгарија, и „Џамбо Агушеви оркестар“ од Македонија, вечер ќе одржат концерти во рамките на 18. „Оффест“.
Концертот на унгарскиот бенд ќе се одржи во Дансинг-салата во МКЦ со почетокот во 20 часот, а „Џамбо Агушеви оркестар“ ќе настапи два часа подоцна на истата бина.
„Сондорго“ е формиран од браќата Арон и Бенџамин Ередиќ кон средината на 90-тите години во Сентендре (мал унгарски град во близина на Будимпешта со долгогодишна српска традиција). Овој возбудлив состав е посветен на изведувањето и промовирањето на јужнословенската фолк-музика собрана од Бела Барток и Тихомир Вујичиќ, популарна кај заедниците што живеат по должината на реката Дунав. Нивната мисија е да ги оживеат скриените скапоцени камења на разните балкански звуци.
Но, за разлика од повеќето групи што свират балканска музика, „Сондорго“ не изведува музика за дувачки оркестар, туку тамбурашка музика со извонредна техничка виртуозност и свежа интерпретација. Постојано присутни на унгарските и европските фестивали континуирано настапуваат и со познатиот македонски саксофонист Ферус Мустафов – плод на оваа соработка е нивниот заеднички албум Sondorgo & Ferus Mustafov In Concert (2009). Она што „Сондорго“ совршено го комбинираат е почитта кон традициите, желбата за иновација и блескавата незапирлива виртуозност.
„Џамбо Агушеви оркесторот“ е дувачки оркестар од Македонија, кој денес се смета за еден од најдобрите на Балканот. Музиката што виртуозно ја изведуваат може да се дефинира како своевидна фузија на традиционалните балкански, ромски и турски звуци со влијанијата на свинг, џез, поп и филмската музика. Од скромните почетоци во малата Струмица до освојување на сцените на целата планета оркестарот прерасна во врвна атракција на светската музичка сцена.
Лидерот Џамбо Агушев, познат и по прекарот the funky tiger, е најпрославениот македонски музичар по заминувањето на Есма Реџепова, но тој, сепак, нема намера да подзаспива на ловориките на славата заработувајќи вистинско богатство со свирење раскошни свадби и големи фестивали. Младиот виртуоз не беше задоволен со таквата кариера и оттогаш гледа како да ја одржи, развие и продлабочи репутацијата што тој и неговиот бенд ја имаат како музичари пар екселанс освојувајќи ја публиката во Европа и пошироко. На тој начин тие стекнаа голем број обожаватели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
концерти
Почна фестивалот „Виноскоп 2023“
Со настапи на Стефан Петановски, Пајак, „Офчестра“, „Брас брадрс“ и „Фолтин“ вчера беше отворен фестивалот „Виноксоп“, кој веќе тринаесет години по ред ја промовира македонската винска култура.
Со учество на над 40 винарници и гурмански катчиња фестивалот продолжува до сабота, а денеска концертни настапи ќе имаат „Баклава“, Нино Величковски, Сале Певац, Дани Димитровска и „Куку леле’.
Програмата почнува во 17 ч со „афтер ворк“ забава, а до 19 ч на секои две купени вина, посетителите ќе добијат едно гратис.
концерти
Петтото издание на музичкиот фестивал „Андерфест“ Скопје
Музичкиот фестивал „Андерфест“ ќе се одржи петти пат на 13 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ).
На овој јубилеј публиката ќе може да ужива во музиката од алтернативната, рок, панк-рок, метал, хардкор-сцената од нашата држава, која ќе покаже дека е одлична и има што да понуди.
Од најавените бендови, сите ѝ се одлично познати на македонската публика. Се работи за актуелни музички имиња за кои организаторите очекуваат многу публика и ветуваат забава.
На „Андерфест 5“ ќе настапат: Преку ред, Ред 18, Конспираси, Луфтанза, Пич Ваис и Последен удар.
Продажбата на билети за концертот e почната и можете да ги набавите преку следниот линк.
концерти
(Видео) Џон Њуман и Бурак Јетер со Констракта пристигнуваат на „Егзит“ спектаклот во Струмица
На второто издание на „Get EXITed“ настанот во Градскиот парк во Струмица на 7 септември пристигнуваат возбудливи светски и регионални имиња! На овој Егзитов спектакл, кој минатата година го посетија повеќе од 20.000 луѓе, ќе настапи мега-ѕвезда – единствениот продуцент, пејач, текстописец и диџеј Џон Њуман, кој со години суверено ја носи титулата поп и соул ѕвезда!
Во Струмица пристигнува и творецот на најголемите светски хитови Бурак Јетер, кој на овогодишниот „Егзит“ фестивал со спектакуларен настап до утро ги држеше разиграни десетиците илјади фанови пред Главната бина Горки Лист. Тие ѝ се придружуваат на неповторливата Констракта, а уште имиња ќе бидат објавени набргу. Струмичкиот „Get EXITed“ го организира „Егзит“ тимот во соработка со Општина Струмица, влезот на овој голем настан е слободен.
„Од првиот ‘Егзит’, гостите од Северна Македонија беа меѓу најбројните и особено задоволство ни е, уште еднаш да ја донесеме моќната енергија на ЕГЗИТ фестивалот во Струмица. Минатогодишното издание навистина ги надмина сите очекувања, за време на настанот немаше слободно сместување во околината на Струмица, туристите дојдоа од целиот регион, а на 7 септември со најголемите глобални и регионални имиња продолжуваме во уште посилен ритам“, најавува основачот и директор на ЕГЗИТ Фестивал Душан Ковачевиќ.
Џон Њуман (Јohn Newman), суверената поп/соул ѕвезда со преку 2,5 милијарди стримови и дури девет одлични песни кои беа број 1 на светските топ листи во Струмица го носи својот специјален хибриден настап, во чии рамки ќе ги изведе своите најголеми хитови. Зад себе има соработки со лидерите на музичкиот свет, меѓу кои се Дејвид Гета, Калвин Харис, Алесо, Рудиментал, Сигала, Најл Роџерс, Галантис и Кајго. Оствари настапи кои ја редефинираат кариерата, како што беше затворањето на фестивалот „Коачела“ со Калвин Харис, и приреди спектакуларни лајв изведби на настаните од светска класа, меѓу кои се „ЕГЗИТ“ и „Гластонбери“. Само што ја објави песната „Call Your Name“ со Алесо, на која предодредено ѝ е да стане глобален хит и која е прогласена за песна на неверојатниот „Тумороуленд“ фестивал! Њуман зад себе ги има песните кои ги знае цел свет, како „Blame“ (feat. Calvin Harris), „Love Me Again“, „If You Really Love Me“ (feat. David Guetta), „Feel The Love“ и „Not Giving In“ (feat. Rudimental), „Cheating“ и многу други.
Со своите исклучителни хитови, програмата ќе ја засили и Бурак Јетер (Burak Yeter), турскиот продуцент, хитмејкер и диџеј со речиси милијарда стримови само на „Јутјуб“. Изминатава деценија песните „Crash“, „Friday Night“, „Happy“, „Oh My My“ ја освојуваат планетата, радискиот етер и фестивалските сцени, додека „Tuesday“ заработи платинеста плакета во повеќе земји, а го создаде и многу забележителниот ремикс за прекрасната песна „My Life Is Going On“. Настапи на овогодишниот „ЕГЗИТ“ фестивал, на Главната бина Горки Лист, и во таа прилика уште еднаш го потврди својот статус на мега-ѕвезда која создава атмосфера и енергија за илјадници и илјадници луѓе.
Констракта беше првото најавено име на ова ново издание на „Get EXITed“ настанот. Една од најисклучителните музичарки од нашите простори и пошироко, го освои целиот свет со песната „In Corpore Sano“, што фрли заслужено светло на нејзината генијалност. На оние кои претходно не ја следеле нејзината самостојна работа им донесе целосно освежување и автентичност, но и изненаденост. „In corpore sano“ е дел од проектот „Triptih“, во кој се и песните „Nobl“ и „Mekano“, а авторка на сите текстови е Констракта. Следуваше уште еден триптих – „Evo, obećavam“, кој ја потврди посебноста на Констракта и нејзиниот тим, како и високите визуелни и музички стандарди кои ги поставија, со испраќање на силни и освестувачки општествени пораки.