Македонија
Спасовски и Бабиш ги посетија чешките полицајци на јужната границa
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и премиерот на Чешката Република, Андреј Бабиш, денеска го посетија транзитниот центар „Винојуг“ и имаа средба со чешките полициски службеници кои ѝ помагаат на нашата полиција на јужната граница.
„Сакам да нагласам дека поддршката што Чешката Република ни ја даде за време на миграциската криза, како и справувањето со последиците од неа, е од непроценлива важност. Би сакал во оваа пригода да се заблагодарам за присуството на чешките полициски службеници, кои учествуваат во заедничките активности со нашите полициски службеници за зајакнат надзор и контрола на јужната граница“, рече министерот Спасовски.
Од почнувањето на проектот за зголемена контрола и надзор на јужниот дел на нашата државна граница до 4 август 2019 година бројката ќе достигне 1.054 чешки полициски службеници, распределени во 27 контингенти, и ќе продолжи до крајот на 2019 година, односно до почнување на активностите за поголем надзор на државната граница со ФРОНТЕКС.
„Професионализмот и искуството што чешките полициски службеници несебично ги споделуваат со своите македонски колеги заслужуваат голема почит и за нас се од непроценливо значење. Чешката Република е најголем поддржувач на Република Северна Македонија и направи многу за да ѝ помогне на нашата држава во справувањето со миграциската криза, а во таа насока сакам дополнително да се заблагодарам за доделените донации за справување со последиците од миграциската криза“, рече Спасовски.
Владата и Министерството за внатрешни работи на Чешката Република донираа материјално-технички и финансиски средства во висина од 4.000.000 евра, распределени во 6 донации, заедно со последната донација во висина од речиси милион евра.
Премиерот Бабиш ја потенцира одличната соработка меѓу двете држави и особено меѓу двете полиции.
„Би сакал да ѝ се заблагодарам на Република Северна Македонија за тоа што го направи и го прави во спречувањето на нелегалната миграција. Присуството на нашите полициски службеници тука ја покажува нашата солидарност и мило ми е што за нив слушам само добри зборови“, рече премиерот Бабиш потенцирајќи дека Чешка и во иднина ќе ја поддржува Република Северна Македониja.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: СДСМ ќе побара намалување на цените на патарините
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, најави дека СДСМ во наредниот период ќе предложи повеќе законски решенија за помош на граѓаните, меѓу кои ќе има и законско решение за намалување на цените на патарините, како дел од поширок пакет мерки за олеснување на трошоците на граѓаните.
„Во следните недели ќе излеземе со предлог на повеќе закони согласно нашите вредносни политики од повеќе области, со што во еден од законите ќе побараме и намалување на цените на патарините, како уште еден механизам да им се излезе во пресрет на граѓаните“, рече Филипче.
Филипче оцени дека цените на патарините во земјава се неразумно високи и не се споредливи со оние во регионот и Европа.
„Вакви цени на патарини во државава нема никаде, ниту во регионот, ниту во Европа. Во високо развиените европски земји годишно се плаќа цена на патарина, користење на патиштата ширум државата толку колку што кај нас чини едно движење од тука до некој од граничните премини, до Гевгелија на пример“, рече Филипче.
Македонија
Божиновска – Колумбија: Продлабочување на соработката за зелена транзиција и јакнење на жените и младите
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со Рита Колумбија, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија.
На средбата беше разговарано за унапредување на соработката во рамки на Рамката за соработка меѓу Северна Македонија и Обединетите нации за одржлив развој 2026–2030, со посебен фокус на приоритетите поврзани со енергетската транзиција, климатската акција, заштитата на животната средина и одржливото управување со природните ресурси.
Посебно внимание беше посветено на Стратешкиот приоритет „Отпорно и зелено општество и екосистеми“, кој предвидува јакнење на институционалните капацитети, унапредување на климатската отпорност, намалување на ризиците од катастрофи и промоција на чиста и одржлива енергија.
Министерката Божиновска истакна дека Министерството останува силно посветено на исполнување на националните и меѓународните обврски во рамкии на енергетската транзиција и праведниот развој, нагласувајќи ја важноста од партнерството со меѓународните организации како клучен поддржувач на реформските процеси.
Во рамки на средбата беше нагласена и досегашната активна соработка меѓу двете институции и заедничките активности на министерката Божиновска и постојаната координаторка на Обединетите нации, Колумбија, во насока на јакнење на улогата на жените и младите во креирањето политики и лидерството во енергетскиот сектор.
Двете соговорнички се согласија дека инспирирањето и охрабрувањето на младите и жените да бидат двигатели на промените претставува основа за одржлив развој.Дополнително, беше разговарано за можностите за реализација на нови заеднички проекти и иницијативи и во иднина.
Македонија
Објавен јавен повик за субвенции за чистење на оџаци во Општина Гази Баба
Објавен е јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за чистење на оџаците во своите домаќинства, објави градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Загадениот воздух е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме. Со редовно чистење на оџаците се овозможува подобро согорување на огревното дрво, намалување на штетните честички ПМ10 и ПМ2.5, поголема заштита од пожари и зачувување на животната средина“, вели Стефковски.
Висината на субвенцијата е 1.200 денари по домаќинство.
Право на учество имаат жители на општина Гази Баба; Домаќинства со исчистен оџак во периодот од објавата на повикот до 30.11.2026; Со фискална сметка и потврда од овластена фирма.
За аплицирање потребно е да се достави барање со потребната документација во архивата на Општина Гази Баба, ул. „Архимедова“ бр.2, секој работен ден од 07:30 до 16:30 часот.
Повеќе информации и формулари на линкот од јавниот повик.

