Македонија
Заев и Филипче: Обезбедуваме достоинствени услови и современи медицински услуги
Претседателот на Владата, Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче денеска ја посетија Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, во комплексот клиники „Мајка Тереза“, во Скопје.
Посочувајќи дека после неколку децении просториите на клиниката се целосно реновирани, како и дека комплетно е обновен хируршкиот инструментариум, како и дел од опремата, Заев истакна дека во континуитет пациентите добиваат врвни медицински услуги, во линија на најновите светски стандарди во современата пластична и реконструктивна хирургија.
„Покрај тоа, денеска тимот на пластични хирурзи на клиниката, под водство на професор доктор Оскар Азман од медицинскиот универзитет „Allgemeine Krankenhaus“ (Алгемајне Кранкенхаус), од Виена, Австрија, којшто истовремено е и визитинг професор на Медицинскиот факултет во Скопје, за прв пат извршија сложен оперативен зафат“, рече Заев.
Премиерот додаде дека Владата на Република Северна Македонија, заедно со министерството за здравство ги реализира клучните заложби, односно за сите граѓани стануваат достапни најсовремените здравствени услуги.
„Заедно со министерството за здравство посветено креираме модели коишто ќе обезбедат одржлив јавен здравствен систем. Зачувувањето и заштитата на здравјето на нашите граѓани, за нас како општество коешто се стреми кон одржлив развој, се врвен приоритет“, заклучи Заев.
Помеѓу останатите придобивки, како што рече министерот за здравство, Венко Филипче, со реновирањето на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, се исполнети сите услови за спречување на интрахоспитални инфекции согласно стандардите на Светската здравствена организација. Дополнително, додаде министерот Филипче, „воведени се нови процедури кои се во чекор со современата медицина, а се подржани од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување“.
„Секој граѓанин има право на достоинствен и современ здравствен третман. Нашите секојдневни заложби и активности се насочени кон создавање на услови за исполнување на ваквата цел. Во тој процес важна е посветеноста на сите чинители во здравствениот систем. Денес сум многу горд бидејќи заедно со моите колеги – хирурзи и останатиот персонал од Универзитетската клиника за пластична хирургија покажавме дека секоја идеја може да стане реалност, ако сме доволно решителни, посветени и упорни да ја постигнеме. Така и ќе продолжиме во иднина“, истакна министерот за здравство,.
Истовремено, денеска на клиниката еминентниот пластичен и реконструктивен хирург, проф. д-р Оскар Азман од „Allgemeine Krankenhaus (АКН)“ медицинскиот универзитет од Виена, Австрија изведе комплексна операција на слободен трансфер на ткива од долен на горен екстремитет. Со оваа операција, во втора фаза, треба да се овозможи поставување на бионичка рака кај пациент кој бил повреден во сообраќајна несреќа, а којшто досега бил повеќепати опериран во неколку клиники во Европа
Директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д- р Софија Пејкова, во својата изјава за медиумите истакна дека установата е темелно реновирана. Дополнително, како што рече д-р Пејкова, во насока на следење на современите хируршки стандарди и методи, обновен е комплетниот хируршки инструментариум, апаратурата за електро хирургија, неуростимулација и друга специфична апаратура, со што третманот на пациентите и квалитетот на услугата е подигнат на високо ниво согласно највисоката медицинска пракса.
„Наш врвен приоритет е да обезбедиме услови што ќе овозможат воведување на нови современи процедури и создавање на критериуми што ќе ни овозможат изведба на специфични хируршки интервенции. Така нашите пациенти ќе добијат врвен третман, на ниво како во која било друга современа клиника надвор од земјава, вбројувајќи ја нашата институција во еден од водечките универзитетски клиники во регионот“, додаде д-р Софија Пејкова, директорка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, при комплексот клиники „Мајка Тереза“, во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР апелира до возачите да внимаваат поради маглата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел до сите учесници во сообраќајот крајно внимателно да ги управуваат своите возила во услови на намалена видливост, како и воопшто да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол на предновогодишни забави и семејни веселби.
Оттаму информираат дека на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје во периодот од 15 до 20 декември биле констатирани 53 сообраќајни несреќи и дека сообраќајните контроли на полицијата продолжуваат со несмален интензитет.„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, велат од МВР.
Од Министерството се осврнуваат и на активностите што се преземаат против употребата на пиротехнички средства. Мерките, велат, се спроведуваат со засилена динамика, имајќи го предвид фактот дека употребата на овие опасни средства е карактеристична за периодот околу Нова година.
Целта, додаваат оттаму, е да се зголеми свеста кај младите, но и кај нивните родители, дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето.
Македонија
Кисела Вода со прочистувачи ќе го чисти воздухот во градинките
Во градинките на територијата на општина Кисела Вода се поставуваат прочистувачи за воздух. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, ја посети градинката „Синоличка“ при ЈДГ „Весели цветови“, една од градинките каде што веќе се поставени прочистувачи.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, при посетата, таа разговарала со вработените за значењето на оваа мерка, која директно придонесува за подобрување на условите за престој, како и за заштита на здравјето и благосостојбата на најмладите.
Покрај во градинките, прочистувачи за воздух се поставени и во спортската сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, како и во ПОУ „Кузман Јосифовски – Питу“.

-Оваа активност е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за создавање почиста и поздравa животна средина, особено во објектите каде што секојдневно престојуваат деца и млади. Општина Кисела Вода и претходно презеде низа конкретни чекори во оваа насока, посочуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека прочистувачи за воздух биле поставени во сите училници во сите основни училишта на територијата на општината, како и во поголемите паркови, со цел да се подобрат условите за престој и секојдневно функционирање на граѓаните.
-Грижата за здравјето на нашите најмлади е еден од нашите највисоки приоритети. Со поставувањето на пречистувачи за воздух во градинките, училиштата и спортските објекти, создаваме поздрави услови за престој и развој на децата. Ова е дел од стрстегијата на Општина Кисела Вода за почиста животна средина и за подобар квалитет на живот за сите наши сограѓани, заложба од која нема да отстапиме, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Откажани и одложени повеќе летови на Меѓународниот аеродром Скопје
Маглата го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб страница, има повеќе откажани и одложени летови.
На официјалната страна на Меѓународниот аеродром Скопје, од утринава откажани се летовите Истанбул, Измир, Венеција и Љубљана, како и повеќето полетувања.

Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, вчера од 00:00 часот до 18 часот, како што информираа од ТАВ Македонија имло 16 откажани и 11 пренасочени летови, додека три авиони слетале и три авиони полетале после пладне, кога се подобриле временските услови.

