Македонија
СДСМ: Мицкоски навива за неуспех на државата и чека награда од Груевски

Христијан Мицкоски заедно со неговите соработници Тања Каракамишева и Александар Николовски навиваат за неуспех на нашата татковина, велат од СДСМ како реакција на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој кажа дека нема да има датум за преговори со ЕУ, затоа што власта нема резултати.
Според владејачката партија, Република Северна Македонија чекори кон интеграција во ЕУ и полноправно членство во НАТО.
„Додека државата прави сериозни реформи кои се признаени и вреднувани и во најпозитивниот извештај на Европската комисија, Мицкоски веројатно чека награда од Никола Груевски, за посветената одбрана на неговиот криминал“, се наведува во партиското соопштение.
Во него се додава дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски остануваат заглавени во матрица на деструкција, криминал и антидржавно однесување, но, како што се вели, нема да успеат да ја вратат државата назад во темното минато.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Две средни училишта во Скопје добиле дојави за бомби

Во две средни училишта на територијата на Скопје утрово стигнале дојави за поставени бомби.
Од полицијата информираа дека биле извршени сите потребни проверки и се работело за лажни дојави.
Македонија
Четворица повредени во пожарот во Кочани ќе бидат отпуштени од болницата во Софија

Четворица пациенти, кои се лекуваат во болницата „Пирогов“ во Софија, Бугарија, денеска ќе бидат отпуштени од болница, изјави Маја Аргирова, раководител на Клиниката за изгореници и пластична хирургија. Сите четворица се во добра состојба.
„Дадени се инструкции, во тек е лабораториско следење на нивната клиничка состојба, а во зависност од нивната состојба, ќе се проценува евентуална нова хируршка фаза“, додаде таа.
Во софиската болница на лекување остануваат уште четворица други пациенти.
Во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март загинаа 61, а речиси 200 лица беа повредени. Некои од повредените се пренесени на лекување во други земји. Во Бугарија се хоспитализирани 16 повредени – од нив, осум во болницата „Пирогов“ и по тројца пациенти во болниците во Пловдив и во Варна.
Македонија
Гаши: Ромската заедница дава огромен придонес за културниот и за општествениот живот во државата

Ромската заедница со својата култура, јазик, музика и обичаи дава огромен придонес за културниот и за општествениот живот во нашата држава. Таа е важен и нераскинлив дел од нашето заедничко наследство, кое го прави нашето општество побогато и поразновидно, пишува во честитката на претседателот на Собранието, Африм Гаши, за 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.
„Овој ден е посветен на одбележување на богатата култура, уникатната традиција и долгата и значајна историја на ромскиот народ во светот. Истовремено, овој ден служи и како важен потсетник за сите нас за неопходноста од поголема социјална инклузија, еднакви можности и почитување на човековите права за секој граѓанин“, се наведува во честитката.
Како претставници на граѓаните, вели Гаши, имаме обврска и одговорност континуирано да работиме на унапредување на правата и положбата на ромската заедница обезбедувајќи еднакви можности и услови за достоинствен живот на сите наши сограѓани.
„Нашиот заеднички стремеж треба да биде општество во кое различностите се почитуваат, каде што секој поединец има можност да го достигне својот целосен потенцијал и каде што сите ние живееме во слога, почит и меѓусебно разбирање. Нека овој празник нè обедини во идејата за праведно и еднакво општество и нека биде поттик за сите нас да продолжиме да работиме со уште поголема посветеност кон подобра иднина за сите“, пишува во честитката од Гаши.