Македонија
Шекеринска од Братислава: НАТО го одржа зборот кон Северна Македонија, сега е на ред ЕУ
Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска учествува на престижниот ГЛОБСЕК-форум во Братислава, каде што зборуваше на панелот на тема „ НАТО на 80“.
Говорејќи за тоа како може да се опише дејствувањето на алијансата во досегашната историја, министерката истакна дека тоа може да се сумира во еден збор – брзина, особено кога станува збор за Балканскиот Регион.
„Како некој што изминатите години беше надвор од алијансата, најверојатно повеќе го цениме нејзиниот успех отколку што се грижиме за нејзините слабости. Од нашето искуство како земја, а и лично, двапати видов како НАТО функционира, и во време на криза и во време на можности. Во 2001 година видовме како НАТО ја презема одговорноста и презема акција. Тоа беше направено навремено, со вистинските мотиви, со вистинските политички инстинкти и со вистинскиот партнер – ЕУ. Комбинацијата на мерки, потези и политики успеа и да и помогне на мојата земја“, рече министерката. Додаде дека ние го цениме тоа што НАТО го нуди – стабилност, просперитет и систем базиран на вредности.
Министерката истакна дека на подготвеноста на нашата земја да ги реши своите проблеми со соседите, и НАТО одговори со подготвеност да го придвижи процесот за членство на Северна Македонија во алијансата. Таа посветеност на овој процес, рече таа, може да се види и преку брзите ратификации на пристапниот протокол за членство на нашата земја во НАТО.
За придонесот и посветеноста на САД на Балканот, министерката рече дека сега таа е повеќе од видлива. „Во моментот над 1.500 американски војници, кои со нашите војници и војници од 5 други земји членки на НАТО, ја одржуваат најголемата воена вежба што Република Северна Македонија ја имала на своја територија“, истакна Шекеринска.
Во контекст на односите НАТО – ЕУ, Шекеринска ги истакна двете главни стратегиски цели на државата – членството во овие две организации и додаде дека резултатите се највидливи кога тие работат заедно.
„Она што ние го имаме видено во нашата историја е дека вистинските резултати доаѓаат кога овие две организации, кои се базирани на истите вредности и истите стратешки цели, соработуваат добро. Во историјата на нашата земја и нашиот регион, секогаш кога ова партнерство функционирало, сите се чувствувале подобро и побезбедно. Нам ни треба силен и јасен НАТО со иста мисија, но ни треба и ЕУ, која ќе презема одговорност за својот континент, и тоа не само во однос на одбраната“, рече министерката.
Шекеринска истакна дека ја очекува одлуката на Европскиот совет, која треба да биде донесена за почнувањето на преговорите со Република Северна Македонија наведувајќи дека тоа што нашата држава му го даде на регионот и на ЕУ е еден од малкуте успеси што произлегуваат од покажаната храброст, но и поддршката и од НАТО и од ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

