Економија
(Видео) Обезбедени 38 милиони евра за 202 проекти за рурален развој

Преку Програмата за рурален развој, која се спроведува од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, од буџетот обезбедени се финансиски средства од околу 38 милиони евра, за реализација на 202 проекти во сите општини и плански региони. Власта порача дека со овие средства директно ќе се овозможи подобрување на условите за живот во малите општини и руралните средини.
Денес во Владата, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, доделија решенија од Програмата за рурален развој на дел од општините и планските региони.
Анѓушев потенцираше дека реализацијата на оваа програма е дел од заложбите на Владата за постигнување на рамномерен регионален развој и подобрување на условите за живот граѓаните во сите населени места во државата.
„Преку реализација на 202 проекти се планира изградба и реконструкција на патишта кои поврзуваат населени места, патишта и улици во самите места, уредување на туристички дестинации и излетнички места, канализациони и водоводни системи, како и уредување на пазари во определени места“, потенцираше Анѓушев.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочи дека со денешното потпишување на решенијата се заокружува целата процедура и општините можат да пристапат кон спроведување на јавни набавки и склучување на договори за почеток на градежните работи за проектите.
„Програмата за рурален развој си го наоѓа своето место, а средствата од граѓаните надвор од она што го правиме во делот на ИПАРД ќе се слеваат во општините односно ќе бидат за капитални инвестиции коишто се потребни за граѓаните, за локалната самоуправа и за руралните средини, коишто ќе придонесат во делот на развојот на економијата, на земјоделството во регионите. Ова се дополнителни 38 милиони евра коишто ќе бидат инвестирани во капитални инвестиции за потребите кои се најважни за граѓаните“, изјави министерот Николовски.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, појасни дека во изминатиот период имаше континуирани состаноци со сите градоначалници, се со цел, проектите кои ги доставуваат да бидат квалитетни и соодветни на програмата како и да ги имаат сите потребни документи.
„Сега е ред општините согласно инвестицијата да предвидат јавна набавка, да го предвидат трошокот во буџетите, одлуките да се изгласаат на Советот на општината, по што ќе ги распишат тендерите за набавка на потребните материјали за реализација на инвестицијата. Општините имаат можност да користат 20% аванс откако ќе потпишат договор со Агенцијата за финансиска поддршка. Вкупната сума ќе им биде исплатена откако ќе го платат данокот за доддадена вредност на реализираната инвестиција и до АФПЗРР ќе достават комплетната документација за реализираниот проект“, изјави Бабовски.
Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, истакна дека преку средствата кои се доделуваат од оваа Програма, општината планира реализација на два проекти, од кои едниот е за изградба на локален пат со кој градот подобро ќе се поврзе со шарпланинските села, додека другиот е за урбанизација и адаптација на Тетовски бањи, односно стимулирање на туризмот. Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов посочи дека со обезбедените средства, општината ќе изгради и реконструира локални патишта со кои ќе се подобрат условите за живот на повеќе од 50 семејства и ќе се овозможат подобри услови за развој на земјоделството во општината.
Проектите за кои се обезбедени средства ќе се реализираат во наредните 3 години, а во периодот кој следи, секоја од општините ќе распише процедура на јавна набавка, по која следува потпишување на договор со економски оператор, потпишување на договор со АФПЗРР, како и подигнување на 20% аванс од вкупната вредност на проектот од страна на економскиот оператор. По завршување на целиот проект заедно целокупната документација се доставува до АФПЗРР, по што Платежната Агенција го исплаќа целиот износ, по што средствата одат на сметка на економскиот оператор. Целта на оваа Програма не е да општините дополнително да бидат отоварени, туку да бидат помогнати од страна на централната власт во насока на рамномерен регионален и рурален развој на територијата на целата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
600.000 евра за модерна и дигитална преносна мрежа во Македонија: потпишан грант-договор меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD)

Во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија денес се одржа свечената церемонија на потпишување на Грант-договорот меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (AFD), со што се означува континуитетот и продлабочувањето на техничката соработка насочена кон поддршка на модернизацијата на националната преносна електроенергетска мрежа.
Настанот се одржа во присуство на Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини; Кристоф Ле Ригољер, амбасадор на Франција во Република Северна Македонија; Бурим Љатифи, Генерален директор на МЕПСО; Вероника Милевски, извршна директорка на RTE International; Франсоа Винс, заменик-директор на Канцеларијата на AFD за Западен Балкан, како и гости од енергетскиот сектор.
Овој грант во вредност од 600.000 евра овозможува насочена техничка помош за унапредување, модернизација и дигитализација на преносната мрежа – суштински чекори за обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија, намалување на техничките загуби, зголемување на ефикасноста на системот и подготовка на МЕПСО за растечкиот удел на обновливи извори и интеграцијата на регионалниот пазар.
Проектот е фокусиран на четири клучни области:
· изработка на студии за адекватност на системот со користење на пазарниот симулатор ANTARES,
· димензионирање на системските резерви,
· воспоставување методологија за пресметка на преносни загуби и изработка на студија за изводливост,
· како и подготовка на концептуален дизајн за дигитализација на трафостаница.
Во рамките на проектот, експерти од RTE International – подружница на францускиот оператор на преносниот систем RTE – веќе одржаа обуки за инженерите на МЕПСО за користење на симулаторот ANTARES, со што се унапредуваат нивните технички и аналитички капацитети за поефикасно управување со системот во сè подинамичен електроенергетски пазар.
Во своето обраќање, министерката Сања Божиновска ја нагласи важноста на ова партнерство за изградба на современ и отпорен енергетски систем:
„Денес го потврдуваме партнерството што го зајакнува нашиот пат кон модерен, сигурен и достапен енергетски систем. Техничката помош од Француската агенција за развој ќе му овозможи на МЕПСО да ја забрза модернизацијата и дигитализацијата на мрежата, да го подобри планирањето и работењето и поефикасно да ја управува променливоста што произлегува од поголемото учество на обновливите извори и динамиката на пазарот. Понапредна и попаметна мрежа значи помалку прекини, подобро искористување на чиста енергија, посилни регионални врски и поголема отпорност на системот – без разлика дали станува збор за временски услови, флуктуации на побарувачката или пазарна нестабилност.“
Генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи, го истакна посветеното ангажирање на компанијата кон техничка извонредност и дисциплина во реализацијата:
Проектот, како што нагласуваат од министерството, ќе продолжи со нови активности за градење капацитети и техничка поддршка, со што ќе се овозможи примена на напредни технологии и аналитички модели за управување со преносниот електроенергетски систем на Северна Македонија.
Економија
Гувернерот Славески учествува на годишните средби на ММФ и на Светската банка

Делегација предводена од гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), коишто ќе се одржат оваа седмица во Вашингтон, САД. Во составот на делегацијата на Народната банка се и вицегувернерката Емилија Нацевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска. Во рамките на Годишните средби, гувернерот Славески, вицегувернерката Нацевска и советничката Стојчевска ќе одржат состаноци со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски институции.
Економските состојби и предизвиците во контекст на геоекономските тензии и ефектите од трговскиот протекционизам, финансиската стабилност и монетарната политика се дел од темите коишто ќе бидат обработени на предвидените работни средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Јерун Клик, и заменикот на извршниот директор, Марникс ван Рај. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерот, ќе оствари средби и со претставниците на одделите за статистика, за правни работи и за монетарните и капиталните пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на кои ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Делегацијата ќе оствари средби и со високи претставници на Светската банка, односно со потпретседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
На маргините на средбите, гувернерот Славески ќе го потпише писмото за намери за остварување на проектот за клонот на ТИПС. Овој систем ќе ги унапреди брзината, сигурноста и ефикасноста на финансиските трансакции и значително ќе ги намали трошоците и ќе ги поедностави секојдневните финансиски активности преку извршување инстант плаќања во реално време 24 часа дневно, седум дена во неделата.
Годишните средби на ММФ и СБ се платформа на која првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки соработуваат и разговараат за повеќе суштински теми, како намалувањето на сиромаштијата, меѓународниот економски развој и финансии, развојот на човечкиот капитал и зајакнувањето на отпорноста и одржливоста.
Економија
Концесијата за „Пискупштина“ во Струга еднострано раскината

На последната седница, Владата, на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, еднострано ја раскина концесијата за рудникот за експлоатација на јаглен на локалитетот „Пискупштина“ во Струга. Истовремено, констатиран е престанок на важењето на уште четири концесии кои се истечени.
Од Министерството информираат дека одлуките следат по сериозни пропусти на концесионерите во исполнувањето на законските обврски.
Во случајот „Пискупштина“, инспекцискиот надзор утврди дека концесионерот вршел експлоатација надвор од дозволеното поле, што претставува директно прекршување на договорот и законот. Жалбите од жителите на селото Пискупштина доведоа до детален инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за енергетика и рударство, кој ја потврди неправилноста.
Ова е втора еднострана раскината концесија за само неколку недели. Претходно беше донесена одлука и за раскин на концесијата за експлоатација на варовникот „Лавинчеви“ во Општина Гази Баба.
Компанијата не обезбедила минимална експлоатација од 20% – односно 25.000 тони годишно – и за три години практично нема активност, а не е исплатен ниту концесиски надоместок. Долгогодишниот прекин на активностите и непочитувањето на законските обврски беа потврдени со вонреден инспекциски надзор.
„Министерството и Владата испраќаат јасна порака: секое несовесно користење на природните ресурси ќе се санкционира, а заштитата на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните е приоритет. Сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки, а одговорното и одржливо управување со природните ресурси останува стратешка цел на државата. Владата и Министерството нема да толерираат несоодветно користење на природните ресурси, а здравјето и безбедноста на граѓаните остануваат на прво место“, нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.